Емакулате, Кенијка омажена за Македонец: „Мојата свекрва е незаменлива, македонските мажи не знаат да танцуваат“
Знаат ли Македонците да танцуваат?
Македонките знаат да играат, кога сме излезени можам да забележам дека играат многу убаво. Но, македонските мажи не знаат да играат воопшто, па дури и кога животот би им зависел од тоа, мојот сопруг е таков пример.
Можеби не сите, но 90% не знаат да играат. Можеби треба да отворам школа за танци и да поканам некои кениски мажи за да им покажат некои движења, бидејќи македонските мажи играат како комарци без ритам, но без разлика на сè јас ги обожавам.
Имаш ли пријателки од други земји, омажени во Македонија? Од каде и како ви изгледаат средбите?
Да, имам пријателки од други држави кои се омажени тука. Од САД и Јамајка. Кога сме заедно тие секогаш го вадат најдоброто од мене. Нашите излегувања секогаш се откачени на некој начин и го обожавам тоа, сите ние имаме малку „откачени“ карактери.
Многу се спонтани и забавни. Кога сме заедно секогаш се забавуваме одлично, танцуваме, се смееме. Се среќаваме на кафе, ручеци или вечерни излегувања само за девојки. Тоа се едни од моите омилени денови тука во Македонија.
Најубава традиција во Македонија ти е...
Моја омилена македонска традиција е за време на Велигденските празници, вапцувањето на јајца и кршењето вечерта со што се обележува крајот на постите.
Омилено место во Македонија ти е...
Македонија е многу убава земја која изобилува со многу убави места кои вреди да се посетат, но мое омилено место е Матка. Тоа место секогаш ми дава мир без оглед кога и да го посетам.
Ги сакам возењата со кајак, опкружена со прекрасна глетка и убаво свежо ветре.
Во Македонија најмногу те нервира...
Најмногу што ме нервира се возачите што свират на семафори уште пред да се запали зеленото светло. И возачите што возат брзо и ги прекршуваат сообраќајните правила.
Исто така и луѓето што пушат секаде и не се грижат дали можеби му пречат на некого, не сум против пушачите, но барем почитувајте ги непушачите.
Уште една работа која ми пречи е големиот број на луѓе што просат по улиците и те прават да се чувствуваш некомфорно понекогаш, посебно кога ќе видат дека не си од тука. Доаѓаат еден по друг и едноставно не можеш спокојно да се движиш. Дури и кога си седнат да пиеш кафе во некоја кафетерија или ресторан.