Диме возеше велосипед од Македонија до Црна Гора, Хрватска и Босна: „Трошоците на ваков тип патување се минимални“

Возеше покрај морско крајбрежје, посетуваше национални паркови, водопади, попатни градови и доживеа безброј авантури. Кои места ги посети и што ти остави најголем впечаток од оваа тура?

Моето патување се состоеше долж целото крајбрежје на Црна Гора, потоа Хрватска до островот Млет, и правејќи отсек кон водопади Кравица во Босна и Херцеговина и завршувајќи во Мостар.

Крајбрежјето на Црна Гора е 293 километри и се состои од над 120 плажи. Стартна точка ми беше градот Улцињ и плажата Ада Бојана. Ада Бојана се наоѓа на триаголен остров, кој го определуваат Јадранското Море и реката Бојана. Ме шармираше со километри долгата песочна плажа и недопрениот див свет во резерватот, кој е опколен со ретки видови растенија и дрвја.

Потоа следуваа градовите Бар, Петровац, Свети Стефан, Будва, Котор, Пераст, Херцег Нови.

За највпечатлив би го издвоил заливот Бока Которска, долг 28,13 километри кој навистина одушевува со својата панорамска глетка и претставува огромно задоволство да се заобиколи на велосипед. Опкружен е со два масива на Динарските Алпи: планините Орјен на запад и планините Ловќен на исток. Овде би го додал и Пераст – мало, идилично село на истиот залив кое лесно ви го одзема вниманието.

https://www.instagram.com/p/CVsUboWsXtB/

Хрватското крајбрежје исто плени со прекрасните глетки. Овде вреди да се посети Арборетум Трстено, кој претставува најстариот уреден ренесансен парк во Далмација, од почетокот на 16 век. Потоа го посетив познатиот Дубровник – или како што го нарекуваат бисерот на Јадранот, чие историско јадро е запишано на списокот на светско наследство на УНЕСКО во 1979 година.

https://www.instagram.com/p/CVkJVuHs_Hf/

Иако имав желба да продолжам по целото хрватско крајбрежје сепак времето ми беше мој непријател и морав да ја завршам Хрватска приказната со островот Млет и Националниот парк. Националниот парк Млет е еден од осумте хрватски национални паркови. Главната атракција на паркот се две езера со солена вода поврзани со морето преку тесен канал.

https://www.instagram.com/p/CVsUT8fs33c/

Островот е добро подготвен со пешачки и велосипедски патеки кои се совршени за истражување и добро распоредени низ целиот национален парк. Ридот Монтокуц е највисокиот врв на националниот парк и дава одлична можност за пешачење.

И за крај би го издвоил спектакуларниот водопад Кравица – најпопуларната природна атракција во јужниот дел на Босна и Херцеговина. Висината на водопадот Кравица достигнува 25 метри и ширина – 120 метри и под водопадот се формира живописна лагуна со кристално чиста вода, каде може да се плива. Мојата завршна точка беше стариот мост во градот Мостар кој се протега на реката Неретва и ги поврзува двете страни на градот.

https://www.instagram.com/p/CVkIYx0s3m-/

Предноста на ваков вид патувања е тоа што секоја наредна минута може да биде сосема поразлична од претходната. Диме, како продолжуваше во тешки ситуации? Што е она што те мотивира да продолжиш напред?

Многумина кои возеле велосипед на подолги дестинации знаат дека понекогаш може да се соочат со тешкотиите за одржување на мотивацијата поради разни причини на пример лоши временски услови (дожд или премногу топло сонце), лоши услови на патот (понекогаш може да биде недоволно широк и опасен за возење покрај автомобилите или премногу стрмен) густ сообраќај итн.

Она што мене ме мотивира да продолжам напред и покрај сите препреки очекувани и неочекувани е секогаш мојата цел – само добра поставената цел и координирана визија за тоа, каде ќе стигнеме, каде ќе поминеме носи големо авантуристичко задоволство.

На ова би додал и дека „умот го движи телото“. Телото нè прави потег без умот да му каже. Значи, колку сме порешителни, толку повеќе труд вложуваме и со поголем интензитет го насочуваме напорот до крајната цел.

https://www.instagram.com/p/CVccAG7snDH/

Кои се предностите да се патува со велосипед?

Овој начин на патување е идеален за оние кои се грижат за природата. Велосипедот е целосно еколошки, не ја загадува околината и што е најважно – човек може да застане, да се восхитува на убавината на природата, различни градови или села. Кога има потреба да се запре, одмори, ноќева или да се надополни со храна од најблиските продавници.

Од друга страна велосипедистите не зависат од распоредот на автобуси или возови. Благодарение на овој тип на движење, човек може многу лесно да ги надмине долгите растојанија за релативно кратко време, се разбира, ако има добра кандидација и подготовка. На пример за разлика од планинарењето, велосипедистот нема потреба да носи тежок ранец на себе, бидејќи лесно се монтира на багажникот, а со тоа се ослободува од тешкиот товар.

Овој тип на патување не бара некои поголеми финансиски вложувања како на пример горивото и патувањето со кола – трошоците за одржување и поправка се релативно мали. А најважно од сè, возењето велосипед совршено го зајакнува здравјето, особено кардиоваскуларниот систем на телото.

А кои се предизвиците и тешкотиите за ваков вид на авантура?

Невремето и другите лоши временски услови може да го направат овој тип на патување доста незгоден. Покрај тоа треба доста добра да се размисли за безбедноста. Возењето по прометни патишта треба да биде доста внимателно и да се избегнува. Не смееме да заборавиме на кацигата, различните алатки, резервните гуми, а и почитувањето на правилата на патот. И покрај носењето кацига, јакни и друга сигнализација возењето може да биде ризично во случај на удар, лизгање итн.

Од моите истражувања што ги имам направено, засега една шведска компанија, која доби поддршка од UEU, дизајнираше кацига што се носи околу вратот. Кацигата содржи преклопено воздушно перниче кое се активира во случај на несреќа.

Мислам дека веќе однапред го знам одговорот, но сепак ќе го поставам. Си размислувал ли некогаш да го обиколиш светот со велосипед?

Ова прашање буди насмевка на моето лице. Мислам дека самоограничување на тоа колку далеку може да се стигне со еден велосипед зависи само од нашата имагинација. Сфатив дека ако можам да возам велосипед низ повеќе земји, тогаш мислам дека лесно би освоил и еден континент, а зошто не и низ целиот свет – доволно е само да се има доволно време и пари за ваков тип на патешествие.

По што го паметиш ова патување?

Ова патување ќе го паметам по тоа што успеав да поминам 3 земји од поранешна Југославија а во исто време заокружувајќи 8 земји од Балканскиот полуостров и Турција. Остануваат уште Србија и Словенија за сликата да биде комплетна.

© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Стефан Савевски за патувањето во Јордан: „Ја посетив Петра 4 пати, за Македонците треба виза, а лока... „Невозможно е да пропаднеш во водата на Мртвото Море дури и да вложиш напор, сам...
Ивана Угриновска за патувањето во Тајланд: „Сама возев мотор низ џунгла во 3 наутро“ „Секој сака да ужива во луксузни хотели, но јас сакам да искусам многу повеќе од...
Бев на одмор во Бари: Пиво ќе најдете и за 1,5 евра, но и комплет лежалки за 42 евра Постојат неколку начини од Скопје да се стигне до Бари - еден од нив е со авион ...
Моделот Павле Николовски го посети Исланд: „Ручек во ресторан не е под 150 евра, најевтин бургер е 2... „Исланд е третата најскапа земја во светот, а цените се скоро 10 пати повисоки о...
Владимир од Скопје патува низ светот: „Скокав од авион во Дубаи, најевтино е во Јордан, а најскапо в... За CRNOBELO.com, Владимир од Скопје вели дека најдобра храна вкусил во Мексико, ...
Бранко Илиески за патувањето во Перу: „100 пати да се вратам на Мачу Пикчу, нема да ми биде здодевно... „Во Перу јадат и морски прасиња. Ги печат на жар, како во фурна. Секако дека про...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg