Томислав Каранфиловски: „Бев жртва на булинг, 4-те години во средно ми беа најужасните години во животот“
- Детали
- петок, 05 мај 2023
„Се сеќавам на една случка кога еден од агресорите во средно со цела сила затрчан ме удри од зад грб, што предизвика буквално да се струполам на земја не знаејќи каде сум, поради траумата. Едвај успеав да станам. Иако беа известени сите – класниот раководител, педагогот, психологот, директорот, буквално не се презема ништо. Агресорите продолжија со агресија“, вели Томислав Каранфиловски (35) од Скопје за булингот кој го трпел во училиште.
Томислав Каранфиловски (35) од Скопје, дипломиран професор по книжевност, магистер по книжевност, вработен во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје отворено говори дека бил жртва на булинг во средно училиште и дека од тој период носи последици до денес.
Тој праќа апел дека на оваа тема мора јавно да се говори и да се преземат соодветни мерки во училиштата.
Во интервју за CRNOBELO.com Томислав ја споделува својата приказна:
На која возраст беше жртва на булинг и како изгледаше тоа?
Со булинг или меѓуврсничко малтретирање се соочував во текот на целото детство и адолесцентен период, меѓутоа со најголем интензитет се соочив во средното училиште „Михајло Пупин“, каде што учев автоматика и компјутерска техника. Тоа беа страшни години.
Од сегашна перспектива, сметам дека тие 4 години беа најужасните во мојот живот.
Таму булингот беше секојдневие. Стануваше збор и за психичко и за физичко насилство.
Не бев единствен кој трпеше тортура. Имаше група од десеттина соученици, кои беа буквално олицетворение на најлошото што една личност може да го манифестира. Страшен нагон за изживување врз другите...
Која сметаш дека беше причината што токму ти беше нивна мета?
Сметам дека не се вклопував во таа нивна заедница на агресори.
Стануваше збор за насилници од најлош вид, па сите што беа поразлични, беа малтретирани.
Сите кои сакаа да учат, да напредуваат, да постигнат резултати, кои беа воспитани и кои училиштето го сфаќаа како место за вложување во себе, беа под страшен притисок и изживување од оваа злосторничка група на соученици.
Што е пострашно психичкото или физичкото малтретирање?
И двете се подеднакво страшни и поврзани.
Физичкото малтретирање создава низа психички проблеми, додека психичкото на долг рок може да предизвика низа соматски болести.
Станува збор за сериозни трауми кои ја следат една личност во текот на целиот живот.
Какви непријатни работи ти приредуваа? Како се справуваше ти со тоа? Кажа ли на родителите/наставниците?
Се соочував со сите видови на физичко и психичко малтретирање.
Се сеќавам на една случка кога еден од нив со цела сила затрчан ме удри од зад грб, што предизвика буквално да се струполам на земја не знаејќи каде сум, поради траумата. Едвај успеав да станам.
Отидов со родителите во болница да проверат да не имам посериозни повреди од типот на внатрешно крварење.
Иако беа известени сите – класниот раководител, педагогот, психологот, директорот, буквално не се презема ништо. Комплетна незаинтересираност.
Агресорите продолжија со агресија.
Пронајде ли поддршка?
Да, главно имав поддршка од родителите и од професорката по македонски јазик и литература со која работев на мојата пасија кон литературата.
Како се чувствуваше?
Се чувствував како да сум во затвор. Ужасно. Бедно. Анксиозно. Истрауматизирано.