Никола и Дарио чуваат околу 200 тарантули: „Тарантулите се миленичиња кои се наменети да се набљудуваат, а не допираат и држат“
Како правилно и најбезбедно треба да се држат тарантулите?
Тарантулите претставуваат миленичиња кои не се галат и не се приврзуваат за сопственикот. Тоа се миленичиња кои се наменети да се набљудуваат, а не допираат и држат. Самите тарантули не сакаат да бидат држени и немаат никакви бенефити од човечка интеракција. Всушност, тоа за нив би било едно стресно искуство.
Дополнително, доколку ние не сме доволно искусни и лесно паничиме на помислата дека голем пајак би ни шетал по рака – не е мала веројатноста дека или на пајакот, или нас самите себе си ќе си нанесеме штета. Од тие причини не се препорачува да се држат.
Доколку некој, покрај тоа што не се препорачува да се држат, се одлучи да ги држи битно е да знае како да го изведе тоа и да превеземе целосна одговорност во случај на непосакувани последици. Тарантулата мора да биде смирена и во добро расположение. Нежно со мек предмет ја насочуваме тарантулата да ни се качи на дланката и ја оставаме да се движи од една дланка, на друга дланка.
Сето ова се изведува во непосредна близина на под или маса со оглед на тоа што доколку тарантулата падне од повисока височина може да се здобие со фатални повреди. Нивното држење мора да биде многу внимателно, со смирени и претпазливи движења на рацете, без никакво присилување на тарантулата.
Сте имале ли некои непријатни ситуации со нив и дали ви избегала некоја тарантула некогаш?
Како непријатна ситуација во досегашното чување би навеле само бегство од терариум. Имаме терариуми кои сами ги имаме изработено. При изработувањето имавме пропуштено да затвориме неколку дупчиња на терариумот и на тој начин пајакот нашол како да излезе.
По две недели криење низ дневната соба се имаше појавено кај вратата од терасата. Со пластична чашка го имавме покриено, а потоа со пластична цевка го насочивме да влезе во чашката за да можеме да го префрлиме во веќе поправениот терариум.
Инаку во глобала тие се доста срамежливи, па при отворањето на терариумот знаат веднаш да се скријат во дувлата.
На што имате налетано во Македонија?
При теренски истражувања често среќаваме несекојдневни суштества. Македонија има поволна клима и услови за постоење на интересни животни како што се голем број видови на пајаци, бумбари, богомолки, скорпии, стоногалки, змии, гуштери и многу други.
Од пајаци најмногу ги среќаваме семејствата Lycosidae, Thomisidae, Pisauridae, Araneidae, Pholcidae, Gnaphosidae, Dysderidae и многу други. Од скорпии често среќаваме Euscorpius и Aegaeobuthus, од стоногалки Scolopendra и Lithobiidae, од богомолки Mantis, Hierodula, Empusa итн...
Кои совети би им ги дале на оние што сакаат да чуваат тарантули?
Доколку сте вистински љубители на необичните животни ве охрабруваме и ви ги препорачуваме тарантулите како идни ваши миленичиња. Би сакале да посочиме дека пред купување на тарантула потребно е да направите истражување околу нејзините услови на чување, какво уредување треба да има терариумот, поточно какви карактеристики носи видот кој сакате да го чувате.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело