Интервју со Стефанни, Бразилка омажена во Кавадарци: „Мојот сопруг го запознав на брод, а и моите родители сакаат да се преселат во Македонија“
Кој ти е впечатокот за македонската кујна?
Многу е различна од бразилската. Во Бразил традиционално јадеме скоро секој ден ориз и грав тоа е како замена за леб, а додека тука се јаде повеќе леб со секој оброк од денот.
Најомилено јадење ми е полнети пиперки со месо или полнети тиквички, а за појадок проја.
Омилени места од Македонија ти се?
Се разбира како прво место е Охрид. Едно од најубавите места што сум ги посетила, исто така и Скопје, ме потсетува малку на Сао Паоло. Маврово исто за мене е нешто што го доживеав на еден поразличен начин. Кога сум таму и ке ја почувствувам таа снежна мавровска белина е нешто посебно за мене, затоа што како Бразилка за нас да го почувствуваме снегот е нешто магично.
Каков е животот во Бразил? Во кој град живееше, долови ни ја атмосферата...
Живеев во Сао Паоло, еден од најголемите градови во Бразил. Сао Паоло е град во кој начинот на живот е многу брз, и е многу тешко да се стигне од едно место до друго, потребно е многу време за разлика од Македонија, но времето скоро во текот на целата година е сончево, што ни овозможува да одиме на плажа кога сакаме.
Сао Паоло има многу убав и разновиден ноќен живот за сечиј вкус и многу вкусна храна. Луѓето работат многу напорно, но секогаш наоѓаат време да го искористат максимално за уживање. Бразилците се сто проценти позитивни луѓе и во најтешките моменти ние сме со насмевка на нашите лица.
Во што се разликуваат Бразилците од Македонците?
Како народ Бразилците и Македонците имаат една иста позитивна работа и тоа што ми се допадна многу кога дојдов тука, дека Македонците како и ние Бразилците се многу пријателски настроени и многу дружељубиви.
Разликата би била во тоа што, во Македонија како мала земја се знаете сите и растете повеќе со пријателите, секојдневно се дружите и имате време да го поминете денот заедно, додека во Бразил многу ретко, поточно само преку викенд ако можете да одвоите време да се сретнете со вашите пријатели од средно или факултет.
Како што спомнав претходно Бразил е многу голем и преку неделата го поминуваме поголемиот дел од времето на работа и потоа со фамилијата дома.
Колку се различни Македонците во поглед на љубовните врски и бракот?
Бразилците се многу отворени во љубовните врски. Бразилците не се плашат да ја искажат својата љубов надвор на улица или било каде додека тука во Македонија луѓето се малку поконзервативни.
Во Бразил е нормално да стапиш во брак иако партнерот бил разведен и имал дете од претходниот брак. Додека во Македонија тоа е малку несфатливо и не многу често.
Дали би сакала еден ден повторно да живееш во Бразил?
Понекогаш размислувам да бидам поблиску до мојата фамилија, но верувам дека Македонија е побезбедна и помирна земја за живеење.
Засега не размислувам да живеам во друга држава, ако се оствари мојата желба и желбата на моите родители да дојдат за живеат во Македонија би била многу среќна и благословена.
Повеќе фотки од Стефанни и нејзиниот партнер:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело