Спасија Филипова – ликовен уметник: „Македонците сакаат авторски ликовни дела, но не може секој да си ги дозволи“
- Детали
- четврток, 09 декември 2021
„Интересот за ликовни дела кај Македонците е многу голем, но сметам дека, за жал, стандардот не дозволува секој да си дозволи авторско дело“ – вели сликарката Спасија Филипова. За CRNOBELO.com таа откри како ликовната уметност ѝ станала втора професија којашто ја работи со огромна пасија.
Очи во кои се гледа магијата на животот, лица отсликани до најситниот детаљ - сликите на Спасија Филипова пленат со реалистичнoто отсликување на стварноста, но и со емоцијата. Да се запознаеме одблиску со сликарката што ги создава овие ремек-дела.
Во интервју за CRNOBELO.com, Спасија Филипова откри дека е 30-годишна девојка која сака предизвици и комплицирани работи.
Таа имала огромна желба да студира уметност, но поради сплет на околности дипломирала и магистрирала на Економскиот факултет во Скопје.
Веќе 6 години работи во македонска ИТ компанија како Директор на човечки ресурси и администрација, а слободното време го користи за да слика на платно.
Нејзините слики наидуваат на голем број позитивни коментари на социјалните мрежи, а во продолжение проследете што ни откри Спасија за себе.
Како откри дека си талентирана за уметност, се сеќаваш ли на првиот момент кога сфати дека сакаш да се посветиш на уметноста и на сликарството?
Уште малечка сакав сѐ што е поврзано со креативност, без разлика дали стануваше збор за цртање со фломастери, боички или моделирање со пластелин.
Секогаш ме фасцинирала визуелната уметност, но по завршување на студиите, почнав сериозно и поактивно да сликам поради тоа што имав повеќе слободно време, а веќе околу 6 години сликарството ми е хоби на кое посветувам голем дел од денот и од кое заработувам.
Сликарството за мене е како втора професија која ја работам со огромна пасија. Си го сакам домот и мирот кој го наоѓам таму, атмосфера која сама ја креирам, па најчесто сликам дома за викенди или доцна навечер.
Сакам да поминувам време сама, а тогаш и ми доаѓаат идеите за нова слика. Како инспирација секогаш преовладуваат моите чувства.
Може ли во Македонија да се живее од сликарство и од уметност?
Уметноста живее и не умира никогаш. Без разлика кога некоја слика е насликана, нејзината вредност никогаш не може да биде уништена.
Можеби јас не го посветувам целото мое време за да навлезам повеќе во професијата како уметник и активно и професионално да се занимавам со сликарство, и затоа не можам да кажам дали може или не може да се живее од сликарство и уметност во Македонија. Но, познавам голем број сликари кои живеат од сликање и заработуваат доволно.
Постои ли интерес кај македонската јавност за авторски ликовни дела?
Да, интересот е многу голем, но сметам дека стандардот не дозволува секој да си дозволи авторско дело. За жал.
Каков тип на дела најмногу се бараат кај нас?
Сликам модерен реализам, најчесто на реални ликови со многу емоции во комбинација со елементи од мојата имагинација.
Не можам да дефинирам какви слики најмногу се бараат кај нас, но можам да кажам дека за она што јас го сликам, најголем интерес има од помладата популација.
Дали Македонците ја ценат уметноста и колку се подготвени да платат за тоа?
Дефинитивно, кај нас има почит кон уметноста и сликарството, за тоа сведочат големиот број на галерии кои успешно работат. Кај нив можат да се најдат многу квалитетни дела од врвни сликари и од млади уметници.
Сепак, големината на пазарот си го прави своето, па не секој е подготвен да плати за авторско дело.
Многу е тешко и скапо да се направи самостојна изложба - од план, организација и реализација - а тоа е најдобар начин секое дело да биде презентирано на вистински начин, да се разбере и да се доживее.