Јулија, Украинка омажена за Македонец: „Војната ме раздели од блиските, сопругот ми е поддршка“
- Детали
- понеделник, 30 декември 2024
„Омилена македонска поговорка ми е: ‘Кој копа јама за друг, сам во неа паѓа’, а првото и најомилено зборче што го научив на македонски беше ‘маженце мое’“, вели Јулија Пеева Владимировна за CRNOBELO.com.
Јулија Пеева Владимировна (35), во душа Талевска, од Украина во брак е со Николче од Демир Хисар речиси 3 години.
Парот живее во Германија, а Јулија ја обожава Македонија, како и македонските традиции и храна.
Таа за CRNOBELO.com ја споделува нејзината приказна:
Како одлучи да се отселиш од Украина и спомени кои те врзуваат за твојата родна земја?
Поради љубовта. Работам во странство од 24 години, сум посетила 24 држави, и отсекогаш сакав да живеам во Германија.
Во Украина останаа моите најблиски – брат ми и баба ми со дедо ми.
Многу ми недостигаат, од почетокот на војната не сум ги видела и тоа е многу тажно. Се надевам дека наскоро ќе се сретнеме.
Како е да се биде во брак со Македонец? Зошто македонските мажи се добри сопрузи?
Во бракот со мојот Македонец ми е интересно. Нашите традиции се слични и тоа ми се допаѓа.
Македонците се пејачки народ, а најинтересно е што речиси сите Македонци имаат убави гласови.
Украинците, пак, повеќе се танцувачки народ. И јас самата танцував народни танци и балет 10 години кога бев млада.
Не знам зошто другите Македонци се добри сопрузи, но мојот сопруг е одличен. Ми се допаѓа тоа што Никола е паметен, интересен и интелигентен човек.
Тој е добар татко, ги сака децата општо и го обожава нашиот син. Очите му светат кога Тадеј е покрај него.
Ги делите ли обврските во домот? Кој за што е одговорен? А како се делат обврските во украинските заедници, кои мажи се подомаќини Македонците или Украинците?
Обврските по дома ги делиме вака: јас ги правам сите работи, а Никола – сè останато.
Се разбира дека се шегувам, Никола е одговорен за оние потешките работи каде што по природа мажите се посилни и можат да ги извршуваат, а јас за храната и домашните обврски.
Мислам дека не би можела да кажам кој е поголем домаќин – Украинците или Македонците.
Постојат мажи и жени, секој со свои обврски. Верувам дека така е природно – жените се повеќе домаќинки. Но, секое семејство е индивидуално.
Што ти се допаѓа кај Македонците како народ?
Македонците се весел народ, талентиран, музикален и гостопримлив.
Кое ти е омилено македонско јадење и знаеш ли да готвиш македонски јадења?
Моето омилено јадење е, се разбира, тавче-гравче, бидејќи Украинците не подготвуваат толку вкусно гравче како Македонците – со посебната црвена сува пиперка, неверојатно вкусно.
Се учам, секако, да подготвувам македонски јадења, но ќе треба да земам уште неколку часови од свекрва ми како се прави зелник и чорба.