Елена од Скопје за посетата на Виетнам: „Локалците се пријателски настроени, никој не застанува на пешачки, а јадат пржени бубачки“
Би ја препорачала ли оваа земја како туристичка дестинација?
Југоисточна Азија е интересно доживување. Со оглед на сличната култура во сите тие држави вреди да се посети барем еднаш во животот, како задолжителна дестинација. Убаво би било човек да има слободно време од 6 месеци, за попатно да ги прошета и Камбоџа и Тајланд.
Дали имаше некој непријатен миг таму?
Не, но сликите со бездомници како ја буткаат количката на животот убедливо не ми се допаднаа, сиромаштија, многу луѓе што просат по улиците...
Неколкупати се изгубив во Сајгон, додека шетав пешки, иако имав и хартиена мапа и Гугл мапс.
На почетокот тешко си ја наоѓав зградата каде што живеев, па ме фаќаше паника. Попатно и поројниот дожд при шетањето не беше баш пријатно искуство.
Чадор или кабаница не помагаат, едноставно треба да се тргнеш во затворен простор (не под стреа), бидејќи се формира поплава на улиците за 5 минути и избива канализацијата.
Јазикот им е чуден, слоговен, се обидов да научам неколку зборови и тешко се разбирав со локалното население, бидејќи слабо зборуваат и англиски и било кој светски јазик.
Дали некогаш би посакала да живееш во Виетнам?
Ако веќе треба да бирам дестинација, Азија според мене е одлична како место за туризам, прошетки и одмор, но тешко се навикнуваш на тамошниот живот, колку и да ги имаш сите удобности.
Сепак би се задржала на Европа. Би сакала да живеам некаде на Медитеранот, бидејќи ми годи климата, храната и начинот на живот.
Што треба да знаеме пред да тргнеме во Виетнам?
Месеците март, април и мај се најсоодветни за посета на државата во северниот дел кој е за нијанса постуден од јужниот, каде што температурите достигнуваат и до 40.
Меѓу мај и ноември има тропски циклони на источниот брег.
Аплицирајте за виза уште пред да дојдете во државата и подгответе се долго чекање во редови на аеродромот.
Валутата која се користи е виетнамски донг, но насекаде можат да се заменат долари и евра. Понесете со себе и картички и кеш.
Никако не смееете да правите фотографии со било што врзано со војската/полицијата. Ова се смета за прекршок на националната безбедност и не би сакале да се соочите со казна затвор.
Не консумирајте вода од чешма, само флаширана. Најупотребувана храна е ориз, нудлс, порција со месо или морска храна, зеленчук, супа, и сосови. Избегнувајте месо со чудно потекло.
Кои туристички места вреди да се посетат таму?
Ги посетив јужниот (Сајгон, Вунг тао) и централниот дел (Хуе, Хои ан, Дананг, Натранг) и ред туристички познати локалитети.
Зградите и хотелите во Хуе се уредени art deco, и за љубителите на архитектура има доста француско влијание. Хуе бил седиште на императорите од династијата Nguyễn и национален главен град од 1802 до 1945 година. Главна атракција е неговата огромна тврдина.
Го опфаќа Царскиот град, со палати и светилишта; Забранетиот пурпурен град, идентичен со Забранетиот град во Пекинг; и реплика на Кралскиот театар.
Покрај реката Парфем има и огромен број други споменици, вклучувајќи ги и гробниците на неколку цареви.
Натранг е популарно туристичко место, со километарска песочна плажа и луксузни хотели долж брегот.
Од атракциите што мене ме интересираа, ги посетив: Пагода Лонгшон, со статуата на Буда од 78 метри, и Комплексот Понагар (остатоци од хинду храм), додека престојував кратко во градот.
Осторовот Хонтре, е познат по Винперл забавниот парк, туристичко село каде што има аквариум, амфитеатар, шопинг центар, плажи, спортови на вода, нуркање, будистички храм, луксузни одмаралишта, ресторани, барови. Се стигнува преку брзи фери бротчиња од Натранг или преку жичара.
Дананг е популарно туристичко место, познато по песочни плажи и историја како француско колонијално пристаниште.
Атракциите што мене конкретно ме заинтересираа се: Мостот на змејот, конструиран во форма на змеј, кој исфрла оган од устата, (со употреба на пиротехнички материјали) и претставува популарна дестинација меѓу фотографите.
Златниот мост е 150 метарски пешачки мост од челик и позлатени делови, кој се наоѓа во Sun World Bà Nà Hills ресортот и забавниот парк, ресторани, француско село со мали улички со калдрма, и претставува ново светско чудо, импресивна туристичка атракција, изградена во 2018-та година, која чини околу 2 милиони евра.
Инаку, Bà Nà претставува планински ресорт, со 5km жичара која те носи до врвот на околу 1.500m надморска височина.
Мермерните планини се карпести варовнички изданоци кои се блиску до Дананг. Ги има 5 на број, според 5-те елементи. Во нив има будистички и хинду светилишта и пештери, кои биле откриени од Династијата Nguyen, кои пак подоцна, изградиле многу пагоди меѓу пештерите.
До врвот Thuy Son, единственото место отворено за туристите, се стигнува пешки по 156 скали. Местото е привлечно за многу уметници и занаетчии кои прават скулптури и ракотворби.
Мајмунска планина која е околу 10-тина километри од градот е национален парк, на околу 700m надморска височина.
Место кое е познато како дестинација за бегство од топлината и сообраќајот во градот, живеалиште на многу видови на мајмуни, но исто така и место познато по Linh Ung Pagoda и 67 метарска бела статуа на Божицата на милосрдието, највисоката статуа на божество во Југоисточна Азија.
Местото е познато по аџилак и во одредени делови од годината е преполно. Има прекрасни видиковци на Источното море и заливот на Дананг.
Хои Ан е мало гратче, каде што продавачите од Кина, Јапонија и Европа се населиле меѓу 15-ти и 19-ти век, креирајќи единствена архитектонска фузија.
Тука е најдобро да шетате пешки или со велосипед, бидејќи Стариот град е пешачка зона со мали дрвени куќички, канали, ресторани со локални специјалитети, продавнички, пазар на вода со локални зеленчуци, овошја, морска храна и зачини.
Целото место е туристичка атрација и особено ќе го издвојам Јапонскиот покриен мост.
Ми Сан е културно наследство на UNESCO, кое се наоѓа 40 км од Хои ан. Храмовите датираат од 4 до 14-ти век и се посветени на богот Шива.
Голем дел од архитектурата на Ми сан е уништена со бомбардињата за време на војната. Се смета како едно од поголемите светилишта од тој период и е споредувано со други комплекси од типот на Анкгор Ват во Камбоџа, Баган во Мијанмар, Боробудур во Јава и Ајутија во Тајланд.
Вунг Тау е некогашен француски колонијален град, а сега е популарно приморско одморалиште со долги песочни плажи, кое привлекува многу посетители од градот Хо Ши Мин. Значаен споменик во градот е Исус, кој е меѓу највисоките статуи во Азија.
Интересен е податокот што постои руска заедница уште од советската ера, бидејќи тие биле најдоминантна група странци. Активностите набродовите го инспирирале името Vũng Tàu, што значи „сидро“.
Повеќе фотографии погледнете во галеријата:
Б. С. Б. | Црнобело
фото: Приватна архива