Даниела од Скопје, живее во Дубаи со семејството 3 години: „Не го заклучуваме станот, луксузот е на сите страни“
Колку време се патува од Македонија до Дубаи? Ја посетуваш ли Македонија често?
Во Македонија доаѓаме за секој школски распуст, неодамна се вративме во Дубаи од Македонија, каде ги поминавме новогодишните празници со најблиските.
Тоа што е огромна маана и покрај тоа што авионските карти се доста скапи (просек 500-600 евра) е што нема директен лет до Македонија, па патувањето е преку Белград, Софија или Турција и трае буквално цел ден и покрај тоа што самиот лет е околу 5 часа.
Последното што го добив како информација е дека од октомври можеби ќе бидат пуштени директни линии.
Одиш ли во пустината? Кој ти е најдобар начин за забава? Има ли разлика во цените во туристичките места и местата на локалците?
Во пустината сме биле неколкупати досега и тоа ни е омиленото нешто, особено на децата, кои ако се прашуваат - секој викенд би биле таму.
Тоа што е интересно да се напомни, особено за тие што планираат да го посетат Дубаи, е дека има голема разлика од пустина до пустина.
Мора да се напомни дека за сафарито во пустината (Red Dune Safari) цената може да биде иста за посета на пустината и програмата и храната, но самиот песок на различни места е сосема поразличен и го менува доживувањето.
Најчесто во самата програма е вклучено возење со џипови по песокот, па со четирицикли, камили, има бордање на песок и за крај вечера со прекрасно нивно традиционално шоу со стомачни танчарки, мечеви и слично.
Тоа што посебно ми се допаѓа е, како што напоменав погоре, е што во Дубаи нема никаква дискриминација, па така е и со цените и резервациите правило е прв дојден прв услужен, па така и локалците чекаат ред за влез во ресторан, клуб, диско и слично.
На одредени места и локали како детски забавни паркови, водени паркови и слично добивате 20 проценти попуст доколку поседувате нивна лична карта, односно докажете дека сте жител на Дубаи.
Најдобар начин за забава ни се плажите кои ги има во огромен број, но доволна е и прошетка покрај марината или крајбрежјето, кои се дел од нашето секојдневие.