Ваква младина! Интервју со Леа (17) од Скопје која е првенец на генерација и волонтер во Црвен крст – цел ѝ е да им помага на луѓето
- Детали
- недела, 17 јули 2022
Дека младите сили се нашата светла иднина, овојпат ни докажува Леа Манева (17) – првенец на генерација во СУГС „Никола Карев“, а потоа и голем хуманитарец. Од повлечено дете кое малку зборува, таа денес е повеќегодишен волонтер во Црвен крст кој непрекинато се вклучува во проектите со лица со попреченост, лица од социјално-загрозени семејства, лица со потешкотии во учењето...
Леа Манева на свои 17 години високо ја рангира општествената вредност на хуманоста и неуморно се докажува преку своите хумани дела. Чувството да помогнеш некому е непроценливо, а Леа вели дека секојдневно живее со тоа задоволство кое не би го заменила за ништо на светот.
фото: Град Скопје
За CRNOBELO.com Леа говори за нејзините волонтерски почетоци, деталите за проектите и активностите во Црвениот крст, како и нејзините лични искуства:
Пред колку време и како го започна твоето волонтерско искуство?
Почетоците ми се во осмо одделение... Тогаш бев повлеченото дете кое не зборуваше многу, туку само ако мора.
Професорката по хемија ме „натера“ (за што многу сум ѝ благодарна) да се вклучам во изработка на некој проект преку Црвен крст. Изработував мал проект за добробит во заедницата преку националната програма „ЦКА-ПХВ“ или „Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности“.
Проектот го реализирав успешно и бев навистина задоволна, но, тоа што најмногу ме привлече да продолжам со волонтирање во Црвениот крст беше проектот „Хуманко“.
Во истата, 2019 година, ми беше и првата активност - прошетка на Водно со лица со попреченост, лица од социјално-загрозени семејства, лица со потешкотии во учењето, како и деца и млади со типичен развој и волонтери од Клубот на млади на ЦКРСМ – ОО Карпош. Бев вчудовидена од реализацијата на оваа активност, како и од дружбата со децата таму.
Дојдов дома, се прибрав малку, иии... Единственото нешто што ми беше кристално јасно: сакам да се вклучам во овој проект со тогаш чудно име - „Хуманко“.
Во кои активности си вклучена?
Па, вклучена сум во скоро сите активности во Црвен крст Карпош. Секако, првично во активностите на Клубот на млади, кој е организациона поставеност каде волонтираат младите лица до 30 години.
Можам да издвојам дека најмногу ме привлекуваат активностите од социјално-хуманитарната дејност, организирањето на активности, работата со ранливи категории на лица, работата со волонтерите како и проектот „Хуманко“.
Кажи ни нешто повеќе за проектот „Хуманко“....
Проектот „Хуманко“ е проект на Клубот на млади на Црвен крст на РСМ – Општинска организација Карпош чија цел е подобрување на социјализацијата, поддршка во воспитно-образовниот процес, превентивна едукација, намалување на социјалната ранливост, зголемување на можностите за самостоен живот на деца и млади со попреченост, деца и млади со специфични и општи потешкотии во учењето и деца и млади од социјално-загрозени семејства.
Секако, тука влегува и подигнувањето на јавната свест кај младата популација за соодветен пристап кон децата и младите во ризик. Преку овој проект реализираме различни прошетки, посета на институции, настани, екскурзии, повеќедневни патувања, едукативни часови и многу други активности.
Но, најважно од сѐ, преку овој проект создаваме многу насмевки и пријателства. Заедно го рушиме стереотипот дека лицата со попреченост се различни од нас и дека треба да се одбегнуваат.
Сподели ни момент кој за тебе има посебно значење и е поривот секојдневно да оставаш парче од себеси во Црвениот крст...
Хмм, многу е тешко е да се одвои само еден момент... Веројатно посебно значење ми има летниот камп „Сите сме исти“ кој се реализира преку проектот „Хуманко“. Овој камп е целосно поддржан од донатори а организиран и реализиран од страна на тим од волонтери.
Кампот „Сите сме исти“ е можност за децата од ранливи категории да одат на летен одмор, кој не секогаш имаат услови да си го дозволат.
Камп со шатори, во кој учесниците имаат можност да стекнат вештини за во секојдневниот живот, чувство за почит кон другите, чувство за одговорност и тимски дух. Чувство на припадност и прифатеност. Место каде се свои и не се дискриминирани. Тука сите слободно можат да бидат она што се, и да ја истакнат најдобрата верзија од себе.
Кога децата ќе те гушнат, ќе ти кажат дека те сакаат, кога ќе те прашаат дали може да остананеме уште малку на кампот, кога ќе те прашаат дали и дома ќе јадат трипати на ден и дали алиштата ќе им мирисаат вака убаво и дома – тоа се моментите кои никогаш не се забораваат и секогаш те потсеќаат зошто го правиш ова. Тоа се моменти за кои вреди да дадеш дел од себе!