Од поинаков агол со Кристина Арнаудова: „Ако љубов немаш, ништо не си“
- Детали
- среда, 22 ноември 2017
„Заедно можеме многу, ајде да се обидеме да донесеме насмевки на што повеќе лица“, порачува Кристина Арнаудова.
Неодамна Кристина Аранудова доби награда за радиска балада на годината на фестивалот МАРС за песната „Љубена“, но, и покрај огромната љубов кон музиката, таа вели дека периодов најголемиот дел од времето го посветува на нејзиното здружение „Проект Среќа“.
„Проект Среќа“ е здружение за хумано-општествен развој, односно здружение кое се занимава со филантропски проекти, кои предизвикуваат среќа кај оние на кои им недостасува и од друга страна ги поттикнува компаниите и физичките лица да бидат општествено одговорни и да се вклучуваат постојано во среќата која ја создаваме заедно.
„Здружението постои две години и за ова кратко време постигна голем успех, многу проекти, многу компании партнери, многу среќни лица. Горда сум на тоа. Годинава имавме доста проекти, а сега во моментов се работат новогодишните проекти. Сите вие можете да донесете насмевка на нечие лице, следете нè на нашата Фејсбук страница и приклучете ни се“, порачува Кристина.
Токму поради нејзината хумана мисија проговоривме со неа што друго ја инспирира, освен желбата да види што повеќе насмевки на што повеќе лица:
Кое е твоето животно мото и советот кој би си го дала на помладата верзија од себеси?
Низ животот има разни нешта кои ме инспирирале и можеби ми ги отвориле очите во одреден момент. Она дека „здравјето е најважно“ дефинитивно не е само клише.
На помладата верзија од себеси би ѝ порачала да не се грижи толку, затоа што сè ќе биде во ред.
Кој е најдобриот совет што си го добила во животот и од кого?
Најдобриот совет... „Можеш да имаш сè, но ако љубов немаш, ништо не си“ е одличен совет.
„Можеш сè што сакаш, треба само вистински да сакаш и да работиш на тоа“.
„Мислата е материја“, тоа е совет од книга која ја промени мојата целосна перцепција за нештата.
Најинспиративен филм /книга...
Секогаш сакам филмот да ме допре и инспирира, на начин да посакам и јас да сменам нешто.
Имало многу такви, а „I Am Sam“ е еден од нив. Ова е филм што многу ме погоди и ме инспирираше да го гледам светот поинаку.
Исто така, филм кој секогаш одново и одново ми е инспирација е „Cinderella Man“. Го имам гледано барем 20 пати и можам постојано да го гледам бидејќи има моќна порака. Сè што човек наумил да направи може да направи. Зависи само колку е подготвен да работи, да жртвува и да се даде себеси.
„Сидарта“ е книга која ја има мудроста која на светов му е очајно потребна. Постојат многу инспиративни дела навистина…
С. С. | Црнобело