Семејство со две деца од Скопје на авантура низ Италија: „Авионските карти нѐ чинеа вкупно 140 евра, лежалките се 10 евра“
- Детали
- понеделник, 29 август 2022
„4 авионски билети до Болоња чинеа 140 евра, од таму фативме воз. Посетивме повеќе комерцијални места низ Италија, без да потрошиме многу, пари, со добар план и организација се успева дури и со мали деца“ – раскажува за CRNOBELO.com семејството Данилоски од Скопје кои беа на „авантура на буџет“ низ Италија.
Семејството Данилоски од Скопје се чист доказ како може да се посети некоја одлична дестинација, а да се помине евтино, или како што тие велат „авантура на буџет“. Затоа решиле ова лето да го докажат тоа со нивното патување во Италија.
Цеце и Борче со децата Даријан (8) и Борјана (6) како големи љубители на патувања решиле да имаат поинаков и несекојдневен летен одмор.
За CRNOBELO.com раскажуваат како посетиле места кои не се толку искомерцијализирани помеѓу народот, впуштајќи се во нивна мала авантура низ убави села, мали гратчиња, скриени златни плажи, зелени ридови.
Како ви дојде идејата да ја посетите Италија? Како беше процесот на подготовка за оваа ваша авантура?
Отсекогаш сакавме да ја посетиме Италија. Некако ова лето, после олабавувањето на мерките од Ковид-19 пандемијата, решивме да си ја оствариме нашата долгогодишна желба.
Вкупно за сите четворица авионскиот превоз нè чинеше 140 евра (за повратни билети секако) преку Wizzair, со лет од Скопје до Болоња.
Од аеродромот Гуљелмо Маркони во Болоња има околу шест километри до центарот на градот, со такси, автобус или воз. Цените се минимални, околу 9 евра.
Во нашиот случај, земавме воз од Болоња до Сенигалиа кој нè чинеше 10 евра од возрасен човек, а за децата беше бесплатно.
Едно Airbnb сместување во Монтекарото (местото во кое престојувавме) е околу 60 евра од ден за четиричлено семејство.
Иако првично гледавме да престојуваме токму во Airbnb, ни се смени планот и бевме поканети како гости на наши пријатели, родители на другиот брачен пар кој ни се придружи на нашата авантура.
Не сакавме да посетуваме многу познати места, со многу гужва и народ, и затоа се решивме за овој предел од Италија. И ни за момент не зажаливме, бидејќи според нас, тука се кријат најголемите богатства на оваа земја.
Споменавте дека бевте сместени во Монтекарото, гратче оддалечено на околу 200 километри од Болоња. Што интересно можете да ни кажете за целата област, за Сенегалиа и за околните плажи?
Гратчето Монтекарото, е оддалечено 30 километри од Сенигалиа (провинција на Анкона). Најголем дел од времето го поминувавме на широките и долги плажи во околината на Сенигалиа.
Областа е полна ресторани распослани во близина на плажите, водата е плитка и пријатна, златниот песок е топол - совршено за еден фамилијарен одмор.
Во однос на плажите, има делови каде не се плаќа за лежалки. А во деловите каде се плаќа, една лежалка е 10 евра од ден, со тоа што ако јадете во ресторанот што е на плажата, се намалува оваа цена.
Исто, цена на едно еспресо изнесува 1 евро што е дури и поевтино од кај нас. Храната и останатите пијалаци се горе доле како во Македонија.
Симболот на Сенигалиа е Ротонда ди Маре. Место кое може да се види од секоја плажа во околината.
Плажите се толку долги што може да се ужива шетајќи со часови, заедно во комбинација со прекрасното време, синото небо и морската вода.
Што беше најинтересно за вашите најмлади „придружници“? Како уживаа децата? Што за нив беше интересно да се види и посети?
Јеси, мало место во близина на Сенигалиа, е на 5 километри оддалеченост од Монтекарото. Како голем љубител на фудбалот, Даријан беше пресреќен што ја посети куќата на славниот фудбалер Роберто Манчини и моментален селектор на фудбалската репрезентација на Италија.
Во целост, најмногу се радуваа на убавите плажи, на водата, и на убавиот и вкусен сладолед.
Како е да се посети Анкона? Имам читано дека Анкона како град постои од шестиот век пред нашата ера, и дека архитектурата имала големо грчко и византиско влијание?
Да, Анкона има голема и богата историја, преубава архитектура и волшебни места за посета. Имено, Анкона е главниот град на истоимената провинција и на регионот Марке кој се наоѓа во средна Италија, сместен на брегот на Јадранското Море.
Луѓето доаѓаат тука во потрага по мир, спокојство, природна убавина, топлото море, огромните трговски улици и прекрасното пристаниште.
Интересен податок е тоа дека од пристаништето тргнуваат секоја година околу еден милион патници кои одат пред сè во Грција и Хрватска, но исто така и во Албанија, Турција и Црна Гора.
Градот е поделен на два дела, еден - стар историски, а друг - повеќе модерен.
Анкона може да се пофали со голем број на знаменитости, како на пример:
Катедрала Свети Киријако која се издига над морето и изградена на ридот Гуаск и со тоа изгледа како да лебди меѓу копно и море.
Во катедралата е сместено телото на заштитникот на Анкона, епископот Свети Киријако. Искачувањето до катедралата е придружено со панорамски поглед на градот и пристаништето.
Базилика Лорет или Света колиба e главната атракција на Анкона, едно од највредните светилишта на католичкото христијанство, е лоцирано во предградието на градот.
Според католичките христијани, оваа куќа се верува дека е онаа во која пораснала Дева Марија. Светиот дом во Лорета е едно од најпопуларните места за аџилак во католичка Европа.
Плоштадот Плебисцито, попознат како градска дневна соба и срцето на стариот град. Именуван е по папата Климент XII, чија статуа го краси плоштадот.
Тука е и средновековната владина палата, црквата Свети Доминик, градската кула од XVI век, како и градскиот музеј.
Селото Сироло е исто рај за очи. Тоа е ситуирано во регионот на Анкона и е познато по тоа што ги има најубавите плажи во целиот регион. Во ова село мора да се внимава бидејќи за погрешно паркирање нè казнија со 30 евра.