Никола Атанасов: „Јас сум фриленсер, со другари се преселив на Бали, работам од плажа на зајдисонце“
- Детали
- вторник, 17 јануари 2023
„Често работиме од плажа, најчесто на зајдисонце, бидејќи најчесто работниот ден ни почнува попладне. Утрата ги користиме за да одиме на часови за сурфање, плажа, истражување на островот... Ми се допаѓа тоа што тука луѓето, за разлика од Западот, помалку обрнуваат внимание на материјалните работи, а повеќе на духовните вредности“, споделува Никола Атанасов (34) oд Скопје за CRNOBELO.com и открива како е да се води живот на дигитален номад и кој му е најголемиот проблем.
Никола Атанасов (34) oд Скопје, се занимава со дигитален маркетинг и работи како менаџер за продажба, но сето тоа се одвива онлајн и тој во последно време живее и функционира како дигитален номад.
Во моментов Никола живее и работи на Бали.
Има студирано во Италија и таму живеел околу 6 години, но моментално вели дека Бали е неговиот рај.
За CRNOBELO.com споделува како му изгледа секојдневието на Бали:
Колку години живееш надвор од Македонија? Во кои земји си живеел досега и сега зошто токму Бали?
Ние сме друштво фриленсери и идејата за преселба на Бали ја добивме уште во мај, затоа што се спремаше најлошата зима во Европа уште од Втората светска војна.
Ова ми е првпат во Азија, тука ги посетивме Сингапур, Куала Лумпур, а стационирани сме на Бали.
Од каде оваа идеја за живот во куфери?
Кога за работа ти е доволен компјутер и интернет, овој тип на идеи произлегуваат сами од себе.
Дали се случува некогаш кариерата да ти трпи поради технички проблеми како доцнење на авион, проблем со лет, лоша конекција на интернет?
Многу многу ретко, ова го работиме долго време и доста сме патувале, па искуството помага да ги избегнеме тие непријатни ситуации.
Со што поточно се занимаваш и кои се предностите на тоа да се биде фриленсер?
Најчесто сум на повеќе проекти, немам работно време и тоа е многу битно поради тоа што живеам во временска зона многу поразлична од таа на клиентите.
Првиот и примарен проект на кој работам е во областа на дигитален маркетинг, а вториот е бизнис девелопмент.
Како ти изгледа еден работен ден на Бали? Работиш ли од плажа?
Да, се случува да работиме од плажа најчесто на зајдисонце, бидејќи најчесто работниот ден ни почнува попладне.
Утрата ги користиме за да одиме на часови за сурфање, плажа, истражување на островот...
Но, и кои се негативните страни...
Од малкуте негативни страни би издвоил влагата во воздухот и синхронизирањето со временската зона со клиенти од Европа и САД.
Се води ли луксузен стил на живот?
Не, воопшто. Тука луѓето, за разлика од Западот, помалку обрнуваат внимание на материјалните работи, а повеќе на духовните вредности.
Но, Бали како најпосетено туристичко место во регионот, има активности и локали за сечиј џеб.