Вероника, Русинка мажена во Скопје: „Љубовта ме донесе тука пред 14 години – обожавам ајвар и греана ракија“
Дали некој од твоето семејство те има посетено во Македонија? Како реагираа на твојата одлука да се преселиш тука?
Моите родители (мајка и баба) секако, имаат дојдено тука, мајка ми доаѓа често и многу ја сака Македонија, посебно тоа дека живееме во куќа со голем двор и таа може цел ден да го поминува надвор, што многу ја прави среќна.
На почетокот им беше тешко на моите да прифатат дека ќе се преселам, но после од кога сфатија дека сум среќна овде, им олесна.
Колку навиките на Македонците се поинакви од навиките на Русите?
Најпозната навика овде „Ај ќе тркнам до… “ е многу е чудна, затоа што тоа може да биде и по 5 пати на ден. Кај го има тоа освен во Македонија?
На кафе, кај пријател, до продавница, до кај соседот, секогаш има повод Македонецот да излезе од дома, во Русија го нема тоа.
Какви се Русите во браковите и љубовните врски, а какви Македонците?
Мислам дека тоа зависи од човекот, ама како пример можам да кажам дека во Русија мажот ѝ купува постојано цвеќе на жената, без повод, онака во знак на внимание, цвеќарниците во Москва работат 24/7 и се наоѓаат буквално на секој чекор.
Кога дојдов овде ми беше многу чудно дека за роденденот мажот може да не ѝ купи ништо на жената, и тоа е нормално, жената не се лути, во Москва тоа може да биде повод за голема кавга.
Колку сме исти, односно различни како менталитет?
Како менталитет сме доста слични, повеќе разликата е во традициите, ми требаше повеќе време да ги научам сите адети и верувања. Мислам дека за тоа може да се напише цела книга, посебен народ се Балканците, ги одржува тоа во што веруваат, ама ако го изгубат тоа тогаш нема да бидат тие што се.
Кога ќе ме праша некој какви се Македонците, јас им велам да ги гледаат филмовите на Емир Кустурица, затоа што со 2 збора многу тешко да се опише Балканскиот народ.
Би можела ли да се замислиш некогаш повторно да живееш во Русија?
Ако треба, секако, ќе живеам во Русија, но јас сум голем патриот на Македонија, ја сакам со целото срце и душа, тоа е ми е дом, иако не се родив тука.
Секогаш ја фалам на сите и не можам да замислам да ја напуштам, сите ми се чудат ама тоа е вистината и многу ми е жал кога младите ја напуштаат државата… Многу се надевам дека сè ќе се среди и Македонија ќе оди само напред.
Повеќе фотографии од Вероника:
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело