Ана и Мартин направија луксузна свадба во стилот на „Убавицата и ѕверот“, со 700 бели рози, музика на харфа и трубачи
- Детали
- петок, 18 октомври 2024
„Пред да отидеме во ресторанот, моравме да направиме кратка пауза, па со Мартин застанавме на хамбургери во „7“. Таму сите беа изненадени и нè фоткаа, зашто бевме во венчаница и смокинг“, вели Ана од Кочани, за уникатната свадба во стилот на „Убавицата и ѕверот“.
Ана Накова од Кочани и Мартин Јованов од Скопје направија уникатна тематска свадба за која инспирација им била приказната за љубовта на убавицата и ѕверот.
Парот толку многу ја сака оваа приказна, што дури и запросувањето пред неколку месеци им беше во истиот стил.
За ресторанот да изгледа волшебно, биле искористени 700 бели рози и околу 100 украсни свеќи, а на влезот имало и огледало на кое била испишана порака со текст од филмот.
Невестата смени 2 венчаници, а младоженецот носеше класичен смокинг.
А по црковната венчавка, наместо да одат во ресторанот, така дотерани, застанаа на хамбургери во сендвичара, па дури потоа заминаа да ги пречекаат гостите и да го одиграат свадбениот танц.
За уникатната свадба во стилот на Убавицата и ѕверот, Ана раскажа за CRNOBELO.com:
„Уште пред да ја почнеме подготовката за свадба, знаевме дека сакаме да биде поврзано со ‘Убавицата и ѕверот’, филмот кој ни го одбележа првиот состанок, а потоа и запросувањето.
Свадбата ја спремавме околу 4 месеци и го одбравме ресторанот „Везилка“, којшто изгледаше многу модерно и уникатно.
Најтешко ни беше да најдеме датум затоа што сите термини што се ни одговараа, беа пополнети.
Па, откако го договоривме датумот, го избравме ресторанот и го видовме просторот за свадбата, идеите почнаа да доаѓаат една по друга.
Јас и Мартин сме весели, сакаме забава, па се одлучивме да споиме неколку различни тип на музика за постојано да има различно темпо на свадбата и да ни биде уште позабавно.
Знаевме дека сакаме да биде класично, елегантно, но и многу забавно.
Прво почнавме од класика и елеганција, па Сара Мејс свиреше на харфа додека доаѓаа гостите.
Таа беше осветлена со рефлектор и беше поставена на средината на салата.
Сакавме да има и традиционален дел за повозрасните, па ги избравме „Инструментал бенд“, а сакавме да ни пее и Жаре Бербер кој е шоумен и знае како да направи забава.
Знаевме дека забавата не може да биде комплетна без блех музика, па го избравме единствениот Џамбо Агушев со неговиот оркестар, кој направи вистинска веселба за гостите.
Со Мартин се договоривме дека не треба да е тивко во ниту еден момент, па гледавме секоја минута да биде исполнета со музика.
За време на вечерата, во салата танцуваа танчари од студиото Dancers United, а гостите уживаа во нивната изведба.
Декорацијата за свадбата ја осмислив јас, а мојата замисла ја исполнија прекрасните девојки од Wedding events VS.
Сакав да е елегантно, романтично и бајковито, па затоа решив на секоја чинија да има по една бела роза што ја симболизираше ружата што ѕверот ја чува во стаклено ѕвоно.
По ова, идеите се надоврзуваа една на друга.
Рози имаше и на невестинската маса, а беа наредени во мали вазни, по една роза во вазната.
Тортата ни беше едноставна, а и тука одозгора имавме само една бела роза.
Од бели рози беше и мојот бидермаер, а во него имаше 25 цвета.
На крајот купивме 700 бели рози за да ја реализираме целата идеја како што сакавме.
Сакав да има и многу свеќи во ресторанот, затоа што во приказната свеќник ја води убавицата до ѕверот.
Па, според тоа, и јас сакав нашите свеќи да водат до бесконечна љубов - затоа на секоја маса имаше свеќник, а на невестинската маса имаше многу свеќи.
На влезот на ресторанот имаше поставено огледало, кое е уште еден симбол поврзан со приказната.
Огледалото на влезот е огледалото коешто ѕверот ѝ го дава на убавицата за да погледне во него секогаш кога ќе посака да го види него.
Затоа на свадбеното огледало напишавме The Most Beautiful Love Story Ever Told („Најубавата приказна некогаш раскажана“), реченица која е дел од приказната за убавицата и ѕверот.
Сакавме гостите да се фотографираат кога влегуваат и да се присетат на моментите од свадбата.
Во позадина на невестинската маса, исто така, сакав да има дел од приказната, па затоа и ставивме лед екрани, на кои беше испишан почетокот на песната со која убавицата и ѕверот го почнуваат првиот танц.
Секако, нашиот прв танц почна со истата песна и кореографија како нивната, а ни ја осмисли Нина Латина.
На поканите имавме напишано Be our guest, а тоа го означува делот кога убавицата оди првпат на ручек кај ѕверот.
Големо внимание посветивме и на изгледот. Венчаницата ми ја дизајнираше Мите Занов и направи да се чувствувам најубаво, а шминката и фризурата се дело на Даниел Николовски, кој направи да изгледам најубаво на цел свет.
За Мартин, пак, избравме класичен смокинг.
Тој дојде по мене во Кочани и јас сакав прв да ме види и сам да влезе во собата. Тој не знаеше каква ќе ми биде венчаницата и затоа сакав да го изненадам.
Потоа, во текот на свадбата ја сменив со втора венчаница, во вид на кратко фустанче.
Со Мартин тргнавме од Кочани кон Соборниот храм во Скопје.
Таму направивме серија фотографии, за кои беше задолжен Виктор Крстевски (Vkr photography), а потоа влеговме во црквата, каде што нè венча неговото блаженство, архиепископот господин Господин Стефан.
И за крај, пред да отидеме во ресторанот и да ја почнеме свадбената веселба, со Мартин моравме да направиме кратка пауза, па застанавме на хамбургери во „7“.
А таму сите беа изненадени и нè фоткаа, зашто бевме во венчаница и смокинг, но ние моравме да бидеме најадени пред првиот танц, ха, ха“.