Панчо е страстен колекционер на патики: „Имам 136 пара“
- Детали
- сабота, 17 август 2024
„Со постариот син Андреја веќе сме ист број и тој ги носи моите патики и искрено, ми е мерак. Марјан е сè уште мал, но и тој има вкус за патики - гледајќи нè мене и брат му, невозможно е да нема таков мерак“, вели Панчо и ни раскажа за својата љубов кон патиките.
Владимир Блажев, за едни Панчо од ДНК, за други диџеј Шорти, е страстен колекционер на патики. Во неговиот дом има специјално изработен плакар во кој ги чува, а тука се и патиките на синовите Андреја и Марјан, кои ја наследиле неговата љубов кон патиките.
За CRNOBELO.com, Панчо вели дека не се ни сеќава како почнало колекционерството, ниту, пак го чува првиот пар патики, од кој тргнало сè.
Искрен е кога вели дека оваа љубов можеби му ја поттикнале и тинејџерските комплекси. Во тоа време живееле скромно, а неговата покојна мајка честопати немала пари за да му ги приушти работите што ги сакал.
„За да ми удоволи да бидам како и сите деца, позајмуваше од пријатели или лихвари. Тогаш не сум ни сфаќал што сè правела и колку се понижувала пред пријателите. Па, сè што можам да кажам е дека сум горд на неа и на тоа како ме воспитала и ми покажала што значи жена-ѕвер. Сум ја имал најдобрата мајка на светот и вечно сум ѝ благодарен за тоа“, вели Панчо.
За неговата љубов кон патиките, прочитајте го интервјуто:
Ти си голем љубител на патики. Колку пара има во твојата колекција?
За жал или среќа, ја имам таа пасија да сум љубител на патики.
Секој има некоја „фалинка“, па ако треба да имам, мислам дека е супер што е баш оваа.
Инаку, во моментов имам точно 136 пара.
Се сеќаваш ли кога првпат почна да „ги собираш“?
Љубовта се роди сосема спонтано.
Буквално никогаш не сум размислувал дека некогаш ќе станам колекционер.
Уствари, не знам дали сум колекционер или само sneaker freak.
Дали сè уште го чуваш првиот пар од кој почна сè?
Нееееее… Искрено, како што кажав, никогаш не сум мислел дека ќе имам толку пара во колекцијата.
Па, како се случи да станеш колекционер на патики?
Пред сè, мислам дека тоа почна поради стилот на облекување и љубовта кон спортот.
Но, најискрено мислам дека доаѓа од фрустрациите кои ги имав како тинејџер кога, сега веќе мојата покојна, мајка не можеше да ми купи тоа што го сакав и што беше модерно.
Па, можеби комплексите останати од тоа време си го прават своето.
Живеев многу скромно и често дома бевме без пари, но памтам дека мајка ми за да ми удоволи да бидам како и сите деца, позајмуваше од пријатели или лихвари.
Тогаш не сум ни сфаќал што сè правела и колку се понижувала пред пријателите.
Па, сè што можам да кажам е дека сум горд на неа и на тоа како ме воспитала и ми покажала што значи жена ѕвер.
Сум ја имал најдобрата мајка на светот и вечно сум ѝ благодарен за тоа.
Кои се најнеобичните патики што ги имаш (и што ги прави посебни)?
Немам такви. Мене сите ми се посебни, но како модел заљубен сум во Џордан четворки (модел 4) и кецови.
Исто така, моделите dunk ми се слабост, исто како и Air Max 90 и Air Max 95.
Ако мора да избереш само еден пар омилени, кои би биле тие и зошто?
Уф, претешко е тоа. Нешто слично како да морам да изберам која песна од ДНК ми е најомилена.
Поседуваш ли патики што си ги купил и никогаш не си ги облекол?
Нееееее, ниту пак такво нешто ќе се случи.
Не знам која е логиката да купам за да не ги облечам.
Од каде ги купуваш? Дали повеќе порачуваш онлајн или додека шеташ, па ќе се заљубиш во некој модел на прв поглед во продавница?
И од таму и од таму. Кога патувам обавезно влегувам во продавница за патики и често разменувам искуства со продавачите.
А онлајн тоа е од Инстаграм страницата на UpToYourLevel - момци кои се страшни професионалци и патиките ти ги носат до дома.
Топло ви ги препорачувам.
Дали повремено ги пребришуваш од прашина или ги чуваш уредно во кутии?
Ги пребришувам само пред облакање, а ги чувам надвор од кутии, односно спастрени во плакар кој е посебно направен за нив.
Кој е најскапиот пар патики што си го купил и колку чинеа?
Најскапите патики ми се околу 450 евра, а патиките што ги купувам, во просек би дошле негде од 220 до 250 евра.