Македонката Стефана за љубовта со сопругот Нигериец: „Лаурел обожава пита со праз, многу се труди да научи македонски“
- Детали
- четврток, 23 јануари 2025
„Лаурел беше изненаден од гостопримливоста на Македонците и колку е блиско семејството овде. Во Нигерија, мажите не се многу вклучени во домашните обврски, но Лаурел е исклучок – тој е фантастичен сопруг и татко“, раскажува Стефана, која со сопругот од Нигерија живее во Скопје.
Македонката Стефана и сопругот Лаурел од Нигерија се запознале во Дубаи.
Како што вели Стефана, средбата била љубов на прв поглед и сега, повеќе од две години подоцна, тие се и во брак.
Вљубениот пар живее во Скопје, а заедно имаат едно детенце.
Тие имаат Инстаграм и ТикТок профили каде споделуваат детали од нивното секојдневие, вклучувајќи и забавни мигови кога Лаурел првпат пробува некое македонско јадење или, пак, учи за некоја наша традиција.
Во интервју за CRNOBELO.com, Стефана раскажува за нивниот живот овде, а открива и како се снаоѓа сопругот во потполно различна средина од онaа на којашто бил навикнат.
Целото интервју во продолжение:
Кога и каде се запознавте со сопругот?
Со сопругот Лаурел се запознав на 22 ноември 2022 година во Дубаи, отидов на одмор и останав таму. Тоа беше љубов на прв поглед.
Раскажи ни нешто повеќе за свадбата… Каде ја правевте? Дали следевте традиции од Македонија и Нигерија? Колку се разликуваат свадбите во Нигерија од македонските?
Свадбата ја направивме на 13 декември 2023 година.
Немавме традиционална свадба во целосна смисла, но се обидовме да комбинираме елементи од македонската и нигериската култура.
Во Нигерија свадбите се многу големи, шарени и често вклучуваат големи семејни собири со специфични обичаи и облека.
Македонските свадби, пак, се поедноставни и со поинакви традиции, како орото. Нашата свадба ги спои нашите два света и беше прекрасен ден.
Дали постојаниот дом ви е во Македонија? Дали размислувате да останете овде или има план да живеете и во Нигерија?
Моментално живееме во Македонија, но сакаме да живееме некое време во Нигерија или на друго место за да доживееме нови искуства и култури.
Како се адаптира сопругот на Македонија и животот овде? Што му се допаѓа, а што не?
Лаурел се адаптира доста добро на животот во Македонија. Му се допаѓа мирниот начин на живот и љубезноста на луѓето.
Единствено му пречи студеното време, бидејќи климата е многу различна од Дубаи, каде што претходно живееше.
Како му се допаѓа храната? Кое му е омилено јадење од македонската кујната? А, кое е твое омилено јадење од нигериската кујна? Колку се разликува храната во Македонија од храната во Нигерија?
Лаурел ужива во македонската кујна! Особено сака да јаде пита со праз, полнети пиперки, и да пие ракија.
Јас, пак, ја обожавам нигериската супа Егуси со фуфу, која има посебен вкус и е многу различна од македонските јадења.
Имаме и ТикТок профил @the_ebhodages, каде што секојдневно објавуваме видеа како Лаурел зборува македонски, јаде македонска храна и учи нови традиции и обичаи.