Дарио Тодоровски, за патувањето во Шри Ланка: „Локалците се гостопримливи, транспортот - хаотичен, а земјата е сликовита и разнолика“
А што имаш да кажеш за средбата со слонови…?
Националниот парк Удавалаве е еден од неколкуте познати паркови за сафари каде пред сè ќе видите слонови во нивната природна средина. Со оглед на тоа што тоа е нивното природно и нелимитирано живеалиште слоновите се опуштени и немаат страв од туристи.
Во Шри Ланка има и 2 згрижувалишта за слонови, па на патот од Коломбо до Сигирија застанавме во едно од нив – еден интересен куриозитет кој го доживеавме таму е тоа дека слоновите поголемиот дел од денот или помеѓу 16 и 18 часа јадат и дневно можат да изедат помеѓу 150 и 170kg вегетација. И да, речиси секоја средба со нив беше проследена со таа активност.
Имаше ли можност да се запознаеш со локалното население и да видиш како тие го живеат нивното секојдневие?
Локалното население само ја надополнува целостана слика за Шри Ланка. Луѓето таму се навистина прекрасни, секогаш насмеани, ненападни, подготвени да ти помогнат и се безизмерно среќни што си таму, па затоа се трудат на секаков начин да ти ја претстават нивната земја на најдобар можен начин со сите детали што истата ги нуди.
Една ваква тура како мојата не може да се замисли без постојана придружба и возач – стандардот и цените во Шри Ланка се навистина ниски, па затоа секое искуство е достапно.
Транспортот низ земјата е хаотичен и доколку имате ограничен број на денови и еден тон активности и места за посета, ангажирање на возач или такси е најдобрата опција. Нашиот возач Јанан беше дел од секоја наша авантура во текот на целиот престој таму и неговата непосредност и постојана желба да ни ја долови Шри Ланка го направија ова патување уште подобро и повпечатливо.
Во неколку реченици како ќе го опишеш патувањето на оваа егзотична дестинација?
Тешко е во неколку реченици да се опише ова патување, но доколку треба да изберам неколку збора тогаш би биле незаборавно, инспиративно, сликовито и разновидно.
Како за крај зошто секој треба да ја посети Шри Ланка барем еднаш во животот?
Шри Ланка ги отвора сетилата, ги проширува сопствените хоризонти и те збогатува со бесценети искуства. Островот е навистина посебен, нуди безброј можности за сечиј вкус и речиси е невозможно да не бидеш обземен од убавините и самата енергија таму.
Враќањето од Шри Ланка е само нова инспирација и констатација колку светот може да биде различен и истовремено прекрасен. И доколку и вие како и јас имате листа на дестинации кои мора да се посетат барем еднаш во животот – тогаш Шри Ланка дефинитивно заслужува да се најде таму.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е.Х| Црнобело