Кристина, наша стјуардеса: „Имам посетено 100 земји, бев на свадба во Индија, партнерот ме запроси во Катар“
Како изгледа распоредот на една стјуардеса? Кои денови ти се одмор?
Секој месец добивам различен распоред. Денови за одмор може да бидат кои било денови во неделата.
Има опција да се побараат конкретни денови, но не секогаш е загарантирано дека ќе ги добиеш, исто важи и за дестинациите.
Со дечко ми со месеци се обидувавме да добиеме заеднички лет додека добивме конечно.
Како ги поднесуваш временските и температурните разлики?
Тешко е. Таман ќе се адаптирам на една временска зона, ќе сменам во друга. Посебно тешко ми е по прекукеанските летови, каде разликата во времето е многу поголема.
Се мачев долго време, додека на крај почнав да си легнувам тогаш кога ќе ми се спиеше. Но, особено внимавав да бидам добро наспана пред долги летови.
Температурните разлики не ми менуваат многу. Секогаш го проверувам времето каде и да летам пред да се спакувам.
Колку земји имаш посетено досега?
Околу 100. Има некои дестинации кои Катар Ервејс не ги покрива, па сум идела и приватно.
Дали е тешко да се работи оваа професија?
Има напорни летови, но ако го сакаш тоа што го работиш ќе ти биде задоволство. Но, верувам дека НЕ секој може да го работи ова. Бара многу трпение, подготвеност, самодоверба, брзина во работата.
Не сме само келнери во авион, будни сме на секој крик, звук и мирис. Се грижиме за безбедноста на повеќе од 350 патници.
Ако нешто се случи ние даваме и прва помош. Имаме тренинг дури и во случај ако жена се пораѓа за време на летот.
Држава во која со задоволство се враќаш одново и одново е…
Австрија, Виена поточно. Тоа е првата дестинација што ја добивме заедно со дечко ми. После тоа уште неколкупати ја добив сама и ми остана во срце.
Исто Шпанија, Барселона. Бевме заедно неколкупати и би се вратила таму повторно. Никогаш не би ни здодеало.
Држава која не би сакал да ја посетиш никогаш повеќе е…
Бангладеш. Многу е валкано, неорганизирано, не е безбедно воопшто, чуден мирис насекаде и многу комарци.
Ако сакаме рајски плажи најдобро е да одиме во…
Филипини имаат многу острови со преубави плажи. Сејшели, Занзибар, Малдиви...
Најубавите спомени ги носиш од…
Дефинитивно од Аделајд, Австралија. Од мала ги обожавам пандите, но никогаш претходно немав можност да видам некоја.
Кога дознав дека во нивната зоолошка градина имаат панди, ништо друго не сакав да видам и тоа беше првото нешто што сакав да го направам откако слетав таму.
Исто така и од Мумбаи, Индија. Бевме поканети со дечко ми на индиска свадба. Како единствени бели луѓе, сето внимание беше кон нас.
Присуствувавме на церемониите и тоа беше прекрасно да се види во живо. Бевме облечени според нивна култура, што беше уште поинтересно и за нив.
И Доха нормално! Запознав драги луѓе таму, и дечко ми ме запроси во Доха, така да би ја памтела Доха по весели моменти вредни за паметење.