Македонката Стефана за љубовта со сопругот Нигериец: „Лаурел обожава пита со праз, многу се труди да научи македонски“
Кои места ги има посетено сопругот нив Македонија? Дали ти си била во Нигерија?
Лаурел има посетено неколку места, вклучувајќи ги Охрид, Маврово, Матка, Водно, Струмица, Куманово и Битола.
Посебно го обожава Охрид поради неговата историја, убавината на езерото и мирната атмосфера.
Јас сè уште не сум била во Нигерија, но имам голема желба да ја посетам и да ја доживеам нејзината уникатна култура, музика и традиции.
Како беше прифатен сопругот од твоето семејство? Дали ти го имаш сретнато неговото?
Моето семејство го прифати Лаурел со голема љубов. Тие ja ценат неговата добрина и тоа што е одличен сопруг и татко.
Јас досега ја имам запознаено само неговата мајка и имаме редовна комуникација, но големиот дел од неговото семејство сè уште не сум го сретнала.
Имаме план да одиме во Нигерија за да ги запознаеме сите.
Дали сопругот зборува македонски или можеби го учи? Како се снаоѓа со јазикот?
Лаурел учи македонски и веќе знае неколку основни фрази.
Се труди да го разбере јазикот, особено бидејќи сака да може полесно да комуницира со моето семејство.
Кои ти беа првите импресии кога се сретна со културата на сопругот? Какви беа неговите импресии за македонската култура? Што ве изненади најмногу? Дали некои традиции од Македонија или Нигерија ви станаа дел од секојдневието?
Првите импресии од нигериската култура ми беа боите, музиката и топлината на луѓето.
Лаурел, пак, беше изненаден од гостопримливоста на Македонците и колку е блиско семејството овде.
Некои традиции од двете страни, како готвењето специфични јадења и семејните собири, веќе станаа дел од нашето секојдневие.
Како ги делите обврските низ домот? Дали мажите од Нигерија се подомаќини од Македонците?
Обврските низ домот ги делиме рамномерно, во зависност од нашите дневни активности и обврски.
Лаурел е многу посветен и подготвен да помогне со сè, од чистење до грижа за син ни Киан.
Иако, традиционално, во Нигерија мажите не се многу вклучени во домашните обврски, Лаурел е исклучок – тој има многу модерен пристап и е фантастичен сопруг и татко.
Во споредба со македонските мажи, не можам да кажам дека мажите од Нигерија се „подомаќини“, бидејќи тоа зависи од личноста, а не од културата.
Но, Лаурел навистина се истакнува со својата желба да биде активен партнер во сите аспекти на нашиот живот.