Снежана Петкас, астролог: „Дневно правам 3 до 4 натални карти, жените најмногу ги интересира љубовта“
- Детали
- сабота, 11 јуни 2022
„Кога правам натална карта најчесто жените повеќе ги интересира љубовниот живот, додека мажите ги интересира работата и бизнисот. Ако видам нешто непријатно, правам психолошка процена на клиентот и внимавам како ги соопштувам работите од наталната карта“, вели астрологот Снежана Петкас од Скопје.
Снежана Петкас (44) од Скопје живее на релација Македонија – Грција. Таа се занимава со астрологија, но вели дека наредната година има план да започне со сопствен бизнис на Халкидики од сферата на хотелиерство и угостителство.
Таа ја изучува астрологијата веќе 15 години и ни открива дека има завршено студии кај најдобриот астролог по мудална астрологија во светот.
За нејзината професија и начинот на кој ги изработува наталните карти, Снежана открива за CRNOBELO.com:
Опиши ни како изгледа еден твој работен ден. Како го почнуваш денот?
Работниот ден ми започнува со следење на дневни астролошки случувања и подготовка за работа со закажаните термини на клиентите.
Во просек се 3 до 4 натални карти во денот каде што се сите со однапред закажани термини и сето тоа оди онлајн.
Што е Снежана во хороскоп? Дали си го „планираш“ своето секојдневие врз основа на хороскопот?
Јас сум Сонце во Рак со подзнак Јарец и Месечина во Вага. Во принцип не може да се планира меѓутоа може да се припази на некои астролошки случувања како што беше неодамна ретроградниот Меркур.
Секогаш кога е ретроградниот Меркур припазувам на некои работи да не ги правам, како потпишување на договори, започнување на нова работа, избегнувам патувања и секако внимавам во комуникација со луѓето.
Што сè ни открива една натална карта и колку често треба да се изработува? Кои податоци се потребни за изработка на истата? Колку време се изработува и дали има препорачана возраст на лице кое може да ја направи?
Наталната карта пред сè може да открие карактерни особини, слабости кај една особа. Што таа особа сака и на кој начин сака некои работи.
Може да се открие кога се погодни години за брак, семејство, започнување на бизнис, наоѓање на нова работа, кога се потешки години во неговиот живот, дали на некој му претстои развод итн.
Наталната карта треба да се изработува зависно од тоа што го интересира клиентот. Има повеќе натални карти: животна натална карта, годишна натална карта, споредбена – љубовна натална карта, бизнис натална карта. Има клиенти коишто соработуваат со мене секојдневно, тоа се тие бизнис натални карти каде што секојдневно се разгледува можноста и во кој период е најдобро да се направи некоја работа.
За изработка на натална карта потребни се личните податоци на раѓање, ден, месец и година на раѓање, точен час на раѓање и град каде сте родени. Наталната карта може да се изработи на која било возраст.
Што најчесто ги интересира луѓето кога доаѓаат да им направиш натална карта?
Секој различно се интересира зависно во каква животна ситуација се наоѓа.
Обично жените повеќе ги интересира љубовниот живот, додека мажите ги интересира работа и бизнис.
Што е ретрограден Меркур и зошто прави толкави промени во животот?
Периодот кога Меркур тргнува ретроградно е многу важен бидејќи во астрологијата Меркур го претставува човекот, оној паметен дел кај сите нас којшто размислува, комуницира и носи одлуки, а ретроградност означува враќање назад и промашување.
Кога овие две значења ќе се спојат се добива слика на погрешни заклучоци, одлуки, недоразбирање итн.
Дали навистина постојат компатибилности во љубовта според хороскопскиот знак и кој е најдобриот пар?
Во астрологијата, односно во наталната карта, на еден човек не се гледа на тој начин бидејќи тука не е важен само знакот бидејќи има многу планети коишто се поврзани.
Така што не може да се каже дека пример еден маж Бик му одговара жена Лав, бидејќи и во едниот и во другиот натал важно е каде е поставен Марс кај мажот, а Месечината кај жената.