Филип Димовски го посетил Нов Зеланд 12 пати: „Има недогледни пасишта со овци, пештери со светлечки црви и непредвидливо време“
- Детали
- вторник, 08 март 2022
„Нов Зеланд е малку поразличен од сите други места на кои сум бил. Досаден, но од друга страна забавен. Голем, но од друга страна мал. Нов Зеланд е како едно огромно село. Секаде е зелено, каде и да се свртите. Веднаш штом излезете од Оукленд, гледате пасишта, овци и планини. Пејзажите изгледаат како да се излезени од разгледници и за среќа нема отровни животни како во соседната Австралија“, раскажува стјуардот Филип Димовски (30) за CRNOBELO.com.
Филип Димовски (30) во последните 7 години работи како стјуард за авиокомпанијата - Qatar Airways, за која вели дека е најдобрата авиокомпанија во светот
Благодарение на работата го живее својот сон да го истражи светот и досега има посетено 102 земји, а авантурите ги споделува на Инстаграм.
Една од посетените земји која му оставила впечаток со уникатноста е Нов Зеланд.
За CRNOBELO.com тој споделува како ја доживеал оваа земја:
Колку пати го имаш посетено Нов Зеланд? Зошто ти се допадна уште на првата посета?
Првпат во посетив Нов Зеланд во 2017 кога го работев првиот патнички лет, веднаш после инаугуративниот. Оттогаш, Нов Зеланд го имам посетено 12 пати.
Нов Зеланд е малку поразличен од сите други места на кои сум бил. Досаден, но од друга страна забавен. Голем, но од друга страна мал. Нов Зеланд е како едно огромно село. Секаде е зелено, каде и да се свртите.
Веднаш штом излезете од Оукленд, гледате пасишта, овци и планини. Пејзажите изгледаат како да се излезени од разгледници.
Зошто Нов Зеланд е уникатна земја?
Затоа што има многу да понуди... Сакате светска метропола? Природа? Можеби плажа? Скијање? А вино? Ако на некое или пак на сите од овие прашања одговоривте да, Нов Зеланд има да го понуди.
Долови ни ја атмосферата од главниот град... Што оттаму би си посакале во Македонија?
Градот е голем, но воопшто не можете да го почувствувате тоа затоа што е многу компактен и одлично поврзан. Каде и да сте во градот, многу лесно можете да завршите на главната улица која води до пристаништето и променадата.
Што од таму би посакал за Македонија, има многу... не знам од каде да почнам.
Претпоставувам, прво нешто е дел од менталитетот. Не велам дека се подобри, не се. Само се многу посовесни и се грижат за своите постапки, не за постапките на останатите.
Страшно добро се грижат за природата и ресурсите кои ги имаат. Македонија со ресурсите што ги има може да биде и многу повеќе, но тоа е тема за некоја друга приказна.
Каква е природата? Што те има воодушевено најмногу?
Како што кажав природата е неверојатна. Меѓутоа не зборувам само за планини, полиња и море. Зборувам за пештери со биолуминисцинентни црви кои висат од плафонот, плажи со црн песок каде што навечер водата свети поради планктони, гејзери, вулкани и вински острови.
Толкав број на природни феномени собрани на едно место нема ниту една друга земја во светот.
Има ли убави плажи и услови за капење?
Плажи има многу. Меѓутоа на Северниот остров не очекувајте рајски плажи како на Малдиви или Сејшели. Сепак плажите се на океан, каде што брановите се прилично големи, а температурата на водата е прилично ниска.
Но доколку сурфате, тука е рајот. За разлика од ова, на Јужниот остров плажите се многу поблаги, со поситен песок и помали бранови распрскани низ многубројните заливи.
Какво темпо на живот водат локалците?
Луѓето во Нов Зеланд се генерално опуштени и позитивни, но работат напорно. Сакаат да се дружат со пријателите и фамилијата и да ги уживаат убавините кои сопствената земја има да им ги понуди.
Немаат супер брзо темпо како некои од земјите на Западот, тука за се треба малку време. Одвојуваат многу време за спорт и други активности, не само за работа.
Каков е јавниот превоз?
Јавниот транспорт е добро организиран, евтин и лесен за користење, така што воопшто и да не ви е потребен автомобил.
Во Оукленд можете да користите автобус, воз, траект или такси, од и до било кој дел на градот или остров.
Висок ли е стандардот на живот? Некоја цена оттаму кафе / пиво...
Цените се прилично високи, Нов Зеланд дефинитивно не е евтина дестинација. Цените за храна се едни од највисоките во светот.
Ова се должи на малата популација и географската изолираност, но и на големата побарувачка на продуктите произведени во Нов Зеланд низ азиските држави и светот.
Најобичен оброк во кафуле ќе ве чини помеѓу 12-20 долари, а чаша пиво или вино помеѓу 8-11 долари.