Ивона Јо: „Бев жртва на булинг уште во основно училиште за мојот физички изглед, емоциите ги смирував со храна“
- Детали
- среда, 05 јули 2023
„Јас растев со булинг кој не беше на социјални мрежи. Булинг кој може да го слушне и види само оној кој се соочува со него. И потоа немав доказ дека воопшто и ми се случува. Во основно училиште постојано имав булинг за мојот физички изглед. Само што тогаш во тоа време не беше нормализирано да се зборува гласно и отворено за проблемите со кои се соочувавме, па вешто си молчев и верував во зборовите кои тие ги изговараа“, открива пејачката Ивона Јо за CRNOBELO.com.
Ивона Јовановиќ од Куманово, на многумина позната како Ивона Јо, долги години се занимава со музика, но дури пред извесен период ја објави својата прва песна „Буквално“, авторско дело на српскиот композитор и продуцент Немања Антониќ, која веќе стана летен хит.
Во продолжение следува разговор со Ивона Јо за нејзиниот автобиографски проект, за животот, за чувствата, како и булингот низ кој минала, но и сè уште поминува.
Ивона Јо споделува за CRNOBELO.com:
Ивона неодамна излезе твојот прв сингл „Буквално“. Колку што можам да забележам веднаш допре до многу слушатели. Какво е чувството кога после толку време посветена работа ќе ослободиш еден дел од себе? Се чувствуваш полесно?
Работевме на првенчето во новиот живот, овој по операцијата за кратење на желудникот, година дена точно. Многу љубов, труд, верба, посветеност, откажувања дадов за да излезе баш онака како што заслужува и да биде еден првенец.
Има еден интересен психолошки момент кој се јавува откако ќе пуштиш нешто во етерот кое си го спремал година дена. Тој момент се јавува одеднаш – како нешто да ти недостасува. Како нешто да излегло од тебе од длабочината на твоето битие и веќе не е само твое.
Сега е пуштено да се движи низ широката јавност и полека да допира до луѓето како што треба, лесно и ненаметливо. Но, се соочувам сега со постобјавувачка депресија, која мислам дека ретко кој ја објаснил и може во целост да ја објасни – едноставно така се чувствувам по објавувањето на песната.
Што си рече себеси кога го погледна видеозаписот на твојата песна? Се разликуваше ли првичната замисла од она што се појави како финална верзија?
Животот и лекциите од него ме научија да ги намалам очекувањата од другите за да не се разочарувам. Своите очекувања и сето она што беше на мене оставено јас го сработив многу лесно, брзо и целосно предано.
Тимот со кој работевме беше толку отворен за секоја моја идеја што немаше простор на крајот да не бидам задоволна. Имав јасно замислена цел, сакав да биде автобиографска песна со автобиографски спот. Да ги има сите емоции со кои и ден денес се соочувам јас и широката јавност.
Тоа го доловивме со сценариото и финалната верзија е триумф на мојата идеја.
Песната е автобиографска како едно потсетување за она низ што имаш поминато. Ти помогна ли оваа песна да се ослободиш од тежината што ја носеше со себе?
Колку убаво прашање. Сите овие емоции биле, а и сè уште се дел од мене.
Замислата на директорот на фотографија беше, сите емоции кои се присутни во спотот (бес, тага, самокритичност, его и среќа) на крај да бидат легнати долу, во превод поразени од мене.
Но, никако не сакав да го дозволам тоа, затоа што тие се дел од мене. Биле и ќе бидат.
На крајот на спотот ги балансирам што во приватниот живот ми е најтешка задача на секојдневен план. Не знам дали е потешко да дојдеш во баланс или да го одржиш.
Тага... Бес... Сето ова е дел од секој од нас. Како се справуваше во миговите кога ти беше најтешко? Во што наоѓаше утеха?
Во претходниот живот сите емоции ги хранев со прекумерно внесување на храна.
Во овој нов живот, се трудам да најдам баланс помеѓу секојдневните мали нервози и уживањето кое го носи оваа професија. Излегувам да пешачам, плачам, се туширам или пак едноставно застанувам и се соочувам со емоцијата која ми е сервирана.
Колку самокритичноста ти помогна да ги направиш вистинските избори во животот?
Еден лав да признае дека е самокритичен, можете да замислите низ какви сè битки сам со себе војувал. Самокритичноста кај мене е присутна како еден внатрешен глас кој во зависност од тоа колку му дозволувам да е гласен, толку може и да доминира.
Кога се во прашање вистинските избори во животот, јас на тоа имам една филозофија која вели: „Секој избор е вистински“.
Нема прав или крив избор. Самокритичноста е тука цело време, па инволвирана е во донесување на доста одлуки и избори. Но никогаш не ѝ е дозволено да е премногу гласна, затоа што сè што е премногу, штети нели?
Не е возможно човекот да се ослободи од своето его, но во каква релација си ти со него? Кој го држи кормилото на животот, ти или твоето его?
Многу комуницираме, се одржуваме, расправаме, војуваме, балансираме. Се учиме да бидеме кротки и нежни. Присутно е во секојдневието апсолутно.
Но, навистина многу работам на себе за да можам да дозволам да ме води. Тука е, присутно е но не е доминантно.