Марина од Скопје, 12 години живее во Тајланд: „Се вљубив во Тајланѓанец, сега работам како учителка и имаме 2 деца“
- Детали
- вторник, 14 март 2023
„Јас работев кај едни пријатели во реге бар, а тој во тату шоп. Животот на остров е преубав и нереален, многу туристи, забави на полна месечина, по кој е и познат островот, тиркизни плажи и бел песок. Сето тоа прави да се изгуби осетот за реалноста. Но, сега живееме во родниот град на сопругот, јас сум учителка и родители ми се поклонуваа за да му простам на нивното дете...“, раскажува Марина Јакшиќ (38) од Скопје за CRNOBELO.com.
Марина Јакшиќ (38) од Скопје, дипломиран професор по физичка култура, живее во Тајланд речиси 12 години од кои 8 години во градот Након Рачасима или кратко Корат, каде работи и живее со нејзиниот сопруг Тајланѓанец, Понд и двете деца Крис (7) и Мили (1).
Таа работи како учителка и живее во градот Корат, кој е трет по големина после Бангкок и Чанг Маи. Има 2.6 милиони жители и не е туристичко место.
Марина за CRNOBELO.com споделува детали за нејзината љубовна приказна и животот во Тајланд:
Што те одведе во Тајланд? И дали некогаш се покаја за одлуката?
Додека работев во Дубаи, со две другарки одлучивме да отидеме во Тајланд, поточно Кох Панган островот, и така почнува мојата приказна и љубов на прв поглед со оваа земја.
Мора да кажам, а и признаам, никогаш не сум се покајала и зажалила што сум ја донела таа одлука, кога ќе погледам што сè сме создале со мојот сопруг и секако тука ќе ги спомнам и нашите фамилии, кои се тука за нас секогаш.
Во 2014 почнав со работа во помало тајландско место како наставник по англиски јазик во средно училиште, патував секој викенд назад дома и како за почеток ми беше прекрасно, сè ново и чудно.
Потоа следуваше работа во друго средно училиште за момчиња во мојот град сè до 2016 година.
Тој период по препорака на пријател на сопругот почнав со работа како учителка во градинка предучилишна возраст во едно преубаво приватно училиште.
Во кое место поточно живееш, долови ни ја атмосферата оттаму…
Градот во кој живеам Корат е трет по големина, после Бангкок и Чанг Маи, и има 2.6 милиони жители, не е туристичко место, што значи нема толку многу туристи.
Тоа е нормален тајландски град со преубава храна, весело и гостопримливо локално население и покрај тоа што не зборуваат и разбираат англиски јазик повеќето.
Климата за разлика од други градови или острови е различна затоа што во близина се наоѓа најголемиот и најпознат национален парк Као Јаи, каде се имаа снимано сцени од филмот „Beach“ со Леонардо Ди Каприо.
Корат нема излез на море, но затоа изобилува со природа, планини, прекрасни будистички храмови, меѓу кои прекрасниот Ват Нон Кум, Ват Бан Раи и други, историскиот парк Пи Маи, изграден помеѓу 11 и 12 век, кој е наголемиот Хинду Кмер храм во Тајланд итн.
Таму ја запозна љубовта на твојот живот, раскажи ни ја твојата љубовна приказна...
Со Понд се запознавме на островот Кох Панган во 2013 година.
Јас работев кај едни пријатели во реге бар, а тој во тату шоп. Животот на остров е преубав и нереален, многу туристи, забави на полна месечина, по кој е и познат островот, тиркизни плажи и бел песок... Сето тоа прави да се изгуби осетот за реалниот живот и цивилизација.
По извесно време одлучивме дека треба да почнеме со сериозна работа и отидовме кај него во градот Корат.
Така, почнавме да ја градиме нашата приказна, јас почнав да барам работа како наставник по англиски јазик, а Понд отвори свој тату шоп.
Тајланд и Македонија немаат никаква поврзаност, немаме конзул или амбасада (Амбасадата во Кина е одговорна за некои земји од Азија, меѓу кои и Тајланд), па така и склучувањето брак беше едно големо искуство што за нас, што за вработените и тука и во македонската амбасада во Кина, Пекинг и траеше 2-3 години.
Официјалниот брак го склучивме за време на пандемијата 2020 година на Голема Богородица, што за мене има посебно значење и баш ми е драго поради тоа.
Свадба сè уште не сме направиле поради цела ситуација со пандемијата, затоа што Тајланд беше затворен скоро 3 години, но штом излезе можност ќе има мала прослава во кругот на најблиските на некое убаво место на плажа.
Инаку, Тајланѓаните важат за весел народ, често се насмеани, па оттука и доаѓа името „Земја на насмевката“.
Тие се гостопримливи, весели како луѓе, опуштени (сабаи), скромни и најважно за нив како дел од таи-културата е да не се изгуби (да се зачува) лицето и да се избегнуваат конфронтации.
Како е да се биде во брак со Тајланѓанец? Колку имаат поинаков пристап кон љубовните врски од Македонците?
Да се има сопруг Tајланѓанец е предизвик, има разликата во културата и религијата, но тоа не се ни забележува доколку има почитување и љубов.
Тие се внимателни со жените и ги третираат како принцези, се грижат за храна, деца, домот, се грижат за своите родители (дел од културата да не ги оставаат родителите или роднините), спремни да те однесат секаде, едноставно секогаш внимаваат да бидеш добро.
Покрај сите овие карактеристики Tајланѓаните се забавни, имаат смисла за хумор и смеењето е неизбежно со нив.
Како е да се воспитуваат и растат деца во Тајланд? Кои се предностите, а кои маните?
Децата се од огромно значење за тајландската култура, обожаваат деца и важат за фамилијарно-пријателска земја.
Во воспитувањето и растењето на децата важен дел е почитта кон постарите лица, па доста често може да видите како се поклонуваат со дланките споени (ваи) во знак на почит.
Тајланд е сигурно место за растење на деца, има тропска клима, избор на море или планина, безброј активности и атракции за секоја возраст и овозможува прекрасно растење и дружба помеѓу децата.
Како мана можам да издвојам, возење мотор од рана возраст за до продавница, низ маало, а знаеме дека секоја фамилија има по 1-2 мотоцикли минимум и тие се најкористеното превозно средство во Тајланд и цела Азија.
И уште една мана ќе додадам, преголемо користење на социјални мрежи и интернет, кое не е само тука.