„Го молиш Бога да фатиш девојка?“ – Џокси открива детали за антологиската „На Велигден“ и за приватниот живот
Каков сте приватно? Како би се опишале за луѓето што не ве знаат, освен како ведар и насмеан музичар на сцената?
Па на ова прашање би требало да одговорат оние кои ме познаваат или кои ме среќаваат на улица.
Инаку, како за пример, едно мое излегување од дома до пазар, а тоа се некои 150-200 метри, ги поминувам за 45-50 минути.
Буквално на секои 10-15 метри среќавам луѓе, што познати, што непознати, со кои разменувам мислења на разни теми, а со она „здраво комши“, бидејќи сум претседател на влезот – следат плачки, озборувања…
А кога ќе влезам на пазар, е тоа се ритуали, различни… секоја тезга своја приказна и отидоа 2-3 часа.
Значи, не е до луѓето, до човекот е!
Знае ли јавноста дека вашето вистинско име е Ѓорѓе? Ве вика ли некој така?
Навистина не се оптоварувам со тоа. Всушност, никогаш не сум се оптоварувал.
Паметам, еднаш на забар, дојдов меѓу првите, а ме прегледаа последен.
Сестрата ја фатив како ја заклучува ординацијата, на што ѝ се обратив, но таа ме убедуваше дека на нивната маса ја нема мојата книшка.
Бев упорен и ѝ велам? „Ене ја, ја гледам“, на што таа ми кажа: „Ама таа не е ваша“. Кога ѝ ја покажав личната карта се вцрви, но проговори: „Јас неколкупати ве читав“.
Ама, ете, ниту до мене не допрело тоа име и презиме.
Како го добивте прекарот Џокси? Има ли некоја интересна приказна зад тоа?
Во текот на животот имав неколку прекари, Квачка, Шваба, Калифорниска стеница, Чаче.
Во трета година средно, на една од оние екскурзии низ Југославија, нè фати еден полицаец во ситните часови како сме се разгракале во студентскиот парк при студентскиот дом каде што бевме сместени.
Бидејќи немавме лични карти, тој извади тефтер и почна да нè прашува за име и презиме.
Ама ние и од тоа направивме шега, така што Тоше стана Шандор, Звонко – Попси, а јас – Џокси. Тоа е она во кратки црти.
Колку сте близок со семејството? Како го поминувате времето со нив?
Многу рано останав без мајка, а брзо по неа, и без татко.
Но како одминува времето сè повеќе ми се враќа филмот дека тие својата работа на родител одамна си ја завршиле пред да заминат на оној свет.
Имав прекрасни родители. Ниту јас, ниту брат ми не сме добиле ќотек, ниту пак ни се заканувале со ќотек.
Знаете, ние сме деца на мешан брак, така што имаме многу попримено и од едните и од другите фамилии, пред сè мислам на бабите и дедовците со кои сме поминале безброј часови, денови, месеци…
Јас, еве, влегов во 66 година од животот, а сè уште не сум се скарал со брат ми. Растен во една таква средина, не може човек на друг начин да постапува, ако не така.
Да, близок сум со семејството, затоа што немам друг поблизок од него. Ние сме пример сами за себе, не сме учеле од други, туку нашето сме го прилагодиле на себе.
Другите можат да зборуваат што сакаат, но тоа не поминува кај нас.
Не е до детето, до родителот е.
А какви ви се семејните традиции за Велигден? Ве тераат ли домашните да им ја пеете „На Велигден“ кога ќе седнете на трпеза? Или вие ја пеете, а тие бегаат?
Самото живеење има некое свое правило на однесување и тука никој не гледа на верските празници и обичаи, сите се раштркани, што е она најжалосно, по пари, а при тоа се занемарува духовното.
За Велигден треба да се заборави она најлошото од претходната година, да се обноват прекинатите врски и да се создадат нови. Но, кој сега ќе мисли на тоа?!
Се оттуѓивме. Она што е во кругот на семејството си го практикуваме со сите почести.
А песната, ма какво бегање, се пее во хор!!!
Постојано сте активен на социјалните мрежи… Колку споделувате од вашата приватност со следбениците?
Па да. Активен сум. Инстаграм. Поготово на Фејсбук. Имам 4 профили по 5000, што фанови, што пријатели, што роднини…
Објавувам она што мислам дека сакаат да чујат и видат од мене.
Понекогаш ме фаќа носталгија по родителите, па ќе објавам некој текст што во момент ќе ми ги преврти чувствата.
Родителот не може никој да ти го замени, каков е, твој си е, и секоја почит, ти дале живот, а тој живот дал друг живот, па тој друг живот тргнал во освојување на светот.
Па и тој те става во носталгија, па и за него ќе напишеш бајаги текст, па додека пишуваш липаш и се давиш во солзи…
Често правам селфиња со случајни минувачи, пријатели, роднини…
Се дружите ли со колегите од естрадата? Стекнавте ли искрени пријателства на јавната сцена?
Порано имаше многу концерти, ако случајно не дојдеш, другиот ден одма те бараат да чујат да не ти се случило нешто, и сакал-нејќел, се гледаш со сите.
Ова е од пред 35-40 години. Дом на млади ни беше главно собиралиште. Храм.
Јас, во суштина, се немам скарано ниту замерено со некој, иако би можел во одредени случки тоа да го направам.
Но тоа не води кон ништо добро, така што со сите сум во добри комуникациски односи.
Се одвојуваат Дарио Панковски, Ристо Самарџиев, Мики Џафер, Валентино Скендеровски, Огнен Неделковски… и да не се навредат другите, со овие вчера правев муабет.
Што работите во моментов? Што ви го окупира времето?
Како што напоменав, животот тече со огромна брзина, а ние со таа брзина сакаме пополека да одиме. E, па, не може, нешто ќе отиде јабана…
Се подготвувам за една мала турнеја – Прилеп, Битола, Неготино, Кавадарци…
Но тоа се подготовки, можеби и нема да излезе ништо. И затоа што можеби нема да излезе ништо, мораш да бидеш спремен.
Ова не се концерти кои секојдневно ги гледаме со јаки озвучувања, светла.
Јас сакам публиката да ми е пред очи, да ми ја почувствува природната енергија, да ми го фати фалшот, да го слушне чкрипењето на жиците, затоа што сето тоа има своја посебна убавина, создава блискост, затоа што на скромната бина (или не мора да ја има), сум јас и мојата гитара поткрепени со текстови на познати наши текстописци и поети.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело