Наташа од Скопје е во брак со Кореец: „Го запознав онлајн, дојде до Македонија да ме види и ме чекаше 6 месеци да отидам таму“
Каде го запозна твојот партнер?
Бјонгдо е од Сеул и се запознавме на многу интересен начин. Детално нашата приказна ја имаме раскажано во едно од нашите Јутјуб видеа „Како се запознавме“.
Но, на кратко, јас по една година престој во Кореја се вратив во Македонија и правев планови за повторно одење во Кореја. Во тој период преку онлајн апликација за размена на јазици се запознав со Бјонгдо.
Цело време се допишувавме и зборувавме на видеоповик. Сакавме што поскоро да се видиме, и бидејќи тој не можеше да дочека јас да отидам во Кореја, дојде прв да ме посети во Македонија точно 1 месец откако се запознавме.
Оттогаш сме заедно и на почетокот моравме да бидеме разделени, јас во Скопје, а тој во Сеул, но после 6 месеци јас отидов во Кореја и од тогаш сме постојано заедно.
Моментално сме во Македонија, си немав дојдено три години.
Какви се како љубовни партнери? Што прават поинаку од Македонците?
Корејците се романтични и ја покажуваат љубовта на секој можен начин.
Секако сите луѓе се различни, но повеќето би постапиле вака: Најпрво девојката ја третираат како принцеза, многу често го слушаат зборот на девојката, се облекуваат како што таа би сакала, прават/не прават работи кои таа ги кажува.
Надвор многу често може да се забележи како момчињата ги носат чантите на девојките (иако станува збор за мали чантички), тие не сакаат да дозволат девојките да чувствуваат напор.
Додека пешачат секогаш се држат за раце или се гушнати, а кога јадат во ресторан заедно момчињата знаат и да ги хранат девојките со цел да искажат љубов.
Но, нешто што не може да се види е бакнеж, колку и да се интимни никогаш не се бакнуваат во јавност.
Зошто вашата љубовна приказна е посебна?
Сметам дека нашата љубовна приказна е посебна бидејќи не беше лесна и едноставна нашата средба. По една година престој во Кореја јас се вратив во Македонија и иако правев планови за повторно враќање во Кореја, бев навистина тажна и депресивна бидејќи ја напуштив земјата што ја сакам и ништо не беше сигурно за моето враќање.
Токму во тој тежок период се појави Бјонгдо, кој беше решен да дојде да ме види, а потоа и да чека со мене 6 месеци дури јас отидам повторно за Кореја.
За мене тој беше како принцот од бајките.