Дечко од Белград во име на љубовта се пресели во Скопје: „Се вљубив во Бисера - напуштив работа и купив билет за Македонија“
Еден од најемотивните мигови беше кога му ја соопштив мојата одлука на брат ми. Го прифати тоа на прва, како да претчувствувал. А верувам дека и чувствувал, гледајќи ја мојата среќа тие денови.
Живеевме заедно, бевме браќа и другари, како што сме и сега, но сепак имаше многу солзи и емоции. Повеќето од радост и гордост, а не од тага.
И неговата поддршка, како и поддршката од сестра ми и мајка ми ми значеа многу. Како и поддршката од блиските пријатели.
Како деновите одминуваа, јас во компанијата си дадов отказ, го средив автомобилот, се распрашував за документи, полека почнав да се пакувам. Бев свесен дека правам голем чекор, го оставам семејството и пријателите и заминувам во друга земја.
Стравови, среќа, возбудување, сето тоа измешано.
Кога Бисера дојде за Нова година во Белград, се спакувавме, па Божиќ го минавме во Белград во кругот на моето семејство и држејќи се цврсто за рака се упативме кон Скопје. Во очите на нејзиното семејство и пријатели испаднав херој и џентлмен, што направив таков чекор и дојдов тука.
Од друга страна, јас бев горд на неа затоа што и за неа се промени животот од тој ден, односно од денот кога дојдов тука. Подготвени бевме двајцата дека нема да биде лесно да најдам работа тука и дека периодов е тежок и поради пандемијата, нешто слично како и во Србија. Но, бевме свесни за сè и се подготвивме за тежок почеток. Колку и да беше тешко, многу луѓе околу нас инспириравме дека некогаш е добро да се излезе од комфор зоната, од рутинскиот живот и да се направи радикален чекор и промена, особено кога тоа е во име на љубовта.
Луѓето често знаат да прокоментираат „Од љубов не се живее“, но ние не се водиме од тоа и знаеме дека во животот не може сè да биде совршено. И знам луѓе кои немаат ништо освен пари. И тоа не е среќа.
Овој месец од кога сум во Скопје, го работам тоа што го сакам. Шетам низ градот, фотографирам, пишувам за местата кои ги фотографирам, готвам, запознавам луѓе, најдов своја омилена радиостаница ФМ „Бубамара“, слушам плочи.
Засега не сум стекнал пријатели, но запознав многу добри луѓе. Знаејќи се себеси колку сум отворен и комуникативен знам дека брзо ќе стекнам пријатели. План ни е да останеме во Скопје, сега сум во потрага по работа и ќе дадеме сè од себе за да успееме тука.
И уште нешто кое можеби не сум ѝ го кажал на Бисера… Порано на свирки во Белград кога ќе ја чујам песната „Македонија“ или некоја песна од Тоше ми се насолзуваа очите. Дали е тоа од пивото или помислата на добрите и топли луѓе, доброто вино и храна, како и квалитетните музичари не знам, но можеби не сум свесен, а се преселив тука поради луѓето, убаво ми е!
Секогаш го имам Белград како опција, но се водам од тоа дека најважно е со кого си, а не каде си.
И моја порака за крај: „Сакајте се луѓе, затоа што љубовта е лек за многу вируси“.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело