„Сакав книгата да биде смешна, топла и полна со бељи – токму како детството“ – интервју со Татјана Гаврилова, авторката на Мачето Мице
- Детали
- среда, 30 април 2025
Татјана Гаврилова е авторка на книгата за деца Мачето Мице. Дипломирала на Филолошкиот факултет, на отсекот за македонска книжевност и македонски јазик. Литературата е нејзина голема љубов, иако реализацијата како професор во таа област не и станала официјална професија. Уште од мала ужива во бајките и приказните кои ѝ ги раскажувале и читале нејзините родители.
Подоцна, уште подлабоко навлегува во светот на литературата и ужива во читањето. Пишува и поезија, која за сега ја објавува само на нејзиниот блог. Мачето Мице е нејзина прва објавена книга за деца.
Со авторката поразговаравме за инспирацијата за оваа збирка раскази, какви се реакциите на најмладата публика за истите и за поентата која ја крие книгата „Мачето Мице“.
Раскажете ни како се роди идејата за Мачето Мице? Постои ли вистинско маче што Ви го украде срцето?
Создавањето на Мачето Мице е производ на лична, интимна инспирација. Растењето на мојата ќерка, бескрајната љубов кон неа, сите нејзини детски креативности, лудории, совршености и несовршености, ја поттикнаа мојата креативност и инспирација. Почувствував дека семејната топлина, љубовта, палавштините и секојдневието на едно среќно семејство треба да бидат запишани на хартија.
Успеав да ги зачинам со доза хумор, и едноставно како да се случи магија во пишувањето.
Постоеле мачиња во мојот живот, краткотрајно, како гости во нашиот двор. Мачето Мице е измислено, но тоа е она маче што сум го сакала и какво што сум го замислувала постојано.
На кој начин сакате децата да се поврзат со ликот на Мице? Што сакате да почувствуваат децата додека ја читаат? Има ли скриена порака што сакате да им ја оставите?
Мачето Мице е топла и разиграна збирка раскази која ги следи авантурите на мачето Мице, раскажани преку детскиот глас на девојчето Ема. Тоа е љубопитно, палаво и со постојана желба за истражување. Истите особини ги поседуваат и децата. Тие живеат и создаваат во еден свој детски свет, речиси идентичен со оној на Мице. Тие можат да се пронајдат и поврзат со секоја негова плавштина, љубопитност, беља. Идејата е никогаш да не се откажуваат од своите соништа.
Кога ги создавав приказните за Мице, мислата која што ме водеше во текот на целиот создавачки процес беше да предизвикам и разбудам одредени чувства кај децата додека ја читаат книгата. Сакав/сакам тие да се смеат од срце, да почувствуваат радост, љубов, разбирање, емпатија.
Секако дека постои скриена порака зад секоја приказна за мачето Мице. Децата треба да ги препознаат и да се идентификуваат со вредностите, како што се храброста и упорноста (Мице иако знае дека ќе биде искаран, не се откажува од своите замисли и палавштини); да развијат емпатија, односно чувство кон и за другиот, без ралика дали е тоа маче или човек; да ја сфатат вредноста на искреното пријателство, дека тоа е возможно помеѓу сите, човек и човек, човек и маче, маче и куче. И секако, главната порака која провејува низ сите десет раскази - значењето на семејството, хармонијата во него како основа за сѐ.
Децата треба да почувствуваат и знаат дека родителите се истовремено родители, но и нивни најдобри другари. Сите овие вредности понатаму ќе овозможат децата да се развијат во креативни и пред се, здрави личности.
Процесот од идеја до книга обично е полн со авантури. Како изгледаше кај Вас патот на „Мачето Мице“? Кој беше вашиот најголем критичар за време на создавањето на истата?
Создавањето на мачето Мице започна одамна. Тоа беа периоди на акумулирање на идеи и инспирација. Иако со пауза, повеќето раскази ги создадов во еден здив. Си замислив едно палаво, упорно и весело маче, додека пак љубопитно, креативно и исполнително дете веќе имав. Решив да направам симбиоза од двете.
Првиот критичар беше секако мојата ќерка Мила, и како што ги создавав расказите, така ѝ ги читав. Иако поголема и порасната, таа само слушаше, се смееше од срце и тоа ми даваше поттик и желба да создавам уште.
Втората позитивна критика беше од мојот внук Андреј. Како што ги пишував расказите, така ѝ ги испраќав на мојата мајка, а таа му ги читаше. Неговиот одговор постојано беше дека се многу смешни, забавни и дека сака уште.
Кога ја создававте книгата, имавте ли предвид одредена возрасна група на деца?
Искрено, на почетокот немав предвидено за која возраст би биле расказите. Но, како што се создаваа, сфатив дека тие би биле најинтересни и најприфатливи за деца на возраст од 6 до 10 години.
Мораме да ги споменеме и прекрасните илустрации! Како ја замислувавте визуелната страна на книгата и како се вклопивте со илустраторот?
Секако. Во мојата глава беше важно илустрациите да го доловат изгледот и карактерот на мачето Мице, тоа да биде игриво и весело. Илустрациите навистина се онакви како што си ги замислив. Нив ги создаде една млада уметница, Јана Борбала Панзов, која има само 16 години, и учи во средно уметничко училиште во Вац, Унгарија.
Од мали се другарки со мојата ќерка Мила, многупати доаѓала кај нас дома со своите родители. Таа го познава домот и просторот коишто се дел од сите раскази во книгата. Едноставно, во еден разговор ја прашав дали би се согласила да направи илустрации за мојата книга, секако ја замолив да ја прочита и ако и се допадне, да започне веднаш. По некое време добив одговор дека книгата е многу интересна, а таа веќе има замисла како да ги направи илустрациите. Уште кога ми ја испрати првата, знаев дека тоа е вистинската комбинација.
Децата најискрено реагираат – добивте ли некоја реакција или коментар што Ви го стопли срцето?
Уффф, секако. Ако нема позитивна реакција од нивна страна, тогаш тоа значи дека не сте си ја завршиле успешно работата. Да, можеби ќе бидам малку нескромна, но секојдневно ми пристигнуваат многу пораки дека книгата е прекрасна, игрива, читлива и дека децата уживаат, се смеат и бараат уште.
Дали постои некоја сцена или дел од книгата што Вам лично Ви е најдраг?
Многу е тешко да одвојам една сцена. Сите оние сцени каде што Мице прави беља, а мајката на сиот глас вика по него или го брка, ми предизвикуваат смеа и задоволство. Можеби една од поинтересните е кога Мице е заглавен во машината за алишта и немоќно мјаука и се обидува да излезе, потоа брканицата низ дворот, помеѓу кучето Бела, цела во сапуница и намокрениот Мице, особено затоа што Бела е навистина нашето куче и живее во дворот. Ете, нека бидат тие.
Што би им порачале на родителите кои бараат книги за своите деца? Што според Вас е најважно што една детска книга треба да им го понуди?
На родителите кои бараат книги за своите деца би им препорачала секогаш да изберат книги кои ги поттикнуваат љубопитноста, пријателството, љубовта, креативноста и емпатијата кај децата. Сметам дека секоја книга за деца треба да биде забавна, но истовремено да ги учи на важни животни вредности, да ги инспирира да истражуваат и да се изразуваат креативно.
Можеби најважно што една книга за деца треба да им го понуди е можноста за учење преку игра и приказни блиски до нивната фантазија и нивниот свет. Книгите треба да ги охрабрат децата да ги истражуваат своите емоции, но и да ги разберат другите, креативно да се развиваат, да го осознаваат светот околу себе и најважно, да ги научи никогаш да не престанат да бидат деца, дури и кога ќе пораснат.
Што следува понатаму? Може ли да очекуваме уште нови авантури на Мице или можеби нови јунаци?
Многу идеи, нови инспирации, нови приказни. Позитивната реакција од децата, но и од возрасната публика, ми дава поттик да не застанам овде, туку да продолжам понатаму со пишувањето. Како што ветувам на крајот од книгата за Мачето Мице, приказните не завршуваат овде.
Е. П. | Црнобело / фото: приватна архива
Би можело да ве интересира:





