Петар Андоновски, писател: „Сакам да им дадам глас на оние кои смеат да зборуваат само меѓу четири ѕида“
- Детали
- сабота, 02 март 2024
„Сè додека постојат луѓе кои мислат дека жените ги имаат сите права како мажите и сè додека постојат луѓе кои мислат дека ЛГБТ луѓето имаат права и со нив нека прават што сакаат во четири ѕида, ќе има и потреба да се пишува и за квир ликови и за жени“, вели писателот Петар Андоновски чии книги се наградувани и преведени на неколку јазици.
Пред самиот крај на 2023 година, излезе нов роман од Петар Андоновски, насловен како „Не кажувам“ кој обработува актуелни теми за времето во кое живееме.
Препознатливиот стил на Андоновски и овој пат успеа да ги придобие читателите кои сакаат да читаат приказни за оние кои живеат на маргините на општеството.
Во продолжение следува разговор со Петар Андоновски кој отворено зборува за болните теми на нашето општество и отвора важни прашања што секој од нас треба да си ги постави.
Целото интервју во продолжение:
Петар, пред самиот крај на минатата година излезе твојот четврт роман со наслов „Не кажувам“ во издание на издавачка куќа „Полица“. Што сè кажуваш сега, а не си се осмелувал пред неколку години?
Во сите мои книги досега сум обработувал теми кои многу малку или воопшто не биле третирани во нашата книжевност. Последните мои два романи можеби се малку повеќе ангажирани од другите, но не би кажал дека во претходните сум премолчел нешто.
Секогаш кога пишувам одбирам теми кои во тој миг ми се интересни и мислам дека имам што да кажам за нив. Така беше и со мојот последен роман „Не кажувам“ во кој ја обработувам темата за квир родителство, односно за истополовото родителство.
Оваа тема природно ми се наметна на возраста на која сум сега, верувам дека и многу други кои се на слична возраст како мене, а кои немаат деца, си ги поставуваат истите прашања - дали е во ред да немате дете, дали е во ред да не сакате да имате дете, ако сте во квир заедница дали детето на партнерот е и ваше дете…
За некои работи се зборува само кога ќе им дојде времето, сега му беше времето на „Не кажувам“.
Те цитирам од твојот последен роман: „Многу работи нè поврзуваат мене и Јосиф. Читавме исти книги, слушавме иста музика, сакавме исти филмови. Но, најмногу нè поврзуваше чувството дека никаде не припаѓаме“. Успеа ли да ја најдеш својата припадност? Го осозна ли она нешто со кое би се идентификувал?
Долги години ми беа потребни да се изборам првин со себе, а потоа и со околината и конечно да бидам – јас.
Мојот пат до слободата водеше од катедрата за општа и компаративна книжевност, преку книгите што ги читав и филмовите кои ги гледав, но најголемата слобода ја имам во книгите што ги пишувам.
Многупати во животот луѓето, како и еден од твоите ликови, постапуваат така што наместо нештото да го направат за себе, тие го прават за друг, во овој случај ликот сака да ја направи среќна мајка му. Кога и од што научи дека нашата благосостојба и себепосветеноста е клуч до здрав и исполнет живот?
Многу од луѓето, особено на Балканот, чувствуваат должност кон своите родители да им вратат за тоа што ги изгледале, што ги школувале, но и многу од родители го очекуваат истото – да им биде вратено за грижата што им ја посветиле на децата.
Па, најчесто „децата“, сакајќи да им возвратат на своите родители, прават работи кои не ги прават нив среќни, туку родителите.
Дипломираат на факултети кои ги избрале за да им удоволат на родителите, создаваат семејства зашто тоа се очекува од нив, потоа тие кога ќе станат родители почнуваат да ги имаат истите очекувања од нивните деца.
А, за жал, или премногу доцна или никогаш не сфаќаат дека да се живее во благосостојба возможно е само ако не зависите од никој, особено финансиски и емоционално.
Ова е уште една тема која е многу интересна, а за кој многу малку се пишувало во книжевноста.
Една од доминантните теми во „Не кажувам“ е премолчувањето. До кој степен треба да правиме компромиси во животот пред да се изгубиме себеси и нашиот живот да го претвориме во молк?
Многупати од страв да не ги изгубиме луѓето што ни значат или од страв дека нема да бидеме прифатени од околината (а човекот е социјално битие), правиме компромиси со себе по цена и да бидеме несреќни.
Тоа е најлошото нешто што може човекот да си го направи самиот на себе. Затоа никогаш и по ниту една цена не сум прифаќал сопствената слобода и сопствениот мир да ги жртвувам за да ме сака или прифати некој.
Твоето творештво раскажува приказни за квир ликови и жени, за оние што постојат на маргините на општеството. Каква е всушност „ладната реалност“ ослободена од превезот на комфорот во која живееме денес?
Сè додека постојат луѓе кои мислат дека жените ги имаат сите права како мажите и сè додека постојат луѓе кои мислат дека ЛГБТ луѓето имаат права и со нив нека прават што сакаат во четири ѕида, ќе има и потреба да се пишува и за квир ликови и за жени.
За мене пишувањето е борба. Преку пишувањето се обидувам да им дадам глас на оние кои смеат да зборат само во кујна или меѓу четири ѕида.
Книжевноста нема да го промени светот, но може да им го промени светот на оние кои мислат дека се сами, заборавени и кои се плашат да зборуваат за работи за кои мислат дека никој друг не зборува.
„Не кажувам“ е најпродаваната книга за 2023 на издавачка куќа Полица. Што за тебе значи да се биде успешен автор во Македонија?
Да се биде продаван писател, не само во Македонија, туку каде било во светот, значи дека тоа што го пишувате допира до другите, вашиот свет станува и нивен и дека, пред сè, луѓето ви веруваат.
Поубав комплимент од ова нема за еден писател.
По добивање на Европската награда за литература за 2020 година, твоите романи се преведоа на десетина светски јазици, а имаше и неколку промоции во странство. Ти стана ли појасно како функционира издавачката индустрија во светот? Како македонската книжевност да допре до светскиот пазар?
Ние сме мал јазик и мала култура и ако сакаме да имаме успех, тоа е возможно само ако имаме национална стратегија.
А, ние ја немаме таа стратегија, културата едвај преживува, единственото место на кое колку-толку се претставуваше македонската книжевност беше саемот на книга во Франкфурт на кој немаме отидено од 2019 година.
Но, и тогаш кога идевме ние, наместо со каталог со книги и автори, идевме со тегли со ајвар и вино како да одиме на саем за туризам.
За да допре македонската книжевност до светскиот пазар првин треба да формираме Агенција за книга, да вработиме соодветен кадар и по примерот на Словенија, да почнеме да ја претставуваме и промовираме нашата книжевност.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. Х. | Црнобело