Ирина од Скопје чува сфинкс мачка: „Нала многу сака да се гали и не е дива, идеална храна ѝ е сирово месо“
- Детали
- сабота, 29 април 2023
„Нала е премногу мила и секогаш е расположена за галење. Воопшто не е дива како што изгледа. Пријателите имаат поделени мислења кога ја гледаат на слики, но во живо буквално сите се заљубуваат во неа. Не се изнесува надвор бидејќи од сонце може да добие изгореници, а цената за овие мачки се движи од 2.000 до 5.000 долари“, вели за CRNOBELO.com скопјанката Ирина Стојанова, која веќе два месеца чува сфинкс мачка.
Ирина Стојанова од Скопје веќе два месеца ја чува Нала - сфинкс мачка која многу сака да се гали.
Оваа мачка без крзно на прв поглед на многумина им делува чудно, но Ирина ни откри дека сите што ја виделе во живо, веднаш се заљубиле во неа.
Во разговор за CRNOBELO.com, таа раскажа и како се храни Нала, колку се разликува сфинкс мачката од мачките што имаат влакна, и колку чини да се купи една ваква мачка...
Зошто избра сфинкс мачка да ти биде миленик?
Сакав да имам миленик мачка но секогаш делот со митарењето и влакната ме ставале во мисла дали е сепак тоа за мене.
Истовремено сакав мачката да е егзотична и несекојдневна.
Колку долго ја имаш и колку е стара мачката?
Со Нала живееме заедно околу 2 месеца, а стара е 5 месеци.
Ја купи Нала или ти ја подарија?
Ја купив. Ја нарачав во Македонија, а ми ја донесоа од странство. Според „Google“ цената им се движи од 2.000 до 5.000 долари, во зависност од бојата и леглото.
Бара ли таа посебни услови за чување?
Бара премногу внимание, не е миленик што би седел сам дома половина ден.
Мачките генерално лачат масла од нивните тела што крзното ги впива, па бидејќи сфинкс мачките немаат крзно, тие масла остануваат на нивната кожа.
Затоа оваа раса на мачки е потребно да се бања 2 пати неделно.
Исто така потребно е ноктите да ѝ се чистат и средуваат, бидејќи, како што напоменав, нема крзно за да ги впие маслата кои што на тој дел се значително изразени.
Со што се хранат сфинкс мачките?
Имаат сензитивен дигестивен систем и идеална храна за нив е сирово месо.
Овие мачки јадат пообемно за разлика од другите.
Бидејќи немаат крзно, им треба повеќе енергија за да ја одржуваат телесната температура.