Марта Гусар, адвокат: „Не е неопходен развод за жртвите на семејно насилство да побараат заштита“
Имаме ли во Македонија развиени механизми за заштита на жртвите? Им се нуди ли еднаква помош и поддршка и на мажите и на жените?
Секако дека има, и механизми, и советувалишта и центри, така што слободно веќе можам да кажам дека во голем процент е имплементирана Истанбулската конвенција за заштита на жени жртви на насилство.
Можете ли да ни кажете колку приближно траат бракоразводните парници? Во кои случаи може да дојде до одолговлекување?
Бракоразводните постапки може да траат од 3 месеци до 1 година, сè зависи дали станува збор за спогодбен развод на брак или станува збор за тужбено барање, потоа дали има деца во бракот.
Многу елементи се содржани за да можам да конкретизирам траење на постапка.
Секој предмет е сам по себе посебен и не можам да издвојам како пример колку тој процес би траел.
Сепак, станува збор за живи луѓе и околности кои се различни секогаш.
Колку често се случува жртвите да ја започнат парницата, а потоа да се премислат? Која е најчестата причина за тоа?
Секако дека се случува, најчесто е страв или, пак, едноставно се подобриле односите.
Исто така, може да се случи поради предолг период на добивање заштита, едноставно жртвата да загуби доверба дека ќе ѝ се помогне.
Сè уште треба да работиме сите на ниво на држава за ажурно и брзо постапување во таквите предмети, со цел жртвата да ја добие заштитата веднаш и со тоа да се постигне целта на сите донесени закони во насока на заштита на жртвите.
Што би им порачале на жртвите што трпат насилство и не се осмелуваат да стават крај на хоророт во којшто живеат?
Да соберат храброст и да излезат од таа средина. Навистина има механизми за заштита, има институции кои ќе ги заштитат, а воедно и најважно е дека не се сами.
Стравовите кои ги имаат нека ги споделат со цел да им се дадат одговори, а со тоа и да се ослободат од стравови кои иако се неоправдани за мене, за нив сепак се оправдани, меѓутоа тие стравови се само дел од насилството коешто им се случува.
Нека побараат помош, многу работи ќе им се разјаснат и со тоа ќе се минимизираат тие стравови и секако ќе бидат заштитени и помогнати од сите стручни лица и институции, едноставно не се сами.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: depositphotos.com