Д-р Игор Алулоски, гинеколошки онколошки хирург: „Извадивме тумор со 90 литри течност, најмладата пациентка ми беше 11-годишно девојче“

Што се презема при дијагноза CIN 3, а што при CIN 1, дали е болна киретажата, зошто е важно да правите редовно ПАП тест? Интервју со Д-р Игор Алулоски, гинеколошки онколошки хирург, кој дава корисни совети и споделува детали од својата професија. „За жал, најмладата пациентка која јас ја имам оперирано од тумор дисгермином имаше само 11 години...“, вели тој.

d-r-igor-aluloski-ginekoloshki-onkoloshki-hirurg-izvadivme-tumor-so-90-litri-technost-najmladata-pacientka-mi-beshe-11-godishno-devojche-01.jpg

Доц. д-р Игор Алулоски од Скопје oд 2000 година е вработен на Универзитетската Клиника за Гинекологија и акушерство - Скопје, а специјализација по специјалноста Гинекологија и акушерство започнал во 2001 година.

Специјалистичкиот испит го положил во 2005 година, со што се стекнал со звањето Специјалист гинеколог акушер и оттогаш работи на Одделението за Оперативна гинекологија и гинеколошка онкологија.  

Од 2009 година, па сè до денес, Доц. д-р Игор Алулоски е назначен за Раководител на Одделението за Оперативен блок, акушерски и гинеколошки сали. Во 2018 год. се стекнува со титулата Примариус.

Во 2018 година ја одбрани својата докторска дисертација под наслов: „Е-кадерин/β-катенински сигнален пат и неговата улога кај пациентки со тубарен карцином и сериозен оваријален карцином во напреднат стадиум“, а во 2019 година е избран во звањето Доцент на Катедрата за гинекологија и акушерство при Медицинскиот Факултет во Скопје.

Игор е среќно оженет, во брак е веќе 22 години, горд татко на две прекрасни деца, Матеј кој е веќе апсолвент на Факултетот за психологија и Мила, која е средношколка на почетоците на своите академски подеми.

Во интервју за CRNOBELO.com Доц. д-р Игор Алулоски споделува детали од својата професија:

Како испадна одлуката да бидете дел од медицинската гранка гинеколошка хируршка онкологија?

Во водите на субспецијалноста гинеколошка хируршка онкологија, влегов уште од самиот почеток како млад специјалист по гинекологија и акушерство, во далечната 2005 година, работејќи на одделението за гинеколошка хирургија со онкологија, под раководство на проф. Д-р Јорго Бабушку, со чијашто поддршка навлегов во тајните на гинеколошката хируршка онкологија.

Од таа година, па сè до денес, со една година работа на одделението за Инфертилитет и хумана репродукција, каде ја совладав лапароскопската хирургија под раководство на проф. Д-р Глигор Димитров, цели 18 години во континуитет, работам на оперативните одделенија за гинеколошка хирургија со онкологија, а сега веќе и како субспецијалист по гинеколошка хируршка онкологија.

d-r-igor-aluloski-ginekoloshki-onkoloshki-hirurg-izvadivme-tumor-so-90-litri-technost-najmladata-pacientka-mi-beshe-11-godishno-devojche-02.jpg

Што е тоа што најмногу ви се допаѓа во вашата професија?

Можноста да се помогне, да се даде сè од себе за да се спаси човечки живот, користејќи го сето свое медицинско знаење и умешност, да им дадете на пациентите сигурност и смиреност, дека ќе се вложите себеси максимално за да ја надминат болеста, да им дадете поддршка и како доктор, но и како човек, дека не се сами во таа борба.

Не постои поголема доверба од онаа помеѓу пациентот и докторот, знаете, пациентите во докторот гледаат спас и својот живот и своите најинтимни тајни ги споделуваат со него, со некој непознат човек од кого бараат помош во најтешките моменти, па зарем тоа не е бесценето, па зарем не е за почит и треба да се заслужи, секој доктор мора да го има ова на ум и да ја цени оваа доверба.

Ова им го повторувам на моите студенти и помлади колеги кои се на специјализација, сакајте си ја струката, почитувајте ги вашите пациенти, како они што ве почитуваат, трудете се да бидете најдобри што можете, во тоа што го работите, медицината е уметност, не залудно еден од најголемите лекари на античкиот свет, Гален, ја нарекува Ars Medica.

d-r-igor-aluloski-ginekoloshki-onkoloshki-hirurg-izvadivme-tumor-so-90-litri-technost-najmladata-pacientka-mi-beshe-11-godishno-devojche-0002.jpg

А кој ви е најтешкиот дел?

На секој доктор, најтешко му е да соопшти лоша вест на пациентот или на семејството на пациентот. Во тие моменти чувствата и емоциите ве преплавуваат.

Кога знаете дека сте сториле сè, со сето свое знаење и искуство и можности што ги нуди современата медицина, а сепак резултатот не е онаков каков што посакувате.

А потоа и да се соочите со себе; направив ли сè што можев? Можеше ли некако поинаку да се направи? Можеше ли, требаше ли, како, зошто... илјадници прашања.

d-r-igor-aluloski-ginekoloshki-onkoloshki-hirurg-izvadivme-tumor-so-90-litri-technost-najmladata-pacientka-mi-beshe-11-godishno-devojche-03.jpg

Тешко ли е да се работи со онколошки пациенти? Колку сте посветени и на психичкиот момент, да ги охрабрите? Како пристапувате?

Одговорот на ова прашање е тежок. Секогаш кога се пристапува кон лекување на онколошки болен пациент, тоа треба да се направи со максимална почит кон пациентот.

Тешко е да се соопшти лошата вест, но не би ја работел оваа благородна професија доколку се повлекувам пред предизвиците и она што за многумина изгледа како непремостлива препрека.

Таков е и мојот пристап со оваа исклучително осетлива група на пациенти. Охрабрувачки, поддржувачки, тука сме за да им помогнеме заедно со нивното семејство, некако во процесот на лекување и јас станувам дел од нивното семејство, што за мене претставува посебна чест, кога ќе ја видам искрата надеж во нивните очи, но и да ги подигнам со добар збор на сигурност и искреност на тоа што треба да се направи, кога ќе го видам погледот на страв и неизвесност.

Нема предавање, се бориме заедно со сите средства кои ни се на располагање.

Која ви била најмлада пациентка, дали сè повеќе млади девојки во Македонија се соочуваат со дијагнозата рак?

За жал, во секојдневната работа во полето на гинеколошката онкологија, се сретнувам и со вакви состојби, кои за мене лично се исклучително емотивни и болни.

Да, за жал, понекогаш треба да се третираат и млади девојчиња од вакви заболувања, но од друга страна за среќа, овие заболувања во детската и адолесцентната возраст се поретки и најчесто се работи за оваријални тумори, најчесто т.н. тумори од герминативно потекло или стромални тумори од половата врска (sex cord stromal tumors).

За жал, најмладата пациентка која јас ја имам оперирано од ваков тип на тумор, конкретно дисгермином, имаше само 11 години. Понатаму не би коментирал, премногу е болно.

d-r-igor-aluloski-ginekoloshki-onkoloshki-hirurg-izvadivme-tumor-so-90-litri-technost-najmladata-pacientka-mi-beshe-11-godishno-devojche-07.jpg

Колку операции правите на дневно/неделно ниво? Колку време ви траела најдолгата операција? Кој е најголемиот тумор кој сте го извадиле?

Постои посебен начин на кој се одредува оперативниот програм за тековната недела, од страна на секое оперативно одделение.

На клиниката, секое оперативно одделение има одредени денови во неделата кога може да пријави оперативен програм, како за отворена хирургија, така и за ендоскопска хирургија.

Имајќи го тоа предвид, најчесто во текот на неделата изведувам помеѓу 5-8 оперативни зафати (поголеми и помали, како и ендоскопски), секако во договор со останатите колеги на одделението. Но, бројот може и да варира, некогаш е доволно да се изведе и еден оперативен зафат, кој трае и по неколку часа, а тоа да значи уште еден спасен живот.

Најдолгата операција во која покрај гинеколошкиот тим беа инволвирани и хирурзи од абдоминална хирургија, урологија и васкуларна хирургија, траеше 8 часа.

Се работеше за голем солиден тумор, сарком, кој беше во близок контакт со големите крвни садови, аорта и долна шуплива вена, како и во директна колизија со панкреасот и дванаеспалачното црево и почетниот дел на дебелото црево, поставен во т.н. ретроперитонеален простор и се протегаше од мала карлица, па сè до желудникот.

Исклучително комплексен и тежок случај, кој единствено можеше да се заврши интердисциплинарно. Секако, после оваа осумчасовна борба, во која се менувавме сите тимови во зависност од проблематиката и секако да се направи по некоја минута пауза, успешно го отстранивме туморот, а пациентката после две седмици замина на домашно лекување во добра општа состојба.

Во мојава досегашна кариера сум се сретнувал со доста бизарни случаи, но секако за одбележување е случајот на пациентка, примена на нашиот оддел во исклучително тешка состојба, поради присуство на огромен тумор, кој буквално го деформираше телото на пациентката, која имаше отежнато дишење од притисокот на туморот, изразито ослабено тело, целосно потхранета.

Веднаш се пристапи кон најбрза подготовка од страна на анестезиолозите, кои во овој случај ја покажаа сета своја умешност во одржување на пациентката за времетраење на целиот зафат.

Беше изваден цистичен тумор, од кој се извадија 90 литри течност, значи ако направите просто претворање во килограми тоа се повеќе од 90 килограми само течност, плус ако се додаде тежината на остатокот на туморот, бројката е уште поголема.

Оваа вест беше и присутна и нашите ТВ медиуми, а беше и преземена и од некои портали низ балканските држави. Навистина бизарен случај.

Што значи дијагноза CIN 3? Кој е советот во ваква ситуација, дали секогаш мора операција?

CIN 3 (Cervical Intraepithelial neoplasia gradе 3) или Цервикална интраепителијална неоплазија од трет степен или клеточна промена на грлото на матката од висок степен.

Се работи за т.н. преканцерозна промена на грлото на матката, која, за жал, има висок процент на прогресија кон карцином на грлото на матката, доколку се остави нетретирана.

Во основата на сите овие промени на грлото на матката, лежи инфекција со ХПВ (хуман папилома вирус), кој претставува онкоген вирус и е главниот виновник за развој на карцином на грлото на матката.

Доколку на ПАП тестот кој пациентката го прави кај својот гинеколог, се утврди промена на клетките опишана како CIN 3, неопходно е да се направи колпоскопија и биопсија на грлото на матката со ендоцервикална киретажа (да се добие материјал од каналот на грлото на матката), може да се направи и ХПВ типизација.

А врз основа на добиениот хистопатолошки резултат, се постапува според упатства за третман, врз основа на медицина базирана на докази.

На пример, доколку и хистолошки се потврди оваа промена, CIN 3, тогаш се препорачува третман со некоја од ексцизионите или аблативни техники, односно отсекување, односно отстранување на дел од грлото на матката, дали со конизација или со LEETZ/LOOP, во зависност од проценката на докторот и претходен разговор со пациентката за ефектот и значењето на овие техники.

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

„Со радост се сеќавам на моето детство во Скопје, кога не се заклучуваа вратите и комшиите беа насме... „Сум имал среќа да живеам повеќе години во четири различни земји од нашиот регио...
Како изгледа денес Елеонора Капсималева – девојчето што ја испеа „Дувна ветре развигорче“ во 1990-та... „Кога ја отпеав песната, бев навистина многу мала. Имав 6 години, а бидејќи како...
Игор Пехчевски за борбата со цистична фиброза: „Благодарение на лекот Трикафта, првпат во животот не... „За првпат откако знам за себе, јас не кашлам и не се задушувам во густ леплив с...
Игор Стојанов - Баркли, комичар: „Животот го посветив на изнудување туѓи насмевки“ „Неизмерно сум среќен кога шегата е толку добра, што покрај публиката, ќе ме нас...
Урбан лик: Игор Милановиќ – менаџер и поранешен ватерполист со одличен моден стил „Сметам дека луѓето треба да се облекуваат во облека што одговара на нивниот сти...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg