Филип Димовски го посетил Нов Зеланд 12 пати: „Има недогледни пасишта со овци, пештери со светлечки црви и непредвидливо време“
Би ја препорачал ли оваа земја како туристичка дестинација?
Тоа многу зависи од што сакате и очекувате кога патувате. Доколку сакате природа, планинарење и вина, тогаш дефинитивно ја препорачувам, но ако сакате големи градови, историја, архитектура и облакодери, продолжете со потрага по вашата следна дестинација, Нов Зеланд не е за вас.
Има ли некои уникатни места кои може да се видат само таму?
Нов Зеланд има неколку работи да понуди кои не може да ги видите на ниту едно друго место освен тука. Хобитон е едно од нив.
Доколку сте фан, (па дури и да не сте, како мене) на Господар на прстените и Хобит, мора да го посетите Хобитон. Направен како филмски сет на отворено, десетици колиби, таверни, реки и езера. Огромен простор во кој барем на момент ќе заборавите дека сте возрасни и каде што сè е дозволено.
Друго место кое морам да го издвојам се пештерите со светлечки црви (glowworm caves). Во овие пештери кои се дел од пештерскиот систем Ваитомо има милиони од овие црви кои се уникатни за еко системот на Нов Зеланд.
Препорачувам да земете една од организираните тури со брод, за да можете вистински да го видите ова уникатно место.
Пред да одиме во Нов Зеланд треба да знаеме?
Времето е непредвидливо
Како и Австралија, преку каналот, во Оукленд можете да ги искусите сите 4 сезони во еден ден.
Локалците се имаат навикнато да живеат со тоа, но за туристите, може да биде малку иритирачки. Сепак во Оукленд има многу повеќе сонце отколку дожд, и е многу потопло во зима за разлика од долу на југот.
Има пејзажи како од разгледница
Оукленд и Нов Зеланд може да се пофалат со некои од најубавите и највозбудливите пејзажи во светот. Но, сепак морам да кажам, ова место е епски зачудувачки преубаво.
Ако сакате активности на отворено, како што се пливање, сурфање, планинарење или ако сте само љубители на добриот поглед, Нов Зеланд нуди бескрајни можности да се восхитувате на мајката природа.
Храната е неверојатна
Со свежа морска храна, јагнешко месо и најдобрите сирења на дофат, никогаш нема да имате лош оброк. Сцената со кафулиња и ресторани напредува со неверојатна брзина, што го право Оукленд врвно гастрономско место.
Не се потресувајте, овде нема отровни животни како во Австралија
Можете да бидете смирени додека планинарите или го истражувате Нов Зеланд, бидејќи овде нема отровни инсекти, змии или животни, за разлика од соседната Австралија.
Всушност, во Нов Зеланд нема апсолутно никакви змии. Наместо тоа ќе наидете на овци! Многу овци и фарми.
Летото трае од декември до февруари
Кога планирате патување во Нов Зеланд имајте на ум дека, како и во сите други земји од јужната хемисфера, годишните времиња се спротивни од оние од северната хемисфера.
Најдобро време да го посетите Нов Зеланд, доколку на ум имате повеќе активности на отворено е периодот од ноември до април.
Во текот на летните месеци, од декември до февруари ќе најдете одлично време, но и многу повеќе гужва. Со тоа доаѓаат и повисоки цени.
Ако распоредот ви дозволува, одлучете се за периодот помеѓу ноември или нприл, бидејќи времето е сè уште многу убаво, има многу помалку гужви, а цените се пониски. Но, доколку се одлучите да одите на скијање, одберете период помеѓу јуни и јвгуст.
Се вози на левата страна од патот
Како и во многу други земји од светот, доколку возите, треба да бидете подготвени тоа да го направите на левата страна на патот.
Пред да дојдете, само погрижете се да ги знаете основните правила на патот и да бидете малку повнимателни на почетокот. Секако нема премногу возила на патиштата, така што многу брзо ќе се привикнете и ќе возите на левата страна од патот, како професионалец.