Дарио Тодоровски, за патувањето во Шри Ланка: „Локалците се гостопримливи, транспортот - хаотичен, а земјата е сликовита и разнолика“
- Детали
- недела, 05 јуни 2022
Дарио Тодоровски од Скопје е млад човек кој обожава да посетува нови дестинации и да го открива секојдневието на локалците, како и специфичностите на тоа место.
Дарио страсно ужива во патување и е личност којашто не се плаши од предизвици и спонтани авантури. Веќе 5 години работи за Луфтханза, а сето тоа му овозможува да посети безброј места низ светот. Тој сфатил дека колку повеќе патува, толку повеќе има за откривање.
За CRNOBELO.com тој споделува детали од патувањето во Шри Ланка:
Зошто токму Шри Ланка?
Според мене не постои место во светот кое нема што да понуди или не вреди да го посетиш. Нормално, во однос на сопствените патувачки афинитети, ме привлекуваат дестинации кои се разновидни: места богати со историја, природа, добра храна, плажи и несекојдневни пејзажи. Шри Ланка е токму тоа.
Кои туристички локации ги посети за време на патувањето?
Планирањето на целата тура за Шри Ланка беше долга, но возбудлива. Самиот остров е голем површински и земајќи ги предвид сите реални околности, а пред сè транспортот и поврзаноста на местата, беше предизвик да се организира целото патување, а притоа да се посетат сите точки за кои имав слушнато и читано.
Коломбо е главниот град на Шри Ланка и веројатно секоја авантура започнува таму со оглед на тоа дека главниот интернационален аеродром е токму таму.
Коломбо е совршен спој на новото, модерното и локалното, од запоставени квартови, метеж, отворени пазари до стокатни згради, деловни простори, градини и архитектонски ремек дела. Од Коломбо се преселивме во Сигирија, еден од историските и стари градови на Шри Ланка каде што е невозможно да не се искачи Лавовската карпа.
Од Сигирија се упативме кон Кенди – културниот главен град на Шри Ланка. Плантажите за чај се една од топ карактеристиките на Шри Ланка (извозник на чај до многу светски дестинации) па на делот помеѓу Kendi и Нувара Елија имавме можност да посетиме една од многуте и да го искусиме процесот на производство.
Од Нувара Елија преку Ела стигнавме до Удавалаве – во еден од најпознатите национални паркови за сафари, искуство кое треба да се доживее барем еднаш. За крајот од долгата и интензивна тура го оставивме јужното крајбрежје и феноменалните плажи во близина на Тангале и Мириса.
Со какви очекувања тргна за Шри Ланка, а со што се соочи на самото место?
Иако имав големи очекувања за Шри Ланка, можам слободно да кажам дека ги надмина моите очекувања. Гостопримливоста на локалното население, пристапноста, самата култура и сите обележја што ги имаат нивните места би ме натерале повторно да одлетам таму.
Посебно доживување во Шри Ланка е возењето со возови низ прекрасните предели. Имавте ли можност да го искусите овој момент?
Патувањето со воз помеѓу Кенди и Ела е несомнено авантура и искуство кое не смее да се пропушти. Комплетното искуство помеѓу овие две места трае 7 часа, но истото може и да се скрати доколку се качите на воз во Нувара Елија и стигнете во Ела – истото трае околу 4 часа.
Иако се чини како долго патешествие, истото поминува пребрзо бидејќи сите предели низ кои поминува возот се навистина неописливи. Неоткриена природа, планини, плантажи за чај, шарени куќички – се само дел од местата низ кои проаѓа возот. Картите се препорачливо да се купат однапред и истите се навистина евтини за сето тоа што те очекува.
Од сета природна убавина што постои на Шри Ланка, неизбежни се плажите. Кои успеа да ги посетиш?
Шри Ланка е позната по многу нешта меѓу кои дефинитивно и долгите песочни плажи околу целиот брег. Со оглед на турата и моменталната клима, јужното крајбрежје беше нашиот избор.
Тангале и Мириса беа плажите кои навидум се чинат бесконечни, опркужени со палми и океан кој постојано ги менува нијансите на сино. Прошетките на зајдисонце беа веројатно омилениот дел од овие дена – комбинација на бои и егзотични – за момент ти даваат впечаток дека си во рајот.