Марјана Павличек, фотографка: „Дамите сакаат да се фотографираат голи, но се плашат што ќе кажат другите“
- Детали
- среда, 27 декември 2023
„Акт фотографија претставува голо машко или женско тело. Во Македонија за жал да се фотографираш гол е сè уште табу-тема и многу потешко е да најдеш некој кој би сакал да се соблече пред објектив (мислам за уметничка фотографија, не за комерцијални цели). Да бидеме искрени сите дами сакаат да се фотографираат и да ја покажат својата убавина, но повеќето имаат страв од тоа дали нивното тело ќе изгледа добро“, вели фотографката Марјана Павличек од Куманово.
Марјана Павличек од Куманово повеќе од десет години се занимава со фотографија, а посебно задоволство ѝ претставува акт фотографија.
Со многу успешни фотосесии зад себе и различни награди и признанија од домашна и странска публика, Марјана со сета своја енергија е посветена на оваа форма на уметничка фотографија.
Во продолжение следува разговор со Марјана која ни открива повеќе за нејзиниот стил на фотографирање, но и за тоа колку Македонците се нафаќаат да бидат дел од акт фотографија.
Марјана, кога за првпат почна да се занимаваш со акт фотографија? Што е она те привлече кон оваа форма на изразување?
Подетално запознавање со фотографија ми беше пред десет години во Фото Кино Клуб Козјак. Од сите видови фотографија со кои се среќавав низ годиниве, најголемо внимание ми привлече акт фотографија.
Акт фотографија самата во себе буди сензуалност, убавина и пријатност за окото на гледачот. Пред сè, женскиот акт инспирира и воодушевува самиот по себе.
Колку Македонците се нафаќаат да бидат дел од акт фотографија? Каде ги наоѓаш моделите или тие тебе сами те контактираат?
Во Македонија, за жал, акт фотографија и да се фотографираш гол е сè уште табу-тема и многу потешко е да најдеш некој кој би сакал да се соблече пред објектив (мислам за уметничка фотографија, не за комерцијални цели). Имам неколку модели со кои работам и секогаш сум отворена за нови познанства и нови модели.
Повеќето модели се лица со кои се знам и имаат доверба во тоа што го работам, но имам и случки каде луѓето знаат што работам и самите приоѓаат и изразуваат желба да бидат дел од некоја моја нова идеја.
За сите што сакаат да бидат дел од такво нешто и да стекнат ново искуство, секогаш ги охрабрувам и сум отворена за соработка.
Каков договор правиш со моделите? Им гарантираш ли дискретност?
Дискретноста ми е најбитна, а договорот со моделите е секогаш различен, зависно од мојата идеја што ја имам замислено, паралелно со максимумот од моделите што можат да ми го дадат.
Луѓе кои сакаат да се фотографираат за свои приватни цели и плаќаат за тоа, секако дека тие фотографии остануваат само за нив.
Сум имала и договор од тип да направам фотосесија, но фотографиите да ги објавам за 2-3 години подоцна, што во целост бил испочитуван. Така да секогаш е различно.
Од твое искуство можеш ли да ни кажеш од што луѓето најмногу се плашат или што е она што ги предомислува за да се соблечат голи пред објектив?
Да бидеме искрени, сите дами сакаат да се фотографираат и да ја покажат својата убавина, но повеќето имаат страв од тоа дали нивното тело ќе изгледа добро или од типот што ќе кажат другите.
Најголем проблем и пречка за нивната одлучност е мислењето на другите.
Како оди комуникацијата пред секоја фотосесија? Има ли простор за подобро запознавање помеѓу тебе и моделот пред да се препуштите на фотографирање?
Како што напомнав претходно, повеќето модели се луѓе со кои се знам и имаат доверба во тоа што го работам, но кога ќе се појави ново лице кое сака да се фотографира, секогаш следи запознавање, нивно мислење за тоа како гледаат на акт фотографија, зошто се одлучиле на такво нешто и слично.
Кога моделот ќе се чувствува сигурно и опуштено за пред објектив, тогаш следи фотосесија. Сите тие такви неочекувани нови познанства секогаш прераснуваат во долгорочни пријателства.