Алма од Велес: „Имам домашен миленик полжав - Гери живее во аквариум и обожава да се гали“
- Детали
- недела, 03 април 2022
„За неговото живеалиште, аквариумот, потребно е да нема предмети од коишто може да се повреди, не смее никако да се обложува со струготини, тие може да му нанесат повреди по телото. Исто така не смеат да се ставаат остри предмети. Неговиот сад за вода секогаш мора да биде полн“, раскажува Алма Кицара Куртова (28) од Велес за својот миленик – афрички албино полжав.
Алма Кицара Куртова (28) од Велес, по професија е медицински лаборант, но исто така се занимава и со музика и многу други активности. Таа има необичен домашен миленик – полжав.
Со неа проговоривме околу начинот на кој го чува и зошто токму ваков миленик.
Алма за CRNOBELO.com открива:
Како се одлучи да чуваш полжав како домашен миленик? Имаше ли некој член од семејството кој првенствено беше против?
Отсекогаш сум сакала во мојот дом да има животно, егзотично животно коешто можам да го чувам во аквариум.
Покрај чувањето домашни миленици, како маче, куче, сум чувала претходно и хрчак.
Многу долго време се размислував што да земам од егзотични животни да чувам дома, искрено отсекогаш сум сакала тарантула, тие ми се некако посебни, грациозни, и по природа сакам пајаци, но одговорноста за нив е многу голема, како и за другите егзотични животни, си бараат посебни услови.
Идејата за полжавот Гери (го доби името по познатиот полжав од цртаниот филм „Сунѓер Боб“) беше случајна.
На нашата велешка група „Дај не фрлај“, покрај многубројните хуманитарни акции коишто се одвиваат секојдневно, еден господин тој ден имаше објавено дека подарува полжав комплет со сè аквариум. Јас само што ја видов објавата, се заљубив, буквално љубов на прв поглед.
Не размислувајќи двапати, му се обратив веднаш на господинот дека јас сакам да го земам полжавот. Бев фасцинирана од неговата убавина и големина. Да напоменам дека и обичните полжавчиња секогаш сум ги гледала посебно, имам обичај кога е влажно надвор, да ги тргам од пат/улица за да не ги згазат.
Да се навратам на темата. Господинот веднаш се согласи да ми го донесе полжавот.
Дома бевме сами со мојата ќерка Инес која има неполни 6 години и ѝ кажав дека ќе имаме нов миленик дома, полжав. Ѝ ги покажав фотографиите и таа беше исто така многу радосна, па отидовме заедно да го земеме.
Кога го донесовме дома, ќерка ми донесе еден куп од нејзините играчки за да му ја украсиме куќичката, односно аквариумот, но и објаснив дека не можеме да ставаме меки предмети бидејќи ќе ги изгрицка, па најдовме неколку пластични играчки за декорација на неговата куќичка.
Најпрво што направив кога Гери стигна дома, беше чистење на аквариумот и секако запознавање.
Првично ми делуваше како исплашен, но кога почувствува дека нема никаква опасност околу него, почна да се шета по мојата рака.
Чувството беше прекрасно и ново за мене. Возбудливо. И за Инес исто така.
Кога го средивме аквариумот, го ставивме Гери во него за да си се адаптира на новиот дом, односно новата средина околу него, па му дадовме да јаде.
Немаше никој против од семејството бидејќи цело мое семејство ме знае од мали години дека јас ги сакам животните, но и тие исто така сакаат животни, па тоа не им беше ништо ново за мене.
Какви услови се потребни за да чуваш полжав? Навики, кога спие, како му изгледа секојдневието?
Полжавите по природа се многу чисти и бараат нивниот простор секогаш да е среден и чист. Јас секој ден го чистам аквариумот.
Тие бараат одредена температура која мора да биде помеѓу 20-28 степени.
Не е препорачливо да се пуши во просторија каде што живее полжавот и не смее да биде изложен на директна светлина во аквариумот или близу до него, како на пример ноќна ламба, сијалица итн.
Исто така мора да се обрати внимание на влажноста во просторијата.
Неговото секојдневие обично е многу мирно и хармонично. Секој од нас би требало да учи од полжавите за хармонија.
Тој е многу мирен, поголемиот дел од денот спие или се шета по својата куќичка и надвор од неа, но знаејќи дека тие се многу бавни, не можат многу да се оддалечат од местото од каде што се наоѓаат.
Најубавиот момент е кога ќе го земам во раце. Тогаш уживаме и двајцата.