Марјан од Битола, сноуборд-инструктор: „Најголема грешка е да не се носи кацига, мојот најмал ученик има 4 години“
- Детали
- недела, 30 јануари 2022
„Најголема грешка што почетниците во сноубордингот ја прават е тоа што доаѓаат без заштитна опрема, сигурноста треба да е на прво место“ – вели Марјан Милованов, 29-годишен програмер од Битола кој својата љубов и пасија кон овој спорт ја споделува со своите ученици.
Марјан Милованов е инструктор по сноуборд кој своето знаење и вештини ги споделува со своите ученици во ски-центарот Нижеполе во Битола.
Сноубордингот е уште еден зимски спорт што зема голем замав во нашата земја, а Марјан вели дека сè поголем е интересот за него, без оглед на возраста на луѓето што сакаат да се занимаваат со него.
Тој во интервју за CRNOBELO.com откри повеќе детали за себеси и за спортот...
Од каде желбата за сноубординг и кога почна да се занимаваш со овој спорт?
Желбата ја имав уште од мали нозе сакајќи да пробам нешто ново и повозбудливо од скиите.
Мојата прва средба со сноуборд беше на 12 години благодарение на мојот татко, поради кого почнав да се занимавам со зимски спортови.
Постои ли институција, односно клуб во Македонија каде може да се стекнат вештини и знаења за сноубордингот и како ти ги совлада вештините на спортот?
Да, постои клуб за сноубординг „Полар“ од Скопје.
Со оглед на фактот дека во периодот на моите почетоци, овој спорт не ја доживуваше експанзијата што ја доживува сега, бев принуден самиот да ги совладам вештините на спортот благодарение на мојата истрајност, волја, упорност како и подемите и падовите коишто се неизоставен дел од овој спорт.
Што значи да се биде сертифициран сноуборд инструктор, каде се добива сертификатот?
Тоа значи дека инструкторот поминал успешно претходно спроведена обука и полагање на стручни испити и добил сертификат од Скијачката Федерација на Македонија и Македонската Асоцијација на Инструктори за Снежни Спортови.
Колку време е потребно за да се совладаат основните вештини на спортот?
Зависи индивидуално, колку човек има желба, волја, мотивација и упорност, но според мене сметам дека е доволно од 5 до 7 дена (некој може и побрзо) за да се соовладаат основните вештини, но сепак истрајноста е клучот за да се создаде еден успешен сноубордер.
Се наоѓа ли лесно опрема за сноубординг во Македонија? Колку чини солидна опрема за овој спорт и освен даска, што друго е потребно?
И да и не, но сепак зависи колку човек е спремен финансиски да издвои од својот буџет за солидна опрема.
Во Македонија има неколку продавници од каде што може да се набави солидна опрема, но се бројат на прсти, и за наш стандард е сепак скапо, зошто бордањето е релативно скап спорт, но има и половна опрема која може да биде достапна скоро за секого.
Освен даска и чизми за даска исто така потребно е соодветна облека и заштитна опрема (кацига).
Која според тебе е идеална возраст кога децата може да почнат да го учат овој спорт?
Тоа е индивидуално затоа што кај некои деца моториката е понапредно развиена со самото тоа што тие се веќе спремни за да ги направат првите чекори кон овој спорт.
Класичен пример е мојот најмлад ученик (4 години) и којшто е вистинска инспирација за сите деца што би сакале да се занимаваат со овој спорт.