Мери Амбросова, скопјанка која љубовта ја одведе во Украина: „Секој викенд прават пикник, децата не јадат слатки и грицки до 3 години“
- Детали
- сабота, 07 март 2020
Мери Амбросова е една од мајките кои со задоволство ги следиме на Инстаграм. По професија е дипломиран економист, со спорт се занимава уште од мала, а била и судија по кошарка и make up артист.
Мајка е на Марта, која наскоро ќе полни 2 години. Во моментов води „маратони“ - фитнес програми за мајки после пораѓај.
Со неа поразговаравме за животот во Украина, за начинот на воспитување на децата таму и за нејзиниот ангажман во моментов.
Љубовта те одведе во Украина. Дали беше едноставна оваа одлука и промена за тебе?
Во Украина дојдов во ноември 2017-та, сопругот е Украинец, па затоа и живееме тука. Уште кога решив дека тој ќе биде мој партнер јасно беше дека ќе треба да се преселам. Кога се венчавме, одлуката беше донесена, иако никогаш не сум сакала да живеам во странство некако лесно се одлучив.
Патувавме со кола Скопје – Киев и можев да си земам повеќе работи од дома. Си го земав кучето од Скопје, неколку сувенири кои ми значеа, книги… Облека скоро сѐ оставив во Скопје само тоа што знаев дека ќе го носам или облека која ми значи.
Кој ти беше најголем културен шок по преселбата?
Тоа што скоро сите зборуваат руски јазик, а не украински. И што не пијат кафе по два саати како кај нас – сѐ се прави во одење или се седи максимум 15 минути.
Нема како кај нас - седнеш па се забораваш. Исто така е интересно што јадат многу хељда и копар - ги ставаат во секоја комбинација на храна.
Каков е животот во Киев? По што најмногу се разликува од Скопје?
Не знам колку доследен ќе е одговоров, бидејќи во Скопје живеев кога не бев мајка. Некако тоа се различни поглавја од животот кои и да живееш во ист град пак ќе се разликуваат.
Еве неколку разлики, но не сакам да сум буквално разбрана или да се генерализира.
Овде улиците се широки, одиш по еден пат се враќаш по друг. Седат по клупи и јадат и пијат. Секој викенд прават пикник па и во зима можеш да најдеш како се прави скара пред зграда. Многу работат - 8 часа активна работа плус 1 час за ручек, и ако додадеш 1-2 часа превоз - малтене ти си дома во 19-20 часот.
Имаат многу сиромашна класа која навистина се гледа, но имаат и многу богата. Поради тоа можеш да купиш многу евтини и многу скапи продукти. Секако квалитетот се разликува.
Имаат многу ниски пензии и на почетокот работат по две работи, потоа по една, и некаде на 70 престануваат со работа.
Младите сами се школуваат и работат по завршување на 18 година.
Киев е преубав град кој навистина треба да се посети, преубава архитектура, преубави цркви, многу езерца, шума - природата е прекрасна.
Украина е многу убава земја: од градови би ги препорачала за посета Киев, Лавов и Буковељ кој е зимски центар.
Дали може да се каже дека градот е безбеден?
Иако Украина е во војна, Киев е безбеден. Малку ми беше чудно што на секој поголем настан има присуство на војска. И можете да видите и по трговски центри како шетаат наоружани.
Секој различно најверојатно го доживува, но јас се чувствувам безбедно.
Омилени украински специјалитети кои секој треба да ги проба?
Овде многу се јаде урда, така да сирники – благи крукчиња од урда и торта од урда. За овие две ќе најдете рецепт на мојот Инстаграм профил.
Боршч – манџа со зелка и цвекло. Шуба – празнична салата.
Во сѐ ставаат хељда и копар и не јадат многу леб и тесто. Пити и буреци нема да купиш во пекари како кај нас. Но, имаат благи кифли со сирење.
Немаат плескавици како нашите, туку имаат нешто слично на ќофтиња и ги викаат котлети. Диетални се.
Мелено месо мелат дома, сите имаат мелници, и мултипрактици. Во принцип многу поздраво сѐ хранат од нас - не пржат ништо, сѐ е на пареа.
Како се снаоѓаш со јазикот? Дали ќеркичката паралелно ги учи двата јазика?
Кога дојдов беше хаотично - јас во Скопје учев украински, дојдов тука - сите меѓусебе зборуваат руски јазик. Бев во шок, но потоа ми стана јасно. За време на СССР се зборувало секаде руски јазик, и во училиште и на работа.
Украински ретко кој зборувал. Надвор на улица се зборува микс од руски и украински јазик.
Моментално сѐ друго ми е приоритет освен јазикот. Зборувам прости реченици, ги разбирам, можам да се разберам, да раскажам нешто. Е сега, граматички веројанто не е баш точно, но се снаоѓам.
Имаат и една шега: „Зошто рускиот јазик е многу тежок? Затоа што пијани биле тие кои го смислувале“.
Со Марта јас зборувам македонски, сопругот руски, а здравје во градинка и училиште ќе слуша украински.