Филип Костовски, чевлар: „Чевлите нема да се прошират ако ги ставите во замрзнувач – ќе се оштетат“
- Детали
- недела, 13 март 2022
„Најинтересна случка ми беше кога клиентка добила чевли од брендот Louis Vuitton на подарок од Дубаи, но ѝ дале различни броеви, лева 38-ца и десна 37-ца. Но, бидејќи многу ѝ значел подарокот, се нафатив и ја преправив цела чевла за да бидат пар со број 37“, раскажува Филип Костовски (32) од Скопје, кој повеќе од една деценија се занимава со чевларскиот занает.
Филип Костовски (32) од Скопје е млад чевлар, кој го обожава занаетот што го работи.
Постојано истакнува дека мора да ги негуваме занаетите и дека му е жал што сè помал број на малди луѓе се занимаваат со ова.
Во неговата чевларска работилница „Doctor Shoes“ тој прави чуда и на старите, износени чевли им дава нов живот. Ова го работи повеќе од една деценија.
Поразговаравме со него за да ни даде некои совети од искуството со чевларскиот занает:
Дали бебешката пудра навистина помага да исчезне лошиот мирис од чевлите?
Па може да се каже дека помага, но во некои случаи е лоша слика кога ќе ги соблечете чевлите на гости.
Доколку ни пукне ѓонот од чевлите, има ли спас? Може ли да се поправи на чевлар тој пар чевли?
Во одредени ситуации, односно во околу 80 проценти од случаите, може да се спасат, но најважно е прво да се процени правилно дали може да се спаси истиот ѓон со зајакнување со соодветна гума или истиот е потребно да се замени.
За, жал во некои случаи каде што е премногу оштетено нема спас.
Како се чистат белите флеки од сол од чевлите, кога во зима се фрла сол по улиците за топење на мразот?
Ох, солта е многу лоша за чевлите. Поголем проблем создава кај чевлите од природна кожа, каде остава траги и ја нагризува кожата.
Нивното соодветно чистење е само хемиски да се отстрани солта и потоа да се стави заштита (германска активна течност што ја имаме во нашата работлница).
Помага ли навистина ако ставиме во замрзнувач мали чевли и во нив ќесе со вода? Дали малку ќе се прошират?
Искрено тоа не е добро и нема ефект. Со тоа само може да ги оштетите или одлепите чевлите.
Постои ли друг трик како малку да ги прошириме чевлите што нè стискаат?
Да, има друг начин, постои машина за проширување до еден број и растегнување до половина број во должина, ние ја имаме таа машина и има ефект кај скоро сите чевли.
Имаме и додатни калапчиња за случаи кај што е проблем коската од палецот – појава што ја има кај повеќето жени, но и за тоа имаме решение.
Како правилно треба да се третираат кожените чевли за да не се уништат? Со што треба да се чистат? А со што е строго забрането?
Чевлите правилно треба да се чистат и чуваат на соодветно место, да не се допираат со други чевли во различни бои затоа што остануваат траги. Постојат средства за чистење чевли и кога купувате средства побарајте да ви објаснат како правилно треба да ги користите за да има ефект.
Повеќето чевли пред прскање и мачкање со боја треба да ги пребришете задолжително со влажна крпа, а никако со крема за раце и други несоодветни работи.
Денес барем има средства за преработена кожа на секој чекор.
Која е тајната за долговечноста на чевлите?
Најдобро е да се придржувате до упатството кое го пишува на кутијата и најважно да се чуваат на соодветно место.