Џоко Ризов за искачувањето на Килиманџаро: „Чинеше повеќе од просечна годишна плата во Македонија, само јас бев со велосипед“
- Детали
- вторник, 21 ноември 2023
„Самата експедиција се состоеше од три етапи во вкупно пет дена, што се покажа прилично тешко поради опасноста од висинска болест. Но, адреналинот си го прави своето и јас успеав за само четири дена. Најтежок ми беше последниот ден, на самиот крај од искачувањето, бидејќи не бев јас на велосипедот, туку тој врз мене. А, знаеме колкаво е присуството на кислород и колку е отежнато самото одење, а не, пак, со дополнителен товар на себе“ - вели планинарот Џоко Ризов за CRNOBELO.com кој го искачи Килиманџаро.
Гевгеличанецот Џоко Ризов, планинар и готвач во природа, направи херојски подвиг кога со велосипед го искачи највисокиот африкански врв, Килиманџаро.
На 28-ми септември во 9:30 по македонско време тој го развеа македонското знаме на врвот Ухуру на 5.895 метри надморска височина.
Џоко за CRNOBELO.com раскажува за целата експедиција, за гостопримството на локалното население, за сафарито и сиот животински свет кој го воодушевил додека бил на африканскиот континент.
Џоко е планинар кој секое слободно време го посветува на својот втор дом, планината Кожуф, каде ја користи природата како кујна за своите кулинарски мајстории.
Експедицијата почнала со лет од Скопје до Танзанија преку Истанбул, со посебен трошок за неговиот велосипед, а целиот лет траел околу 24 часа. Визата се вадела на самиот аеродром пред слетување во Танзанија за цена од 50 долари, а од почеток до крај имал локален водич кој е задолжителна помош на овие опасни експедиции.
Целото интервју со Џоко Ризов во продолжение:
Кога го искачи врвот Килиманџаро?
На 28-ми септември во 9:30 по македонско време бев на врвот Ухуру на 5.895 метри надморска височина.
Колку време ти беше потребно да го искачиш?
Целата експедиција траеше пет дена, а ние успеавме да го искачиме Ухуру за четири дена, што беше дополнителен мотив ако се има предвид опасноста од висинската болест и несоодветната аклиматизација.
Зошто се одлучи да се искачуваш со велосипед?
Колку повеќе километри поминував низ падините на нашите планини, сè повеќе чувствував потреба од поголем предизвик, а Килиманџаро и Африка ми се видоа доволни за почеток.
Како течеше целата експедиција, од Македонија до Африка?
Експедицијата започнува со букирање на летот во кој освен багажот, треба да се пријави велосипедот во царинската управа. Цената за транспорт на велосипедот во еден правец од аеродромот во Скопје до аеродромот Килиманџаро изнесува 10.400 денари.
Времетрањето на летот од Скопје преку Истанбул до аеродромот Килиманџаро, вклучувајќи ги сите пропратни процедури, е во времетраење од 24 часа.
Виза за Танзанија се вади на самиот аеродром пред пасошката контрола и изнесува 50 долари. Веднаш потоа бев пречекан од водичот на турата и се упативме кон националниот парк Килиманџаро. И, ја започнавме експедицијата.
Која беше најголемата тешкотија при оваа експедиција?
Самата експедиција се состоеше од три етапи во вкупно пет дена, што се покажа прилично тешко поради опасноста од висинска болест. Но, како што напоменав, адреналинот си го прави своето и јас успеав за само четири дена.
Најтешко ми беше последниот ден, на самиот крај од искачувањето, бидејќи не бев јас на велосипедот, туку тој врз мене. А, знаеме колкаво е присуството на кислород и колку е отежнато самото одење, а не, пак, со дополнителен товар на себе.
За моја сатисфакција, во периодот во кој искачував имаше можеби повеќе од 2.000 планинари, а јас бев единствениот со велосипед и беше прекрасно да се доживее како сите ме бодреа и остануваа воодушевени од храброста да се одлучам со велосипед да стигнам до врвот.
Дали имаше водич со тебе? Колку те чинеше водичот и колку тој ти помогна?
Тоа се сериозни експедиции во кои без водич не можеш ни да помислиш да се искачиш.
Тоа се лиценцирани водичи кои се грижат за севкупната организација – храна, лична безбедност, такси, дозволи и сè останато – буквално од аеродром до врв и пак назад во авион е на нивна одговорност.
Конкретното искачување ме чинеше повеќе од годишна просечна плата во нашата држава.
Какви беа временските услови во Африка?
Временските услови беа идилични, ниту ветер ниту дожд, баш онака како што и ни е и првата асоцијација за Африка.
Какво е чувството да се биде на врвот на Африка?
Е, ова е чувство кое тешко ќе можам да го објаснам, едноставно треба да се доживее, момент кој не би го заменил за ништо на светов…
Дали од Македонија тргна сам или со придружба?
Ваквите експедиции не се едноставни, покрај финансиската тежина има и друга димензија, а тоа е физичката подготвеност. За ваша илустрација – од повеќе од две илјади планинари од целиот свет, јас бев единствениот со велосипед.
Ете затоа можеби и тргнав сам од Македонија.
Како се подготвуваше за овој подвиг, имаше ли специјални тренинзи, исхрана, вакцини?
Тоа беше подолг период на подготовки, во последните месеци прилично поактивно и понапорно.
Интересно е да напоменам дека за влез во Танзанија потребна е вакцина, која ја немаше во Македонија и морав да ја примам во соседна држава.
Колку имаше време да ја запознаеш Африка додека беше таму?
Тоа е еден живописен континент, сафарито нема да го заборавам никогаш, но јас имав само една цел – да стигнам со мојот велосипед до тие 5.895 метри надморска височина.