Мими од Белград: „Две години живеам на Малдиви - локалците немаат високи плати, немаат раскошни куќи, не патуваат, но се среќни“
- Детали
- недела, 27 март 2022
„Малдиви можам да го поделам на два дела: ресорти (приватни острови) и локални острови. Иако приватните острови најчесто се оддалечени десеттина минути од локалните, не постои ништо заедничко освен океанот. Иако живеат многу скромно, ако ги прашате локалците дали би сакале да сменат нешто, во најголем број на случаи ќе слушнете: „Не, имам сè што ми треба“...“, раскажува Милица Пејовиќ за животот на мал малдивски остров.
Милица Пејовиќ од Белград, на своите патници позната како Мими, по струка е дипломиран економист (ревизор), но со години работи како туристички водич на далечни дестинации за Џангл Травел.
Веќе две години живее на локалниот остров, Мафуши на Малдиви. Покрај големата страст за нуркање и желбата што повеќе да се поврзе со подводниот свет, Мими има и уште едно хоби, а тоа е шиење. Својата официјална страница ја отворила при крај на 2020 година, под назив Miamal.
Во продолжение следува разговор со Мими каде отворено зборува како е да се биде туристички водич и зошто локалните острови на Малдиви треба да бидат следна дестинација на љубителите на патувањето.
Како започна твојата приказна како туристички водич?
Буквално преку ноќ. Бев втора година на факултет кога се зачленив во една студентска организација на Економски факултет во Белград, и набргу следуваше организирање на конференција за студентите која се одржа на Златибор.
Верувам дека знаете, ама за настани од ваков вид потребно е да најдете спонзори кои ќе го олеснат она што го имате на ум. Еден од спонзорите беше и една туристичка агенција од Белград, која во тој период најмногу се занимаваше со патувања за млади.
За време на разговор со еден од претставниците на агенцијата, јас сосема спонтано прашав какви се условите за вработување на позиција туристички водич. Откако го слушнав тоа што ми требаше, го продолживме разговорот кој го водевме пред тоа.
Покрај другите обврски, мојата задача на конференцијата беше и водење на програмата, а претставници на агенцијата беа едни од гостите. Мислам дека тоа беше клуч кој ги отвори вратите до она што во моментов го работам.
Низ каков тренинг помина пред да ја добиеш лиценцата за водич?
Ќе бидам искрена, јас почнав да се занимавам со оваа работа пред лиценците за туристички водич да станат задолжителни. Полагање за лиценца стана задолжително две години по мојата прва тура.
Сега агенциите одржуваат обуки во вид на школа за водичи или групен состанок на кој се дискутираат разни тематики поврзани со обврските и способности што се потребни за еден водич.
Во кои држави досега имаш работено како туристички водич?
Можам да кажам дека досега ги имам поминато скоро сите европски земји, а во некои од нив со задоволство им се враќам. Тоа се Шпанија, Франција, Словенија, Австрија, Швајцарија, Чешка, Шведска, Унгарија, Грција, Турција и, секако, сите земји околу Србија.
И Русија е една од земјите што ја имам поминато благодарение на работата, ама неа ја оставив за еден ден повторно да ѝ се вратам и тоа како турист и авантурист.
Од далечни дестинации само во 2021 година ги посетив Обединети Арапски Емирати, Шри Ланка, Занзибар и Малдиви, а прва далечна дестинација ми беше Тајланд во 2019 година.
Кои се твоите секојдневни обврски и задачи со патниците?
Сè зависи од дестинацијата и од посветеноста. Во моментот работно сум ангажирана на Малдиви, па можам да раскажам како ми помина овој ден. Го закажав излетот во 9:30, а претходната вечер во вајбер групата ги напишав сите неопходни информации за следниот ден и на патниците им посакав добра ноќ.
Алармот ми е навиен во 8:45, но телефонот скоро секој ден ми ѕвони кога ќе станат патниците, а не кога ќе се огласи алармот. Па така, се разбудив во 7:15 за да одговорам на повиците и пораките, појадував и сите заедно заминавме да нуркаме. Излетот го завршивме во 15 часот, па после тоа се истуширав и отидов на плажа да ги средиме сите посебни организации кои следуваат два часа подоцна.
Потоа со ашов копав дупки за столбови за романтичен сетап со помош на едно момче од Бангладеш и го декориравме останатиот дел од плажата, онака како што го имаше замислено еден од моите патници, кој сака да ја запроси својата девојка на Малдиви.
Повторно се истуширав и заминав во едно кафуле со добра Ви-фи мрежа, каде ги средував фотките и видеата од излетот за да им ги пратам на патниците истата вечер. Кога ќе завршувам со обврските, одам на спиење, а телефонот ѕвони после неколку минути… Затоа што цело време сте му потребни на некого!
Спијам кратко, па од 7 часот следниот ден повторно со исто темпо. Ако сте подготвени да ја работите работата на начин на кој се бара од вас, тоа значи дека секој ден и слободното време ќе им ги посветите на вашите патници.
Како туристички водич, постојано среќаваш различни групи на луѓето, како успеваш да ги споиш патниците еден до друг?
Уште на самото тргнување на аеродромот патниците почнуваат да се запознаваат меѓусебно. На мене останува да ги дочекам со насмевка, да им ги обезбедам сите неопходни информации и со своето однесување да им покажам дека уште од првиот ден не сум им само водич, туку и личност на која можат да сметаат за време на целото патување.
Давам сè од себе да бидам тука за нив во кое било време од денот, секогаш весела и расположена.
Од тука започнува сè… Иако профилите на луѓето се различни, љубовта ја прифаќаме сите, зарем не? Покрај заедничките излети, често организирам и дружења на кои разговараме на теми со личен карактер кои ни овозможуваат подобро да се запознаеме еден со друг.
Се радувам кога ќе видам дека тоа ми оди од рака и дека за време на патувањето сите стануваме едно мало среќно семејство!
Што мислиш кои способности секој водич треба да ги поседува?
Мислам дека ќе ми биде тешко да ја најдам врската помеѓу мојата визија за работа како водич пред шест или повеќе години и денес. Сигурно сите се сеќавате на човекот од средношколските екскурзии кој постојано зборува на теми и работи што најверојатно не ве интересирале во моментот. Па, јас станав таков човек.
Тоа чувство ми беше еден вид на кочница. Многу прашања, на пример, на кој начин да се вооружам со сето тоа знаење, како ќе се справам со тоа што многу често ќе ме гледаат како некој што ги заморува луѓето со приказни. Сепак, тоа се покажа како најмал проблем. Посебно кога сфатив дека луѓето се желни за знаење и дека со задоволство ги слушаат моите приказни.
Се покажа дека најважно е вашиот однос кон патниците, вашата срдечност и вашата секојдневна насмевка. Убаво е и неопходно е да се подели знаењето што го имаш за некоја земја, а уште поубаво е кога другите ги гледаш задоволни.
Што носиш со себе на секоја тура?
Хм, до пред некое време изгледаше вака: пасош, агенциски документи, пари! На тоа размислував пред секое патување, како единствено нешто што треба да го имам со себе, а паралелно да направам и двојно чекирање. Меѓутоа, сега е тука и Скитуљко. Станува збор за волнена рачно изработена играчка од цртаниот филм „Ципелиќи“. Како некој што сака да патува и да скита низ светот, мојот Инстаграм профил го носи името @skituljak.
Пред неколку месеци, кога имав неколку дена одмор, одлетав до Србија. Секако дека веднаш отидов да го испијам омиленото кафе во својот крај. Е баш таму, за добредојде и за среќа на следните патувања, ја добив оваа играчка на подарок. Наскоро повторно заминувам на други дестинации, но сега имам засилување – скитуљко оди секаде со мене!