Елена Стојчевска за животот во Холандија: „Децата шетаат боси и зиме и лете, градинките се скапи и за Холанѓаните“
- Детали
- четврток, 13 јуни 2024
„Тука децата тргнуваат во прво одделение на денот на 4-иот роденден, мора да имаат диплома за пливање за да го продолжат средното образование, кај нив Дедо Мраз доаѓа порано“ – раскажува во интервју за CRNOBELO.com Елена Стојчевска, креативна мајка која со семејството живее во Амстердам.
Елена Стојчевска е креативна мајка чијшто профил на Инстаграм е непресушна ризница на нови проекти и идеи за активности за децата коишто истовремено може да ви помогнат да поминете квалитетно време со нив, но и да ги тргнете од екраните на мобилните телефони, таблетите и телевизорите.
Таа е горда на тоа што овој нејзин проект во последниве неколку години прерасна во вистинска заедница во која учествуваат голем број родители кои се истомисленици.
Оваа битолчанка, 15 години живеела во Скопје, а во изминатите 2 години живее во Амстердам, Холандија.
Со неа поразговаравме и за тоа колку оваа земја е поразлична од Македонија во поглед на начинот на којшто се одгледуваат децата таму.
Што е она што е необично во Холандија кога станува збор за одгледувањето деца, колку чинат градинките и какви активности имаат децата во училиштата?
Во продолжение проследете го целото интервју со Елена за CRNOBELO.com:
Колку време живеете во Амстердам? Што е она што ве натера да ја напуштите Македонија и да заминете во странство?
Во Амстердам среќно живееме веќе 2 години, тука нè доведе работата на сопругот.
Колку ви беше тешко да се навикнете на животот таму? Се привикнаа ли лесно децата на промените?
Децата се навикнуваат најлесно, особено затоа што образовниот систем е направен за нивна брза и лесна интеграција, додека ние како родители секојдневно се соочувавме со нови предизвици, но убавите работи брзо се учат и лесно се навикнува.
Морам да напомнам дека иако Амстердам е интернационален град и англискиот јазик е секаде прифатен, сепак живот со Google Тranslate, читање на упатства и писма, понекогаш знае да не е лесен.
Кои се најчудните навики на Холанѓаните во однос на воспитувањето на децата? Што е она што на почеток ви беше чудно и несфатливо?
Несфатливо ми е што децата им шетаат боси и во лето и во зима.
За разлика од нас што бабите нè облекувале што повеќе, тука тоа е сосемa спротивно.
Децата мора да имаат диплома за пливање за да го продолжат средното образование, кај нив Дедо Мраз доаѓа порано (на 5-ти декември), се вика Синтерклас, со многу поразлична традиција од нашата, па за нас е возбудливо, како странци секоја година откриваме нешто ново.
Холанѓаните општо важат за студени луѓе… Каков е нивниот однос кон децата, имаат ли разбирање за детската врева и игра?
Иако ги бие таков глас дека се студени, сметам дека тие повеќе се организирани и си го ценат сопственото време па потешко е да им влезеш во системот.
За разлика од нас, Балканците, тие се далеку поопуштени родители и нивните деца се порелаксирани и послободни, за мои стандарди некогаш и премногу.
Нив апсолутно ниедна постапка на децата не им смета.
Елена за CRNOBELO.com: „Кога времето е топло на децата во училиште им е дозволено да носат пиштоли на вода и да се прскаат“.
Скапо ли е образованието во Холандија? Колку во просек чини дневен престој во градинка, а колку во училиште? Постојат ли бесплатни училишта и какви се условите таму?
Ова е малку покомплексно прашање затоа што целиот образовен систем е малку покомплициран.
Градинките се доста скапи и за Холанѓаните, со оглед на тоа што породилното отсуство е кратко и тука е борба за место во градинка.
Но после 2-годишна возраст на детето, има речиси бесплатни игротеки, но не се со полно работно време, а веќе од 4 години дечињата започнуваат да одат во основно училиште и веќе образованието е комплетно бесплатно.
Забавно е да се каже дека детето влегува во образовниот процес или тргнува во 1-во одделение на денот на неговиот роденден.
Условите во училиштата се прекрасни, дефинитивно различни од Македонија.
Она што мене ми е доста значајно е тоа што децата поминуваат надвор поголем дел од денот и имаат огромна еколошка култура.
Секое училиште е различно, а има иста програма, најчесто има разлика во уметничките часови, па еве кај син ми во училиштето едно полугодие како дел од уметничките часови имаа редовен час по рап, каде што учеа да пишуваат текстови и сл.
Елена за CRNOBELO.com: „Во парковите е вообичаено да има животни и на децата да им биде дозволено да ги погалат“.
Што најчесто прават децата во слободното време? Кои се вообичаени активности со коишто се занимаваат?
Па нема некоја разлика од активностите со кои се занимаваат во Македонија, некои активности ги овозможуваат училиштата, други се приватни, секако спорт, уметност, зависи каде ќе се насочат, од поинтересните вонучилишни активности кои ги има во училиштето кое го посетува син ми се часовите по лего.