Бодан Ѓорговски, колекционер на играчки: „Имам соба специјално за моите акциони херои“
- Детали
- четврток, 08 јули 2021
„Почнав од неколку полици во детската соба на децата, па еден цел плакар исто во детската соба, па кога увидов дека и тоа нема да помогне морав во договор со сопругата да направам соба во дел од станот кој беше користен како некаков вид на магацин. „Цената“ што ја плаќам е сам да ја чистам собата.“, раскажува 33-годишниот скопјанец.
Бодан Ѓорговски (33) технолог по професија, сопруг и татко на близнаци живее во Карпош и вели дека акциони и филмски херои му се пасија уште од детство, а официјално и професионално колекционира од 2020 година.
Официјално колекционерството го започнал некаде во јули минатата година кога за првпат ги извадил неговите стари играчки, акциони херои и им ги дал на децата. Вели дека тогаш се присетил на сите тие играчки и во него се разбудила желбата за да започне посериозно да колекционира.
Од каде е желбата за колекционерство?
За тоа морам да ги споменам како најголеми и единствени „виновници“ за ова мое хоби денес моите родители кои уште од мали нозе ми ги купуваа сите можни играчки од сите можни акциони филмови во 90-тите.
Буквално ги имав сите популарни ликови во тоа време, а за моја среќа бидејќи во тоа време имаше доста добар квалитет дури и кај нас во државата, па најголем дел останаа во добра состојба за сега и по толку години и моите деца да играат со истите играчки. Тоа ми претставува уште поголемо задоволство да го гледам и ми дава мотив да продолжам со колекционерството.
Дали се сметаш за колекционер?
Да, се сметам, имајќи предвид дека имам „custom“ соба во мојот дом направено само за колекционерството мислам дека е во ред да се каже дека сум колекционер.
Како дојде до тоа фигурите да имаат посебна соба и колку фигури имаш?
Како што се развиваше идејата и колекционерството морав паралелно да наоѓам идеи и каде ќе се чуваат истите. Почна од неколку полици во детската соба на децата, па еден цел плакар исто во детската соба, па кога увидов дека и тоа нема да помогне морав во договор со сопругата да направам соба во дел од станот кој беше користен како некаков вид на магацин.
Со тоа успеав да добијам вистинско катче каде и јас уживам, а и моите деца. Изгледа како продавница од 90-тите каде како и да се свртите имате играчки фигури околу вас. Моментално имам преку 100 спакувани акциони херои.
Кој се грижи за чистењето на фигурите?
Тоа е цената која ја плаќам за собата која ја добив да морам сам да ја средувам. Еднаш месечно се посветувам на комплетно чистење на собата за кое искрено треба неколку часа. Но меракот е огромен за едно чистење да го расипе.
Дали им расте вредноста на фигурите?
Зависи на кои, на некои и им опаѓа. Но, јас не го правам ова за заработка, напротив кога и да продадам нешто го правам со цел за да купам нешто ново. Има доста фигури што чинат дури и над 100тина долари, такви се на пример Vintage TMNT. Нормално тука се и Star Wars кои се надвор од секоја конкуренција околу цената каде за една фигура спакувана од 1977-ма година цената знае да биде и неколку илјади долари.
Која ти е најомилена фигура во колекцијата?
Искрено стварно немам омилена. Кога решив да колекционирам решив да не бидам комплециониста со други зборови да не ги собирам сите фигури од секој жанр туку само тие што ми се допаѓаат. Така што сè што имам ми е омилено буквално. За секоја фигура имам поврзаност бидејќи некои се и стари фигури со кои сум играл како дете, а сега ги купувам со спакувана верзија.