„Ја посетив Кина, летав од Скопје до Виена и од таму до Пекинг – каков впечаток ми остави оваа земја?“
- Детали
- недела, 29 јануари 2023
„Бев соочен со лубеница намачкана со мајонез, цели кокошки и петли во супа, а најшокантното нешто кое го видов беа скорпии, змии, глувци, морски кончиња и што уште не, кои се продаваат пржени и на стапчиња низ улиците на Пекинг. А атракција на моменти бев и јас. Посебно кога се сликав со будистички монах, а поради ќелавоста деца мене ми вика Буда, Буда...“
Никогаш не помислував дека ќе ја посетам Кина. Тоа за мене беше една нереалност, а можеби и некој далечен сон кој не можеше да се исполни. Барем не мене. А немав ни желба да отидам толку на Исток, немав ни потреба. Ама некако спонтано се случи да бидам испратен на студиска посета по дипломатија.
И така, се најдов во земјата на магијата и чудните комбинации на храна. Три седмици кои нема никогаш да ги заборавам и кои ми подарија огромно богатство на сеќавања и искуства.
Летот до Пекинг беше од Скопје до Виена и од Виена од Пекинг. Се леташе некои 12 часа. Временската разлика беше некои си + шест часови за Кина.
Пекинг
Пекинг е глобален град и еден од водечките светски центри за култура, дипломатија, политика, финансии, бизнис и економија, образование, истражување, јазик, туризам, медиуми, спорт, наука и технологија и транспорт.
Како мегаград, Пекинг е втор по големина кинески град по градско население по Шангај. Во него се наоѓаат седиштата на повеќето од најголемите кинески државни компании и се сместени најголемиот број Fortune Global 500 компании во светот, како и четирите најголеми светски финансиски институции.
Но, во текот на патувањето, дефинитивно не ми беше омилена дестинација.
Загаденоста и нечистотијата беа на високо ниво. Тоа е првото нешто кое те поздравува кога ќе дојдеш во Пекинг.
Околу четиринаесет денови бев во Пекинг. Најомиленото место кое го посетив беше дефинитивно „Црвената палата“ односно „Забранетиот град“. Сета таа зачувана историја како да те транспортира низ минатото.
„Забранетиот град“ е комплекс на палата во округот Донгченг, во центарот на царскиот град Пекинг. Опкружен е со бројни раскошни царски градини и храмови.
Цената на билетите на „Забранетиот град“ зависи од сезоната. Од ноември до март (ниска сезона) билетите за Забранетиот град чинат 40 јуани (речиси 6 евра). Од април до октомври (висока сезона) билетите за Забранетиот град чинат 60 јуани (околу 8 евра).
Те потсетува на сите филмови кои си ги изгледал како дете, посебно The Last Emperor и Karate Kid. Има магија, мистика, и молчаливо волшепство кое те обзема целосно.
Дефинитивно ја препорачувам како дестинација.
Храната во Пекинг е... уникатна. Ако може така да се каже. Иако може да се најде храна која нас ни е позната, сепак во Кина преовладуваат традиционалните јадења.
Бев соочен со лубеница намачкана со мајонез, цели кокошки и петли во супа, многу зачин и сладок леб.
А најшокантното нешто кое го видов беа скорпии, змии, глувци, морски кончиња и што уште не, кои се продаваат пржени и на стапчиња низ улиците на Пекинг.
И не, не пробав. Мојот стомак е премногу осетлив на таква... експериментална храна. Па затоа јадев само ориз и краставички, и ослабнав 7 килограми за три седмици.
Кинески ѕид
Кинескиот Ѕид е низа на утврдувања кои биле изградени врз историските северни граници на античките кинески држави и Империјална Кина како заштита од разни номадски групи од евроазиската степа.
Делот Мутиању од Кинескиот ѕид се наоѓа на 73 километри од центарот на градот Пекинг, а потребни се 2 часа за да стигнете таму со такси. Можете исто така да стигнете до делот Мутиању со туристички автобус или други превозни услуги.
Општиот влез за Кинескиот ѕид во Мутиању е 40 јуани (6 евра) за возрасни, а за деца со висина под 1.2 метри е бесплатен. Овој трошок е задолжителен за да се види ѕидот.
И ова е навистина една прекрасна глетка. Sидот ти го одзема здивот. Зеленило насекаде, јасно сонце, и многу туристи. Вистинска атракција.
А атракција бев и јас. Посебно кога се сликав со будистичкиот монах.
Почнаа да дотрчуваат дечиња мали околу нас, а мене да ми викаат „Буда, Буда“ (знам, знам, ради ќелавоста), и бараа да ми ја протријат главата. Демек тоа носело среќа. Јас збунет, они уште повеќе. Доживување кое нема никогаш да го заборавам.