Македонија низ објективот на Ристе Стамаџиев: „Не знаев да ракувам со апарат – сега фотографијата ми е професија“
Дали освен пејзажи изработуваш и други фотографии и какви?
Пејзажи, изгрејсонца, зајдисонца, ноќни фотографии, тие се за уживање, будат чувство на смиреност и со помош на фотографијата тој момент станува вечност и трае и трае...
Меѓутоа не се само пејзажите она што го изработувам. Фотографирам спортски натпревари, ги следам сите наши локални спортски екипи и благодарение на нашата навивачка група Лозари кај мене се роди посебна пасија кон „ултрас“ движењето и „ултрас“ начинот на живот и тие фотографии имаат посебно значење за мене.
Инспирација исто така наоѓам и во градби како тврдини, цркви и манастири и моментално, со благослов на владиката г. Партениј, игумен на Бигорскиот манастир често сликам во Бигорски каде имам одлична соработка со монашкото братство.
Живееш и работиш во Кавадарци, дали е можно да се изгради успешна кариера надвор од Скопје и со какви предизвици се соочуваш (достапност на опрема, материјали). Дали си среќен со тоа што живееш и работиш во мало место или би сакал некогаш да се преселиш и каде би сакал да одиш?
На многу места можеш да отидеш, но само на едно можеш да се вратиш. Кавадарци е мојот дом и за мене најдоброто место за живеење. Точно е дека Скопје е град кој нуди неограничен број на можности, меѓутоа и Кавадарци и другите помали градови си имаат свои предности. Според мене местото на живеење и работење има влијание, но не е пресудно за успешна кариера.
Проблеми секогаш имало и ќе има, меѓутоа се снаоѓаме, решение секогаш има. За преселба, да сменам место на живеење не сум размислувал, меѓутоа имам желба да престојувам во Мароко и Етиопија и фотографирајќи да се запознам со нивната култура и начин на живот, нивните природни убавини и знаменитости.
Исто, поради „ултрас“ фотографиите би го пропатувал цел свет, да присуствувам на тие големи натпревари и да можам таа навивачка страст и љубов кон клубот да ја пренесам на фотографија.
Кои се плановите за во иднина? Дали подготвуваш изложба и дали планираш и понатаму фотографијата да ти биде главна професија?
Стив Џобс рекол „Работи го тоа што го сакаш и нема да работиш ниеден ден во животот“. Фотографијата ми е и повеќе од професија и секогаш ќе биде на прво место во мојот живот. Планирањето го правам полека, но сигурно. Планирам изложба, самостојна, моја прва изложба со мотив од Тиквешко езеро.
Подготовките се започнати, се работи на неа и се надевам ако се биде во најдобар ред за отприлика месец дена дека изложбата и ќе се оствари. Започнавме со работа на проект - документарен филм за Полошкиот манастир кој се наоѓа на Тиквешкото езеро, манастир кој има доста богата и вредна историја, но многу малку се знае за него. Тоа е така еден поголем проект и има и уште неколку такви кои се во фаза на подготовка па ќе видиме дали ќе се пристапи кон нивно остварување или ќе чекаат некои подобри времиња.
Погледнете повеќе дела на Ристе:
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело