„Животот во Австралија е релаксиран, сите стануваат рано, кафулињата затвораат во 14 часот“ - Јасна и сопругот Јовица живеат 2 години преку океанот
Има ли нешто што не ти се допаѓа од животот таму и на што не можеш да се навикнеш?
Да. I am not a morning person!?
По природа не сум личност што станува толку рано, а кафулињата тука затвораат во 2 часот попладне и многу тешко да најдеш подоцна некаде отворено место за кафе.
Тука имаат малку чуден вкус за музика или пак ние сме се навикнале на скопскиот ноќен живот и клупската музика која понекогаш ни фали тука. Ретко доаѓаат диџеи од Европа.
Какво е чувството да живееш покрај море и плажа? Кои се најубавите плажи?
Имам чувство како цело време да сум на одмор, со оглед на тоа дека плажата се наоѓа на 15 минути пеш од дома. Животот покрај вода, без разлика дали е езеро, море или океан делува благотворно на телото, но и на душата. (научно докажано).
Најубавите плажи се во Голд Коуст, но ќе набројам неколку кои мене ми се фаворити и на кои најчесто одиме: Surfers Paradise, Snapper Rocks, Kirra Beach, Tallebudgera Creek, Noosa Beach.
Неодамна го посетивте Нов Зеланд – сподели ни го искуството од таму: што ти се допадна најмногу?
Hobbiton! Дефинитивно! Како голем фан на The Hobbit и The Lord of The Rings, местото каде се снимани овие филмови ми беше на врв на списокот на места кои сакам да ги видам во Нов Зеланд.
На второ место - школки! Нема повкусни од новозеландските школки! Auckland изобилува со убави ресторани и превкусна храна.
Природата е преубава, многу вулкански места, гејзери, бевме и до најсеверната точка на Нов Зеланд, Cape Reinga, каде се сретнуваат Пацификот (Тихи Океан) и Тасманско Море, и кое важи за свето место на Маорите кои веруваат дека духот на починатите поминува низ 800-годишното pohutukawa дрво на брегот и заминува во нивната спиритуална земја Hawaiki.
Што прават Австралијанците во слободното време?
Сурфаат, пијат кафе и јадат тост со авокадо и јајце. За викенд одат на кампување, прават скара и пијат алкохол.
Дали е скап животот?
Скап е. Цените на куќите и становите секоја година растат и до милионски суми. Храната по маркетите со оглед на стандардот тука не е премногу скапа, но ручек или вечера во ресторан е луксуз.
Просечен оброк во ресторан е $20 AUD или 800 МКД.
Кафе е $5 AUD или 200 МКД. Концертите или балетски претстави чинат по $150-$200 AUD или 5000-7000 МКД.
Образованието, универзитети или курсеви, особено за тие што немаат австралијанско државјанство се многу скапи. Само преглед на забар е околу $200 AUD или 7000 МКД.
Меѓутоа има доста места каде што влезот е слободен, градини, паркови, музеи, ноќни маркети со храна и музика.
Колку се цени добрата фотографија таму? Дали може да се живее со оваа професија?
Се цени. Многу! Минатата година студирав Диплома за фотографија на еден од најдобрите кампуси во Бризбејн и во Aвстралија, TAFE Queensland и искуството што го добив таму и праксата во текот на целите студии ми дадоа дополнителна подлога за работата како фотограф сега во VERVE, едно од поуспешните студија за фотографија тука.
Учествував и на AIPP (Australian Instutute of Professional Photography) Awards како волонтер во целата организација, но и со мои фотографии, од која една доби и Silver Print Award.
Може да се живее нормално со оваа професија, но и конкуренцијата е преголема. За мене сѐ уште е нова средина да започнам со сопствен бизнис, но како дел од креативниот тим со кој работам во студиото во моментот, секојдневно се инспирирам и учам по нешто ново.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. П. | Црнобело