Наташа од Скопје е во брак со Кореец: „Го запознав онлајн, дојде до Македонија да ме види и ме чекаше 6 месеци да отидам таму“
Скап ли е животот таму?
Може да кажам дека Сеул е еден од најскапите градови во светот за живеење.
За Македонци е навистина скап. Првата година кога дојдов како студент морав да штедам навистина многу, но сега бидејќи работам и имам плата можам да си го дозволам животот тука.
Цената на кафето е од 120, па сè до 450 денари (во убаво декорирано кафуле обично ајс американо би било околу 350 денари, а најевтиното кафе во Старбакс е 200 денари).
Цените на месечната кирија почнуваат од околу 16.000 денари, па сè до 46.000 денари (и повеќе), а секако пред вселување се остава и депозит од 5.000, 10.000, 30.000 или повеќе долари.
Какви навики на поле на кариера имаат Корејците?
Јас работам парт тајм од 9 до 14:30 во градинка. Предавам англиски, се грижам за деца, преведувам документи и правам сè што ќе ми зададе шефицата.
Корејците се зависни од работата и сметаат дека мора да се работи напорно. Тие го слушаат зборот на шефот и не си одат од работа додека шефот не каже дека е дозволено.
Уште од училишните денови тие се спремаат и даваат сè од себе за да можат во иднина да се запишат на добар универзитет и да најдат добра работа.
Стандардот е висок затоа за сите е важно да земаат и висока плата.
Го научи ли јазикот? Дали е тежок, колку време траеше процесот?
Јазикот го научив уште првата година. Тежок е бидејќи е многу поразличен од македонскиот и англискиот. Припаѓа во друга семејна категорија и составот на реченицата е различен, како и начинот на изразување.
Но, за човек како мене, кој има интерес за азиската култура, учењето на јазикот беше предизвик, кој ми претставуваше задоволство.
Првата година во Кореја посетував интензивен курс (секој ден по 4 часа корејски јазик) и така по 6 месеци учење, почнав да зборувам со луѓе и да се дружам со Корејци, кои не знаат англиски.
Напредни ли се на поле на технологија? Некои нивни изуми со кои се среќаваш секојдневно…
Многу се напреднати на поле на технологија до степен нивниот живот да е олеснет.
На пример вратите од куќите немаат клуч. Сите (под сите сакам да кажам дури и стари врати, од стари куќи) се отвараат со бројче (лозинка).
Во јавни институции или при зачленување некаде, сè се одвива електронски, секој процес оди преку компјутер, во банки дури и кога се потпишуваме се потпишуваме на таблет а не на лист со пенкало.