„Научете го детето прво да јаде само и да се облекува, а потоа да зборува англиски и забранете YouTube“ - интервју со Симона В. Николовска, логопед
Дали цуцлата лажливка може да има влијание и да предизвика потешкотии при говорот?
Цуцлите лажливки се неизбежен додаток за бебе. И тоа не е проблем, затоа што му дава на бебето чувство на сигурност и го смирува. Проблемот настанува кога детето ја користи цуцлата пролонгирано.
Според истражувањата на стоматолозите и педијатрите, дојдено е до заклучок дека идеалното време за откажување од цуцла е од 12-18 месец.
Понатаму може да предизвика деформитети на забалото, вкрстен или отборен загриз, протрузија на јазикот. Овие деформитети ја отежнуваат артикулацијата, па децата имаат потешкотија во изговор на одредени гласови.
Постои некој натпревар меѓу родителите: „Моето дете зборува од една година, на 6 месеци веќе викаше „мама’“, моето чита и пишува од 3, мојата зборува англиски и француски на 4“ – кој е вашиот став по оваа тема и што би ги советувале родителите?
Ги разбирам родителите, нивната гордост, среќа и задоволство кое го доживуваат секој пат кога детето ќе достигне некоја цел. Тоа е нормално и не може да му се одземе на ниту еден родител.
Но, постојат и такви родители кои „претеруваат“ па со своите искази знаат да ги фрустрираат останатите родители , а пак овие да се испаничат или да помислат дека развојот на нивното дете не е во склад со неговата возраст и врсниците.
Јас би им препорачала на сите родители, да си го гледаат своето дете, да го следат неговиот развој, да ги следат препораките на терапевтите. Секое дете е уникатно, неговата единственост е потребно да ги следи нормите, а не децата на пријателката, или сосетката. Би им препорачала на родителите да се посветат на развојот на детето, на основите, да го научат детето да се облече самостојно пред да научи да пишува латински, да научи самостојно да јаде пред да зборува странски јазик, да научи да зборува пред да почне да чита и да смета.
Како се решава проблемот со изговарање на тешките вокали: „Р“,„Л“, „С“...
Секој од гласовите, има своја местоположба на изговор, која ако ја анализираме, ќе звучи страшно и како научна фантастика. Оштетувањето на изговорот на гласовите, може да биде од различна природа и начинот на оштетување да биде исто различен. Така што и пристапот кон рехабилитацијата е секогаш различен.
Она што е неминовно за добра артикулација на гласовите, е подготвениот артикулативен апарат. Дете кое има добра орална моторика има и добра артикулација. Затоа би рекла, дека заедничко за корекција на сите гласови е добрата артикулативна подготвеност, а останатото е индивидуално и се изведува со користење на логопедски техники за корекција.
Корекцијата на сите гласови оди во неколку чекори и тоа: добивање на изолиран глас, имплементација во зборови во различни позиции и негова автоматизација.
Пелтечење – зошто се јавува и што би ги советувале родителите на децата кои се соочуваат со ваков проблем во говорот?
За пелтечењето може да се зборува многу, но она што би го издвоила е дека кај децата околу втората и третата година може да се јави пелтечење кое најчесто ги „вади од ум“ родителите, се јавува ненадејно, одеднаш и така и заминува.
Доколку состојбата се влошува и трае повеќе од 6 месеци бара логопедска терапија со психолошка поддршка. Она што е јасно е дека причинителите потекнуваат од централното мозочно подрачје каде се одвуваат сложени биохемиски процеси и бараат сериозен пристап.
Рехабилитацијата е доста долготрајна и бара голема дисциплина и од терапевтот и од клиентот и таа е клучна во успешното надминување на оваа состојба.
Колку е важно читањето и раскажувањето приказни? Кога треба да се почне да му се чита на детето?
Многу е важно. Тоа е еден од начините на правилната говорна стимулација. Со нудење на сликовници и читање се почнува од најрана возраст.
Понудата на сликовници од различен тип и за сите возрасти е огромна, па родителите може да бираат од гумени со живописни едноставни слики кога е 3-4 месеци па до сликовници со кратки приказни и убави јасни слики со убави детали околу 6 – 7 месеци.
Описот на слики, создавање на приказна од тие слики во сликовниците, фантазијата на детето во моментите кога пред него се наоѓа сликовница, се доста полезни не само за развој на говорно – јазичните вештини туку и за понатаму.
Раскажувањето се потпира на јазичните знаења и од него може многу да дознаеме за јазичниот развој на детето. Тоа се вештини кои го тераат детето да размислува подлабоко, да формира текст, да избере соодветни зборови, да ги разбере причинско-последичните односи и да ја разбере улогата на раскажувачот и слушателот.
Од едноставни реченици од 2-3 збора, до сложени јазични, граматички јасни структури кои се очекуваат околу втората и третата година ни дава јасна слика за јазичниот развој на говорот.
Во предучилишна и училишна возраст децата со развиени раскажувачки вештини покажуваат успех и се добри пишувачи и читачи.
Би ги охрабрила сите родители да бидат свесни, и доколку забележат и најмала отстапка од типичниот развој кај детето, да побараат логопедска консултација со која навремено ќе се делува. Раната детекција и раната интервенција се клучни за развојот на детето.
Следете го Инстаграм профилот на Среќичка на Инстаграм за сите прашања и совети. Ние ги изработуваме и водичите кои се наменети за домашна употреба и ги едуцираат родителите со користење на логопедски техники да го стимулираат и поттикнат развојот на говорот кај децата.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. П. | Црнобело