Наставник Гоце Бумбароски: „Материјалот што се учи не е обемен – децата се навикнати да врват по полесниот пат“
Денес, сè почесто се зборува за теми како АДХД и екранизам и факт е дека голем број од децата се зависници од мобилни телефони. Подготвени ли се нашите наставници да се справат со таквите проблеми?
Точно, сè почесто наидуваме на деца/ученици со потешкотии во постигањето на целите во наставата кои се предизвикани од модерниот начин на живеење.
Екранизмот е сличен на аутизмот – детето почнува да создава внатрешни светови под влијание на претераното гледање во паметни уреди.
Наставниците како дел од воспитно-образовниот процес не можат да се справат со овие модерни појави без поддршка од родителите, кои мораат да сфатат дека одгледувањето на здраво поколение се создава во здраво семејно опкружување под контролирани услови на делување.
Децата не ве слушаат што им говорите – тие ве имитираат.
Не може правилно да одгледате дете доколку поминувате долго време со мобилниот в’раце.
Не можете правилно да воспитате дете ако му дозволувате поголемиот дел од денот да го поминува пред екран.
Во минатото се знаеше дека наставникот е авторитет во наставата и дека неговиот збор треба да се почитува и од учениците и од родителите. Колку често се случува денес родителите да го омаловажуваат авторитетот на наставникот уште во првите одделенија и како тоа се одразува понатаму?
Денес статусот на просветните работници не го задоволува вложениот труд!
Во минатото се почитуваше зборот на учителот како светост, се почитуваа неговото мислење и знаење.
Да не заборавиме дека изградениот и професионалниот просветен работник секогаш треба да биде пример полн со одговорност, разбирање и посветеност кон работата.
За да му укажете нешто на својот ученик, треба да тргнете од себе.
Онака како што ќе ве прифатат вашите ученици и нивните родители – такво име и дигнитет ќе ве следи и во иднина.
И да не заборавиме, учителот треба да внимава на својата облека бидејќи преку неа им дава пример на своите ученици. Тој треба да е уреден, педантен, онака како што му доликува на неговата професија.
Важно е учителот да го даде знаењето кое од детето ќе изгради самостојна и успешна личност!
И сето тоа во време на материјално општество, изгубени морални вредности, материјален натпревар и неповратна отуѓеност од човекот во самите нас.
Само авторитетниот учител е достоен за почит. Авторитетот – тој е одраз на секој од нас.
Колку често се случува децата да ви раскажуваат за случувањата во домот?
Со учениците од пониските одделенија стануваме другари во вистинска смисла на зборот.
А другарството си има свои карактеристики (доверба, почитување, соработка, помош, поддршка и др.).
Па во тоа име учениците чувствуваат потреба со наставникот да споделат настани од секојдневието, што вклучува и случувања од домот.
Најчесто тие разговори траат долго затоа што секое дете сака да сподели по нешто.
Преку тие разговори ние дознаваме за меѓусебните односи во семејството и го запознаваме непосредното опкружување на учениците.
Информациите кои ги добиваме преку тие разговори ни се добредојдени во разрешување на некои недоразбирања во склоп на семејствата.
На сите ни е јасно дека секое дете е различно и секое дете има свои потреби. Колку често се случува наставникот да мора да прави отстапки и да го приспособи својот стил на предавање на потребите на учениците? Сте имале ли вие таков случај?
Секој ученик е посебен на свој начин.
Со оглед на тоа што нашиот образовен систем е конципиран за работа со просечни ученици, ние наставниците мораме да ги приспособуваме програмите за работа со ученици со посебни образовни потреби.
Тука спаѓаат учениците со попреченост како и надарените и талентирани ученици.
Во мојата кариера како наставник сум имал повеќе ученици со различни образовни потреби и можам да кажам дека е голем предизвик да се работи со вакви ученици.
Има многу случки кои заслужуваат посебно внимание, но не можам да издвојам некој ученик и случка за да споделам со вас.
Во една пригода рековте дека родителите сами се виновни за мрзеливоста на нивните деца? Стоите ли сè уште на тој став и појаснете ни, што мислите – каде најчесто грешиме како родители?
Денес децата се премногу стимулирани и премногу опкружени со материјални предмети, но тие се лишени од основите на здравото детство, како што се:
- Емоционално достапни родители
- Јасно дефинирани граници
- Одговорности
- Балансирана исхрана и соодветно спиење
- Движење во целина, но особено на отворено
- Креативна игра, социјална интеракција, неструктурирани можности за игра и простори за здодевност.
Наместо тоа, во последниве години децата се исполнети со:
- Дигитално расеани родители;
- Волшебни и попустливи родители кои им дозволуваат на децата „да управуваат со светот“ и да ги поставуваат правилата;
- Чувство за право според кое тие сметаат дека заслужуваат да добијат сè, без тоа да се заработи (овде не мислам на пари) или да бидат одговорни за тоа;
- Несоодветен сон и неурамнотежена исхрана;
- Седечки начин на живот;
- Бесконечна стимулација, технолошки дадилки, моментално задоволување и отсуство на здодевни моменти.
Велат дека децата се огледало на своите родители. Така, доколку се прашувате од каде вашето дете слушнало некое вулгарно зборче, одговорот ќе го пронајдете ако земете огледало – и погледнете во него.
Почитувани родители, не само што вашите деца се одраз на вашата боја на очи, коса, лице… Не заборавајте дека се и одраз на вашите дела и навики.
За сè што им замерувате, тие тоа го виделе токму кај вас!
Според вас што е она што секој родител треба да го направи со своето дете пред почетокот на учебната година?
Пред почеток на новата учебна година упатувам молба до сите родители:
Одвојте пет минути и седнете со вашето дете, објаснете му дека не постои причина да му се исмева некому за неговата висина, тежина, боја на очи, начинот на живот или работи во кои ужива.
Кажете му дека нема ништо лошо во тоа да носите исти обувки секој ден.
Објаснете му дека стариот ранец ги носи истите соништа како и новиот.
Научете го да не избегнува никого затоа што е „различен“.
Објаснете му дека задевањето, навредувањето, исклучувањето боли и дека училиштето е за учење, а не за да се натпреваруваат и шират негативни вибрации.
Потсетете го дека е важно да се биде љубезен. Сè почнува од дома!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело