Даниела Петровска, професорка по македонски: „Учениците не читаат, предизвик е да ги натерам да одат во библиотека“

Во однос на доминацијата на сленгот кој се користи на социјалните мрежи дали учениците заборавија да говорат литературен македонски јазик? Како се справувате со тој проблем кој е сè почест кај младите.

Социјалните мрежи се место каде што повеќето луѓе, за жал, го извитоперуваат современиот јазик и отстапуваат од литературната норма.

Така, денес испаѓа дека е „срамно“ да се користи нормата или да се користи и кирилицата како наша азбука. Факт е дека ние имаме и латинична верзија на нашата азбука, но тоа не ја намалува обврската да ја користиме кирилицата.

Разговорот за значењето на почитувањето на јазичната норма и рушењето на „стереотипот“ дека е срамно да се користи кирилицата е единствениот пат до надминување на „јазичната криза“.

Градењето на свесноста дека нацијата се брани со „чувањето“ на јазикот е чин на најголем патриотизам. Јас лично учениците сакам да ги мотивирам усно да интерпретираат извадоци од книги или да пишуваат текстови на различни теми кои им се креативна провокација.

Сметам дека само со афирмација на значењето на стандардниот јазик и читањето литература на тој јазик е пат до надминување на таа „криза“ што е секојдневно присутна низ социјалните мрежи.

daniela-petrovska-e-nasa-inspirativna-profesorka-najgolem-predizvik_mi-e-da-gi-motiviram-ucenicite-da-ja-posetat-bibliotekata-i-da-zemat-kniga-05_copy_copy.jpg

Како Вие се справувате со врева, задевање и невнимание за време на часот?

На моите часови, да не звучи претенциозно, нема такви појави на невнимание и задевање меѓу учениците.

Секој ден часовите ги започнувам со должна почит кон учениците, прашувајќи ги како се и дали имаат некоја сугестија што треба да ми ја кажат за теми кои се однесуваат на предметот или воопшто на теми што се актуелни и го засегаат животот на учениците во училиштето и надвор од него.

Ја почитувам личноста на детето и сакам да го чујам секој негов збор, без оглед дали е збор на искажување задоволство за нешто, збор на протест за нешто или прашање.

Тоа ја прави атмосферата во училницата креативна и секогаш конструктивна, така што ретко се случува да забележам појава на невнимание или несоодветно однесување кај учениците.

daniela-petrovska-e-nasa-inspirativna-profesorka-najgolem-predizvik_mi-e-da-gi-motiviram-ucenicite-da-ja-posetat-bibliotekata-i-da-zemat-kniga-06.jpg

Дали наставниците се доволно почитувани, и од родителите, и од учениците и од останатите колеги?

Прашањето дали наставниците се почитувани од родителите, од учениците и од самите колеги е можеби најмногу прашање на личниот и професионалниот интегритет на наставникот.

Ако зборуваме во контекст на срушениот систем на вредности во нашето општество што вечно е во транзиција, тогаш сигурна сум дека не само наставниците, туку човекот воопшто не е почитуван најмногу од страна на институциите на системот.

Добриот учител, како и добриот актер, прво мора да го привлече вниманието на својата публика, а потоа може да ја одржи својата лекција, па според тоа кои методи ги практикувате за да го задржите вниманието на учениците?

Точно е дека училницата е еден голем подиум каде што се одвива професионалната реализација и валоризација на учителот.  

Го избегнувам шаблонот на „надредени“ и „подредени“ на „сцената“, секогаш се трудам да зборувам со јасна дикција, зборувам гласно за да ме чујат сите, ја избегнувам монотонијата на самоговорот и фронталниот метод на поучување и се трудам учениците да ги направам „актери“ на „сцената“ наречена училница.

Автор сте и на една уникатна книга - „Последниот лист гитарист“ - којашто ја напишавте пред извесен период. Што ве натера да ја напишете оваа книга?

Книгата „Последниот лист гитарист“ е инспирирана од теми поврзани со наставната програма по предметот Македонски јазик и литература во основното образование и настана во мигови кога јас како авторка, а и професорка по истиот предмет во гимназиско образование, воочив дека на учениците им недостига соодветен поттик за книжевен израз.

Низ страниците на оваа книга се трага по етичките премиси на ликовите што ја детерминираат иницијацијата на детето. Тоа се ликовите на мајката и таткото како двигатели на развојните фази на детето.

Во нив е сугерирана заштитничката улога на родителот кон детето, неговата саможртва кога мигот одлучува кој ќе остане жив пред пушката на ловецот (мајката или детето).

На тој начин, сакам да го соочам детето со проблемски ситуации кои јасно укажуваат дека смртта може секогаш секому да му се случи. Тенденцијата е да се најде мотив за живот секогаш кога се чини дека тој е убиен од несреќните околности.

Мотивот за продолжување на животот го носи детето кон емоционална зрелост, насушно потребна за надминување на трагичните околности во кои тоа се нашло.

daniela-petrovska-e-nasa-inspirativna-profesorka-najgolem-predizvik_mi-e-da-gi-motiviram-ucenicite-da-ja-posetat-bibliotekata-i-da-zemat-kniga-07.jpg

Според вашето искуство, дали професорот со авторитет за учениците е „лошиот” , а оној кој попушта е „добриот” ?

Не би ги дефинирала „лошите“ наставници како авторитетни ни „добрите“ како неавторитетни.

Наставникот треба да знае кога е време да „попушти“ и кога е време да „заостри“ со критериумот и тоа треба да го прави исклучиво во согласност со професионалната доблест да биде пред сѐ човек, па потоа наставник.

Дојде време каде учениците сè повеќе трчаат по бројка, а не по знаење. Дали оценката е мерило колку навистина ученикот знае?

Оценката не е само крута оцена на знаењето на ученикот, туку е симбиоза на сѐ што ученикот направил во текот на наставниот процес.

Има нешта што ниедна оцена не може да ги „фати“: добрина, човекољубие, благодарност, некултура, бруталност, неемаптичност.

Значи, кога зборуваме надвор од контекстот на докимологијата како наука за оценувањето, можеби и најтешко е да се одговори што оценува бројката на оценката: знаење, амбиција на родителот или пуста желба на ученикот? Тоа прашање е сега!!!

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

А. Б. | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Вирџинија од Скопје е девојка со уникатен моден стил – шарени стајлинзи, сина коса и нокти во сите б... „Косата ми е сина веќе 7 години и е ‘морето во мене’. Облекувањето за мене е заб...
Д-р Драгана Емел Маркоска, педијатар: „Магија за имунитет нема – не давајте антибиотик сами и не трч... „Здраво дете може да биде болно 7-8 пати годишно. Нормално е тоа, важно е да не ...
Теа Трајковска за CRNOBELO.com: „Предизвик е да се живее само од музика кај нас“ „Од Златно славејче ги носам едни од најубавите детски спомени. Уште како м...
Зоран Спасов - Ѕоф, урбан скопски лик: „Скопје не би било исто без шармот на оние кои денес имаат по... „Во 2012-та дома го прогласивме Тито за светец и секој 25-ти мај ја славиме слав...
Маја Андоновска, инспиративна битолчанка со урбан стил која ја негува и традицијата „Се трудам секогаш да го одржувам она што мајката природа ми го подарила физички...
Милица Павловиќ за CRNOBELO: „Немам емотивен партнер, можеби Македонец ми е судбина“ „Да не беа моите баба и дедо, немаше да сум толку решителна. Нивните крилја ми б...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg